Економија
Народната банка поднесе барање за членство во СЕПА

Народната банка, во својство на регулаторна и надзорна институција за давателите на платежни услуги во земјата, го поднесе формалното барање за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор. Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која го потпиша барањето, истакна дека предностите од пристапувањето во СЕПА се многу значајни за граѓаните и за компаниите, имајќи предвид дека најголемиот број од плаќањата со другите држави (или странство) се извршуваат во евра. „Минатата година, 87% од вкупните одливни плаќања, односно 77% од вкупните приливни плаќања со странство кај домашните банки се извршени во евра“, вели Ангеловска-Бежоска и истакнува дека ефикасноста на плаќањата во СЕПА ќе придонесе и за намалување на користењето готовина, ставајќи ја на преден план употребата на дигиталните начини на плаќање и поддржувајќи го преминот кон дигитално општество.
СЕПА носи повеќекратни придобивки за граѓаните, стопанството и давателите на платежни услуги. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот, односно во рамките на вообичаеното работно време, но и надвор од работното време, како и за викенд и за празници (24 часа седмично). Со пристапот до СЕПА, домашните даватели на платежни услуги ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи (платежните шеми) во областа на СЕПА, што ќе обезбеди директни релации со многу странски даватели на платежни услуги и намалување на нивните трошоци коишто произлегуваат од кореспондентното банкарство, а тоа ќе придонесе за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите во земјата.
Интензивните активности во изминатите неколку години за усогласување на домашната правна рамка во платежната сфера со правото на Европската Унија, создадоа основа за започнување на процесот за интеграција на земјата во СЕПА, пред да пристапиме во ЕУ. Документацијата за поднесување барање во СЕПА е резултат на заедничкиот напор на Народната банка и повеќе министерства и институции, како и на Македонската банкарска асоцијација. Овој заеднички напор ја истакнува посветеноста на нашата држава да го усогласи националното законодавство и неговата примена со стандардите на СЕПА, изедначувајќи го со нив во правна и функционална смисла.
Процесот на подготовка на барањето започна во рамките на Регионалниот проект „Модернизација на плаќањата за земјите од Западен Балкан“, како дел од Планот за раст на Западен Балкан, финансиран од ЕУ и произлезен од Берлинската иницијатива за создавање заеднички регионален пазар. Тој беше технички поддржан од долгогодишниот и значен партнер на Народната банка во сферата на плаќањата, Светската банка.
По однос на членството на нашата земја во СЕПА одлучува Европскиот совет за плаќања, тело одговорно за стандардизација и подобрување на платниот систем во Европа, со седиште во Брисел. Во наредниот период, Советот ќе го разгледа барањето и по процената на усогласеноста со стандардите на СЕПА, во соработка со Европската комисија, ќе донесе конечна одлука за прием во членството.
СЕПА брои 36 земји членки, при што покрај 27-те земји членки на Европската Унија, членуваат и 9 европски земји коишто не се во ЕУ (Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Андора, Монако, Лихтенштајн, Сан Марино и Ватикан).
За повеќе информации за предностите од пристапувањето во СЕПА, може да прочитате на следната врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-09072024.nspx
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Време е за паметен потег со решенија за штедење што носат резултати

Во време на брзи промени, економски предизвици и зголемена потреба за финансиска стабилност, сè повеќе граѓани ги практикуваат навиките за штедење. Штедењето денес не значи само чување средства на страна, тоа е стратегија и начин да се обезбеди сигурност за подобро утре.
Халкбанк, како банка која со години вложува во довербата на граѓаните, нуди штедни производи кои ги следат различните животни ситуации и потреби – од флексибилни решенија за оние кои сакаат слобода, до стабилни депозити за оние кои имаат долгорочни планови.
Пет различни модели на штедење со една заедничка цел: финансиска сигурност
Онлајн депозит – за дигиталните штедачи
Овој производ е идеален за сите кои сакаат брзина, ефикасност и потполна контрола од дома. Онлајн депозитот може да се отвори преку електронското банкарство на Халкбанк, без посета на филијала. Со минимален влог од само 3.000 денари, добивате можност за фиксна каматна стапка и можност за избор на рок на орочување (од 3 до 36 месеци). Каматата се пресметува на крајот од рокот, а сè е целосно безбедно со електронски потпис. Овој депозит штеди за вас – додека вие се посветувате на тековните приоритети.
Флекси депозит – за оние што сакаат слобода и флексибилност
Флекси депозитот е наменет за штедачи кои сакаат да дополнат или повлечат средства во текот на периодот на орочување, без да ја изгубат целосно каматата. Со минимален влог од 60.000 денари, овој депозит ви овозможува повеќекратни дополнувања и исплати, преку шалтер или преку електронското банкарство. Рокот е 13 месеци, додека пак каматната стапка е фиксна. Ова е совршено решение за оние кои сакаат штедење со флексибилност и контрола.
Мој депозит – за редовни приматели на плата или пензија
Овој депозит е креиран специјално за клиенти со редовни месечни примања (плата, пензија или други приходи) кои се насочени кон штедење и имаат потреба од дополнителна сигурност и поволни услови. Минималниот износ е 3.000 денари, а можете да изберете рок од 13 или 25 месеци. Каматата се исплаќа на крај или месечно. Дополнителна вредност е можноста за уплата на нови средства до истекот на рокот, што го прави овој производ идеален за континуирано штедење без компликации.
Е-касичка – дигитална навика за секојдневно штедење
Сакате да штедите „неприметно“, без голем напор? Со е-касичката, секоја ваша трансакција со платежните картички на Халкбанк може автоматски да се претвори во заштеда. Овој производ работи така што со секое направено купување, автоматски се издвојува мал износ во е-касичката. Каматната стапка е 1%, минималниот влог е само 100 денари, а рокот е 12 месеци. Совршено решение за оние кои сакаат да создадат навика за штедење без да го почувствуваат тоа.
Детски депозит – за иднината на најмалите
Детското штедење никогаш не било полесно. Со дизајнирана детска штедна сметка и подарок од Халки, овој депозит нуди фиксна каматна стапка, орочување до 60 месеци и можност за дополнителни уплати. Минималниот влог е само 1.000 денари. По полнолетството на детето, средствата автоматски се префрлаат на новата сметка. Ова е одличен начин да изградите финансиска навика и сигурна иднина за вашето дете.
Без разлика дали сакате целосна контрола, флексибилност или сигурност за вашето семејство – секој чекор кон штедење е чекор кон посигурна иднина. Производите на Халкбанк ви овозможуваат да штедите заедно со постојана поддршка. Затоа што вистинската вредност на парите не е само во тоа колку ги имате, туку како ги насочувате. А кога штедите паметно – живеете послободно.
(ПР)