Економија
Народната банка и ЕБОР заеднички работат на олеснување на пристапот до финансии за жените претприемачи
Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија.
Целта на оваа мисија е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава. На состанокот се разговараше и за зајакнување на процесот на обединување на напорите на регулаторите и на давателите на финансиски услуги со цел да се прошират можностите за финансирање на жените претприемачи.
„Народната банка активно работи на едуцирање на корисниците на банкарски услуги, што придонесува за подобар пристап до финансии на сите субјекти, вклучително и на жените претприемачи. Финансиската едукација на жените, како и финансиската вклученост на малите и средните претпријатија се дел од активностите предвидени со Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. Дополнително, Народната банка ќе работи на збогатување на статистиката за пристап до финансиите на компаниите кои се во сопственост на жени или се управувани од жени “, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
„Ни претставува задоволство што соработуваме со Народната банка во унапредувањето на Финансискиот код за претприемаштво кај жените во земјата. Оваа иницијатива ја истакнува нашата посветеност на зајакнувањето на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку целна поддршка и пристап до капитал. Со заеднички сили, ЕБОР и Народната банка се стремат да ја зајакнат средината во која бизнисите со кои управуваат жени ќе постигнуваат успех, ќе го поттикнат економскиот раст и во која ќе владее родовата еднаквост“, посочи Туркменоглу, постојаниот претставник на ЕБОР во Македонија.
Кодексот за финансирање на жените претприемачи се применува и е поддржан од околу 30 земји во светот. Целта е да се воспостави координирано спроведување на Кодексот при што ќе бидат ангажирани што поголем број чинители − регулаторите, давателите на финансиски услуги и други партнери, коишто ќе работат заедно на изградбата на националната инфраструктура за обезбедување податоци и анализа на родовата финансиска вклученост, како и проширување на понудата на финансиски производи што им се нудат на жените претприемачи.
Тимовите на Народната банка и на ЕБОР оценија дека нивна заедничка цел е да се зајакне поддршката на бизнисите предводени од жени и залагањето за родовата еднаквост, што ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост, отворање нови бизниси и работни места, како и за придвижување на економскиот раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Цените на нафтата паѓаат, берзите растат по отворањето на Ормускиот теснец
Цените на нафтата паднаа, а берзите забележаа раст откако иранскиот министер за надворешни работи соопшти дека Ормускиот теснец ќе остане целосно отворен за комерцијален сообраќај во преостанатиот период од примирјето.
Цената на нафтата Брент, глобален репер, падна за 9 отсто на 90 долари за барел. Американската WTI нафта, која служи како репер за САД, се намали за 9,5 отсто на 82,60 долари за барел.
Истовремено, на американските берзи пораснаа терминските договори. Dow Jones фјучерсите скокнаа за 560 поени, односно за 1,16 отсто. Терминските договори на индексот S&P 500 зајакнаа за 0,8 отсто, додека оние поврзани со Nasdaq 100 пораснаа за 0,9 отсто.
Директорот на Меѓународна агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека светот треба да се подготви за „значително повисоки“ цени на енергијата доколку Ормускиот теснец не се отвори.
Тој додаде дека дури и со неговото повторно отворање, цените на енергијата нема веднаш да се „вратат во нормала“.
„Треба да се подготвиме на нестабилни пазари во подолг период“, изјави Бирол за швајцарскиот весник Neue Zürcher Zeitung.
Според него, растот на цените ќе се почувствува на глобално ниво, а досегашното влијание на војната било делумно ублажено бидејќи танкерите со нафта и гас што веќе биле на пат пристигнале на своите дестинации. Сепак, во март не биле натоварени нови танкери.
Бирол посочи дека ќе бидат потребни околу две години за да се обнови производството на енергија изгубено на Блискиот Исток по конфликтот со Иран, при што темпото на опоравување ќе варира од земја до земја.
Економија
Перински од Вевчани: Меѓуопштинска соработка е решение за ограничените административни капацитети на малите општини
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, оствари работна посета на Општина Вевчани, каде одржа средба со градоначалникот Спасе Кочовски, како и со членовите на Советот и општинската администрација.
На средбата се разговараше за имплементацијата на проектите одобрени во 2025 година, како и за најитните потреби за поддршка од централната власт.
Посебен акцент беше ставен на потребата од унапредување на законската рамка за меѓуопштинска соработка, при што беше нагласено значењето на здружувањето на општините, особено на помалите, кои се соочуваат со ограничени административни и финансиски капацитети.
„Нашата цел во периодот што следи е да создадеме функционална законска рамка која ќе ја олесни и поттикне меѓуопштинската соработка, но и да обезбедиме конкретна институционална и експертска поддршка преку Ресурсниот центар. Само преку заеднички пристап и координација можеме да обезбедиме одржлив локален развој и вистински резултати за граѓаните“, истакна Перински.
Во рамки на двата јавни повика за капитална инфраструктура, за Општина Вевчани се одобрени вкупно 9 проекти во вредност од 25.869.953 денари.
„Во рамки на програмите на Министерството за локална самоуправа за 2025 година, во општина Вевчани успешно се реализираа три проекти со вкупна вредност од 1.728.509,00 денари, насочени кон подобрување на енергетската ефикасност на објектот на детската градинка преку поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија, јакнење на општинските капацитети и капацитетите на комуналното претпријатие преку набавка на потребна опрема. Овие инвестиции директно придонесуваат за подобри комунални услуги, поголема ефикасност на општинските служби и поголема заштита на животната средина“, истакна Кочовски.
Економија
Мицкоски: Шест квартали по ред имаме раст на БДП од 3,5%, во услови кога растот во ЕУ е под 1%
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на најновите информации и бројки за прометот на индустријата од Државниот завод за статистика, изјави:
„Па, имајќи ја предвид состојбата во светот и состојбата во Европа, ценам дека растот во прометот во индустријата и дома и надвор е солиден. И ние сме единствена земја што има таков раст во регионот, друга нема таков раст. Често пати кога коментираме, мора да правиме споредби. И сега оваа Влада шест квартали по ред има просек раст на бруто домашен производ од 3,5%, но во услови кога растот во ЕУ е под 1%. Некој ќе каже, имало периоди кога растот бил и 5,5% и 6%, но да, тогаш и растот во рамките на Европската Унија бил идентичен 5,5% и 6%. Сега имаме повеќе од три и половина пати поголем раст од оној просечниот што е во ЕУ, шест квартали, зборувам по ред. И тоа за нас претставува инспирација дека добро ги тераме работите. Сега не велам одлично, секогаш може подобро, но сега за сега имајќи ја предвид глобалната ситуација, мислам дека добро се тераат работите. Во тој предизвик е индустријата“.
Мицкоски кажа дека кај индустриското производство има два предизвици, т.е. слабата активност на дел од рудниците и стабилизација на производството на електрична енергија.
„Иако, има и такви структури во општеството коишто би сите рудници да се затворат и оние коишто ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе. Има и такви. Еве гледам реакција одма после стратешкиот рудник за антимон којшто е светски конкурентен, се појавија некои такви, одма да критикуваат за да добијат грант повеќе. И да ја кодошат државата и оваа Влада, но овој пат мислам дека на тврд орев ќе налетаат. Нема да се повлекуваме затоа што тоа е иднината, ако сакаме да имаме држава, тоа е иднината. И второ, она коешто мене ми е важно, покрај рудниците е да се стабилизира делот на производството на електричната енергија. И мислам дека е веќе во рамките на едни стабилни текови. Така што генерално, мислам дека, имајќи ја предвид состојбата ќе повторам, глобално сме на добра патека“, рече Мицкоски.
