Економија
НБРМ: Последните случувања во Украина значат нагорен ризик за инфлацијата

Засега непроменета каматна стапка, продолжуваме со реоценувањето, а идните промени се условени од макроекономските показатели. Ваков е заклучокот од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше заклучено дека последните случувања во Украина значително го менуваат глобалниот економски контекст и влијаат врз домашната економија. Тие во основа значат нагорен ризик за инфлацијата, а надолен ризик за економскиот раст. Од една страна, видливи се ефектите врз инфлацијата, а од друга, веќе се извесни ризиците за забавување на побарувачката поради зголемена неизвесност, воздржаност на домашните субјекти и намалена побарувачка од нашите трговски партнери. Во околности кога инфлацијата претежно е предизвикана од надворешни фактори на понудата, а ризиците за економскиот раст (побарувачката) се надолни, беше одлучено основната каматна стапка засега да остане иста, на нивото од 1,25 %, и да се понуди непроменет износ на благајнички записи од 10 милијарди денари. Тековната монетарна поставеност го поддржува кредитирањето на компаниите и граѓаните, односно обезбедува поддршка за натамошно закрепнување на економијата.
Сепак, ќе продолжиме со реоценување на поставеноста на монетарната политика имајќи ги предвид најновите информации за конфликтот, како и фискалните мерки и последиците од нив врз домашната економија. Всушност, веќе е почнат новиот циклус на макроекономски проекции, во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира и побргу.
Во однос на инфлацијата во домашната економија, има нагорни ценовни движења, како и во сите земји во моментот. Така, во првите два месеца од 2022 година остварена е просечна годишна стапка на инфлација од 7,1 отсто. Забрзувањето на инфлацијата е главно одраз на растот на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и општо на увозните цени. Ова доаѓа до израз особено во економиите што зависат од увоз, односно каде што значителен дел од потрошувачката е увезен, како што е случајот и со нашата економија, како една од трговски најотворените економии во регионот. Најновите проекции на ЕЦБ за инфлацијата во ЕУ, како наш најзначаен увозен партнер, како и нагорните ревизии на светските цени на енергентите и на храната, упатуваат на повисока инфлација во однос на проектираната според есенските проекции и кај нас оваа година, а потоа постепено намалување в година. Исто така, се следат и домашните фактори, особено состојбите на пазарот на труд и нивното можно влијание во претстојниот период. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена во согласност со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии. Народната банка внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и ако се забележат поизразени притисоци од побарувачката и позначително влијание врз инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со сите инструменти со кои располага.
Нивото на девизните резерви и анализата на показателите за нивната соодветност покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона. Неизвесниот амбиент, поради појавата на новите надворешни шокови, но и неоснованите шпекулации во јавноста во врска со стабилноста на девизниот курс, имаат неповолни влијанија врз побарувачката за девизи во економијата. Стабилноста на девизниот курс е загарантирана и не треба да се доведува во прашање. Во овој контекст, на седницата на Комитетот беа разгледани промените во валутната структура на штедењето, како и однесувањето на субјектите на девизниот и на менувачкиот пазар. Притоа беше заклучено дека одредени целни мерки, како што е промената во задолжителната резерва, може да се употребат како реакција на ваквите тенденции.
Во однос на движењата во реалната економија, во четвртиот квартал од 2021 година реалниот БДП бележи раст од 2,3 % на годишна основа, кој е поумерен во однос на очекувањата според октомвриската проекција. Со овие остварувања продолжи натамошниот раст на домашната економија, но побавно, во услови на ширење на петтиот бран од пандемијата поврзан со сојот омикрон, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и појавата на првите ефекти од нарушувањата на пазарот на енергија. Гледано за целата 2021 година, економијата бележи реален раст од 4 %, што е во рамките на очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка (3,9 %). Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2022 година се делумни и недоволни за согледување на состојбите во целина, а оцената е дополнително отежната и поради кризата во Украина. Податоците за јануари покажуваат натамошен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и мал раст на индустриското производство на годишна основ, по падот во претходниот квартал. Имајќи ги предвид најновите геополитички случувања, ризиците за проекцијата на растот и економските изгледи за оваа година се во надолна насока.
Солидните движења во монетарниот сектор продолжија и во февруари. Според првичните податоци, во февруари 2022 година кредитите и депозитите бележат солидни стапки на годишен раст. Растот на кредитирањето на корпоративниот сектор забрзува, при што и понатаму е поизразен во однос на кредитирањето на населението.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 се значително нагласени од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните потенцијални ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, што налага внимателно следење на состојбите. Народната банка продолжува со внимателното следење на движењата, ризиците и промените на глобалните и на домашните услови и е подготвена за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Регулаторите од регионот заедно ќе бараат решенија за менаџирање на водните услуги

Четири регулаторни тела од регионот, меѓу кои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија (РКЕ), Албанија, Косово и Црна Гора, како и Асоцијацијата на Регулаторни тела на Европа за водни услуги (WAREG), во Тирана потпишаа меморандум за соработка во областа на водните услуги.
