Економија
Најавен шестиот пакет-санкции на ЕУ за Русија

Еврокомесарот за енергетика, Кадри Симсон, на прес-конференција во Варшава изјави дека шестиот пакет-санкции на ЕУ против Русија како одговор на нејзината инвазија на Украина се очекува многу бргу.
Агенцијата „Ројтерс“ наведува дека точниот датум на пакетот сè уште не е потврден, а како и за претходните рунди на санкции од ЕУ, ќе треба одобрение од земјите на Унијата.
Унгарската влада на Виктор Орбан веќе сугерира дека ќе се спротивстави на санкциите бидејќи блокирањето на пристапот на Унгарија до рускиот енергетски увоз ќе ја дестабилизира економијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Тиквеш“ почна да потпишува договори со лозарите за откуп на грозје

Винарската визба „Тиквеш“, на пет месеци пред официјалниот старт на годинешната берба, започна со процесот на дефинирање на соработката и потпишување договори со лозарите.
На денешната средба со лозарите во винарницата во Кавадарци, раководството на „Тиквеш“ го презентираше начинот на кој ќе се одвива меѓусебната деловна соработка, а која, како што беше наведено, се темели на почитување на светските стандарди за одгледување на лозјата, како и точните критериуми според кои ќе се одредува квалитетот на грозјето.
На овој состанок беа определени и количините кои ќе бидат откупени, како и рамковната цена за грозјето, кои се повисоки од ланските, како и дополнителните бонуси за предаденото грозје со екстра квалитет наменето за производство на премиум вина. На лозарите им беа дадени и насоки за динамиката на берба и прием на грозје во винарницата, за да се избегнат несакани појави на различни притисоци и уцени за прием на грозје од страна на поединци кои немаат регулирани договорни односи со винарницата, а се мотивирани од други интереси кои немаат никаква врска со вистинското лозарство и винарство.
„Со оваа средба ја продолжуваме воспоставената практика на разговори и потпишување договори со нашите партнери-лозарите, многу порано пред почетокот на бербата. На овој начин сакаме да им дадеме поголема сигурност на лозарите и да го зајакнеме нашето партнерство со нив, што е наша стратешка определба. Впечаток е дека лозарите се задоволни од понудените услови, најавените количини и цени за откуп, а покажаа и вистинско разбирање за потребата од почитување на стандардите за одгледување на грозјето кои се гаранција за висок квалитет што е неопходен за производство на квалитетни вина кои се бараат на пазарите ширум светот“, велат во „Тиквеш“.
Во „Тиквеш“ очекуваат дека оваа година ќе бидат потпишани и над 2000 договори за деловна соработка со лозарите.
Економија
Ковачевски: Носиме закон со кој граѓаните ќе можат да инсталираат фотоволтаични централи на крововите

Носиме законско решение со кое граѓаните ќе може да инсталираат фотоволтаични централи на крововите, истакна премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за законските измени за енергетика.
„Тоа прво треба да ги олесни градежните процедури за изработка на централа и тоа законско решение ќе се најде пред пратениците во текот на следниот квартал”, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека правилата за приклучување кои исто така се во надлежност на Министерството за економија и на кои се работи, при што ќе се обезбеди електрична енергија за разлика од сега да биде преземена од дистрибутерот на електрична енергија и третото Министерството за финансии веќе работи на подзаконски акт за да може да се воведе категоријата на даночен застапник при што ќе се олесни на дистрибутерот на електрична енергија да може да ја презема и да издава фактура на домаќинството кое не е даночен обврзник.
Дополнително во Осломеј е пуштена првата фотоволтаична централа од 10 мегавати и таму веќе се во подготовка практично проектите за почеток на реализација на уште две од по 50 мегавати фотоволтаични централи и уште една од 10 мегавати која ќе биде во сопственост на АД ЕСМ, а другите две по 50 мегавати ќе бидат на приватни инвеститори едниот од Бугарија, другиот од Турција кои што на основ на јавно-приватно партнерство ќе ги изградат на старите наоѓалишта во Осломеј.
На аукции веќе се изработуваат фотоволтаични централи, во поголем капацитет бидејќи во неколку години наназад се избрани инвеститори кои инвестираат сопствени средства.
Со тие три решенија како и со зголемување на постојниот капацитет од 4 киловати на 6 киловати колку што е предлогот како и дуплирање на капацитетот за компаниите кои сакаат да стават на своите кровови ќе се олесни постапката односно ќе имаме постапка која ќе биде идентична со постапката и процедурите во западно европските држави каде најголемиот број од нас имале можност да видат дека во најголемиот дел од покривите се инсталирани фотоволтаични централи.
Економија
Катастрофалното менаџирање на енергетската криза ќе доведе до уште повисоки сметки, велат од опозицијата

Енергетската политика на СДСМ и ДУИ е еднаква на енергетска катастрофа, заради таа катастрофа следи ново покачување на електричната енергија, порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.
Од партијата коментираат дека намаленото домашно производство на електрична енергија е рекордно најниско изминативе години, и е причина за енормните сметки за струја на граѓаните, општините и стопанството.
ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека „катастрофалното менаџирање на енергетската криза ќе доведе до уште повисоки сметки кои ќе ги плаќаат граѓаните наредниот период“.
„Наместо да произведуваат струја, владата на СДСМ и ДУИ единствено мислеше на криминалните тендери во РЕК Битола. Вчерашната хаварија со поплавата во РЕК Битола и сликата во која се наоѓа енергетскиот систем во Македонија. Со години хаварија во енергетскиот систем. Државата ги остави општините во долгови заради огромните сметки за електрична енергија. Наместо општините да решаваат инфраструктурни проблеми, преку реализација на проектите, тие мака мачат да ги платат огромните сметки за струја.
За разлика од сите енергетски компании во светот кои работат профитабилно, ЕЛЕМ е пред банкрот заради тоа што не произведува електрична енергија и увезува поскапа струја за 7-8 пати. Недоволното производство на струја, празните акумулации, криминалните тендери за фиктивен ископ, тендери во 4 очи и богатење на фирми блиски од фамилијата Заеви се причината за огромните високи сметки за струја на граѓаните и стопанството.
Оваа катастрофална состојба во енергетскиот систем треба што поскоро да запре. Премногу е!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.