Економија
НБРМ: Каматните стапки непроменети, монетарната политика го задржува внимателниот карактер

Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и присутните ризици од надворешното и од домашното окружување. Оттука, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Комбинацијата на досегашните мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочена кон јакнење на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
Инфлациските остварувања и понатаму претставуваат важен сегмент што треба внимателно да се следи. Имено, во мај 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 3,3%. Ова во најголем дел се должи на растот на цените на прехранбената компонента, што следува по завршувањето на важноста на мерките за ограничување на растот на цените. Од друга страна, порастот на базичната компонента на инфлацијата на годишна основа значително забави, додека трендот на намалување на цените на енергентите се задржа и во мај. Досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети во надолна насока, но и покрај тоа неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите поради геополитичките тензии и климатските промени сѐ уште е високо изразена. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката.
Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна. Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.691,1 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со втората декада од мај упатуваат на солидни нето-приливи од приватните трансфери за вториот квартал, додека трговскиот дефицит остварен во април засега е малку понизок од оцените за вториот квартал. Тековите во билансот на плаќања во првиот квартал од 2025 година се главно во рамките на очекувањата.
Економската активност во првиот квартал на 2025 година и натаму расте и изнесува 3,0%, слично на остварувањата во претходните два квартала и согласно очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Засега, податоците во април покажуваат раст на индустриското производство, додека прометот во вкупната трговија бележи реален пад. Ризиците за растот во следниот период од надворешното окружување се претежно надолни, а од домашното окружување и натаму се поврзани со брзината и со обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика. Имено, во согласност со првичните податоци за мај, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се малку повисоки од оцените за вториот квартал од годината.
Општо земено, најновите остварувања кај најважните макроекономски показатели, како и согледувањата за ризиците во однос на нивната идна патека укажуваат на потреба од натамошно внимателно водење на монетарната политика. Имено, ризиците поврзани со надворешното окружување и натаму се изразени, а внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.