Регулаторите се обврзаа и формално преку заедничка соработка да ја усогласат домашната регулатива со законите на Европската Унија.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, кој е воедно и потписник на меморандумот посочи дека документот е резултат на досегашните заеднички билатерални програми за соработка во рамки на WAREG за зајакнување на институционалните капацитети на регионално ниво.
Делиме исти предизвици, а клучен постулат во нашата работа е на сите потрошувачи да им се обезбеди правото на вода, која треба да е висококвалитетна и достапна по тарифа која ќе гарантира и инвестиции во мрежата со цел да се намалат загубите, посочи Бислимоски.
„Оваа фаза од процесот на реформи во секторот за води во нашите земји е неизбежна и од голема важност за да имаме доверливи, одржливи и економични системи за регулација на водните услуги. Последните податоци покажуваат дека немаме однос кон водата како природен ресурс и загубите на национално ниво достигнуваат до 60 % поради лошата инфраструктура и поради отсуство на инвестиции на јавните претпријатија. Секој пат кога се определува опсег на тарифа, советите на општините најчесто ја одбираат тарифата во чија структура степенот на инвестиции е на најниско ниво и подразбира базично одржување на мрежата. Ова е проблем со којшто сите се соочуваат и во регионот. Неопходно е да се објасни секој денар за што се троши и колку инвестиции се реализираат во комуналните претпријатија“, истакна Бислимоски, претседателот на РКЕ.
Економија
Создавање широк фронт за поддршка на стручни вештини и зелени иновации

Стручните вештините се клуч за побрза зелена транзиција на економијата и општеството воопшто и затоа e неопходно сите засегнати страни активно и интензивно да работат на нивно развивање и вклучување во наставните програми и образовните процеси, беше заклучокот од трибината која на тема „Вештини за зелен град“ се организираше во рамки на иницијативата Европска недела на стручни вештини и проектот ,,Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET”.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска истакна дека во последните неколку години е видливо созревањето на општествената свест за улогата на здравата животна средина за подобар и поквалитетен живот на граѓаните.
„Заштитата на животната средина треба и мора да биде интегрирана во сите сектори и во сите секторски политики. Зелениот развој бара брза и праведна транзиција кон зелена економија која наложува користење обновливи извори на енергија и воведување циркуларна економија во насока на одржлив развој на општеството. Овие промени условуваат и промени во образовниот процес, односно преквалификација и доквалификација на стручните вештини. Стручната подготовка и усовршувањето мора да ги следи потребите, да обезбеди разбирање и знаење, развивање на иновативниот пристап и примена на иновативни техники и технологии во производните процеси. Од таа гледна точка сметам дека проектите како што е Гриновет се од исклучителна важност“, изјави Оџаклиеска.
Таа истакна транзицијата кон зелената економија наметнува и потребата за отворање нови зелени работни места и тоа речиси 80.000 до 2030 година и 10.000 до 2035 година. За воспоставувањето на зелени работни места бара дефинирање на терминот и промени во националната квалификација на работни места.
Директор на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари, истакна дека веќе е воведена квалификација за техничар за заштита на животна средина преку која се обезбедува стручен кадар за оваа област, а учениците се оспособуваат по завршување на секој технолошки процес да знаат како да постапат со отпадот, за да не биде штетен за околината.
„Искуството покажува дека соработката со бизнис-секторот може значително да придонесе за промоција на стручното образование. Во таа насока би споделил податоци кои покажуваат дека во 2020 година имало 11 дуални паралелки, во учебната 2021/2022 година тој број пораснал на 97 паралелки, а оваа година се очекува да има повеќе од 200 дуални паралелки. Бројот на ученици кои се запишани во средните стручни училишта за само една година е зголемен за шест проценти“, истакна Мифтари.
На трибината се обрати и активистот за заштита на животна средина и креатор на апликацијата „Мој воздух“, и советник во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски.
„Образовниот систем мора многу посериозно да се насочи и посвети на овие прашања. Мене ми е драго што гледам дека има поголема возбуда околу зелените теми, зелени бизниси, околу тоа како да ги насочиме студентите да размислуваат како да придонесат кон циркуларна и зелена економија. Студентите треба да знаат дека има институции кои ќе го поддржат во реализацијата на овие идеи, како што се Фонд за иновации, зелени грантови, акцелератори. Истражете ги овие можности и презентирајте ги пред студентите“, им порача Јовановски на професорите кои беа присутни на настанот.
Доц. д-р Трајче Велковски зборуваше за формирањето на Центарот за извонредност на стручно образование и обука за развој на зелени иновации, кој се воспостави на Машинскиот факултет во Скопје, како еден од вкупно четири вакви центри во Европа.
„Треба да се потенцира дека постои значајноста и потреба за насочување на младите кон развој на зелени иновации, кои придонесуваат кон креирање клучни производи, услуги или процеси за намалување на штетата, влијанието на околината, во исто време оптимизирајќи ја употребата на природните ресурси. Да ги научиме младите и идните генерации да создаваат иновации кои ќе бидат основните двигатели за креирање на иновативна, инклузивна и одржлива економија“, рече Велковски.
Радмил Поленаковиќ, професор на Машинскиот факултет, истакна дека постои позитивна атмосфера за развој на стручни вештини и зелени иновации и дека со заеднички пристап на сите засегнати страни и со поддршка на медиуми таа треба да добие поголема димензија.
„Зелени вештини, дигитални вештини, претприемачки вештини и животни вештини тоа треба да биде темелот на кој ќе се гради образованието во иднина“, истакна Поленаковиќ, која најави и обуки за наставниците за стекнување зелени вештини, кои потоа ќе може да бидат пренесени на учениците.
Европската недела за стручни вештини почна да се организира 2016 година, како иницијативата на Европската комисија со цел ги собере на едно место сите засегнати страни – наставници, организации, студенти и обучувачи – заедно под еден чадор – за да ги прикаже придобивките на стручното образовани и обука. Оваа година настанот се одржува од 16 до 20 мај во повеќе европски држави, а фокус е ставен на промоција на стручното образование и обука и зелена транзиција.
Економија
Peugeot и Opel доминантни со своите гами на електрични и plug-in хибридни возила

На 18.5.2022 година во природен амбиент пред ресторанот „Камник“, Еуроимпекс Генералниот увозник за Peugeot и Opel за Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија, заедно со дилерската мрежа од двата бренда, организираше дружење со 100% електричнната и plug-in хибридна гама на Peugeot и Opel.
Импресивно беше друштвото од 10 електрични и plug-in хибридни возила, во исто време и на исто место, давајќи акцент на широчината и изборот кој го нудат гамите на двата бренда.
Добро е позната стратегијата на компанијата „Стелантис“ која се покажува како високо-успешна меѓу автомобилските гиганти. Кај брендовите Peugeot и Opel, електричните модели се одликуваат со батерии кои имаат импресивна автономија. Кај овие два бренда, клиентите имаат привилегија да го изберат моделот кој го посакуваат, а потоа да го изберат и погонувањето за моделот кој го сакаат. Па така на пример, кај Peugeot 2008 или кај Оpel Mokka, потенцијалните клиенти може да изберат помеѓу бензин, дизел или електричен погон.
Модлуларните платфоми го нудат луксузот кој клиентите го посакуваат т.е. тие овозможуваат возилото да биде електрично или plug-in хибрид, а притоа да се добие внатрешен и капацитет на багажниот простор ист по големина како и кај моделот погонуван од мотор со внатрешно согорување.
Кога станува збор за хибридната технологија, брендовите Peugeot и Opel во своето портфолио не понудуваат Mild Hybrid (MHEV) или Hybrid (HEV). Двата бренда целат високо и во однос на хибридната технологија се понудува Plug-in хибрид, кој е врвот на хибридното стебло понудувајќи батерија со најголем капацитет.
Иднината е електрична, а денес се дружеввме со следниве 10 модели: Peugeot e-208, e-2008, новиот Peugeot 308 PHEV, 3008 PHEV, 508 PSE PHEV, Peugeot e-Rifter, Opel Corsa-e, новата Opel Astra PHEV, Opel Mokka-e, новиот Opel Grandland PHEV и Opel Combo-e.
На истиот настан, ексклузивно и пред-премиерно за македонскиот пазар, беше изложена и новата Opel Astra со 1.6 Plug-in хибриден мотор и 180 коњски сили во својата премиерна „Kult“ жолта боја, како и долгоочекуваниот спортски Peugeot PSE со 1.6 Plug-in хибриден мотор и 360КС кој се истакна со својот моќен стил во новата „Selenium Grey“ боја и динамични детали во зелена „Kryptonite“ боја.
„Електричните погони целосно ќе ги потиснат моторите на внатрешно согорување и во блиска иднина ќе станат главен двигател на транспортните средства. Ние, Еуроимпекс и нашата дилерска мрежа, веќе активно работиме во насока на имплементирање на промените и иднината секако ја дочекуваме подготвени. Работиме во насока на 100%-на експертиза и професионалност и се гордееме со нашата богата понуда на електрични и plug-in хибридни возила.“ – изјави Зоран Серафимовски, Извршен директор на Еуроимпекс.
Повеќе информации за моделите и услугите можат да се добијат во салоните на Peugeot и Opel, како и на веб страните peugeot.mk, opel.mk и на дилерските страници.
Електрифицираните модели се достапни за нарачка.
ПР