Економија
Независниот академски синдикат со безрезервна поддршка на синдикатите што ќе излезат на предупредувачки протест

Независниот академски синдикат НАкС се приклучува како кон барањата на синдикатите од Конфедерацијата на слободните синдикати и на СОНК за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата, па така и кон повикот за доследно почитување на Законот за минималната плата и соодветно анексирање на колективните договори.
„Загрижувачки е тоа што поради немање слух на надлежните министерства, кои треба да бидат социјални партнери на сите нивоа и да дејствуваат во согласност со законите и колективните договори, синдикатите мора да бараат заштита на правата и интересите на вработените преку јавно искажување незадоволство, односно преку предупредувачки протест. Ние од НАкС сметаме дека покачувањето на минималната плата е добредојдена социјална мерка за подобрување на незавидната материјална положба на вработените со најниски примања, но сепак примената на оваа мерка треба да биде неминовно проследена со усогласување на постојните колективните договори. Неусогласувањето на колективните договори или неговото одложување недвојбено ќе доведе до сериозни недоследности и дисонанции во наградувањето на вработените во високото образование. Имено, трудот на вработените што имаат различно ниво на образование и извршуваат работа со различна сложеност не може и не смее да се воедначува или девалвира“, посочуваат од Независниот академски синдикат.
Затоа, како што велат, го повикуваат Министерството за образование и наука да не ги игнорира нивните барањата за дијалог со вработените во високото образование, туку веднаш да ги повика на преговори за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со усвоените измени и дополнувањата на Законот за минималната плата од февруари 2022.
„Со ова наше обраќање НАкС сака да им им искаже јасна и безрезервна поддршка на синдикатите од Конфедерацијата на слободните синдикати, кои ќе излезат на предупредувачки протест на 30 март 2022 година и да им посакаме успех“, е истакнато во писмениот допис од овој синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.
Економија
Влада: Реализиравме клучно ветување – просечната месечна нето-плата 31.080 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Ова значи и реализација на клучно ветување за просечна месечна нето-плата од 30.000, што веќе евидентирано ја надминува поставената цел. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1 отсто или за 2.863 денари.
Согласно статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19.5 %).
Податоците на Државниот завод за статистика го потврдија трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Доколку последниот податок го споредиме со март 2017 година кога просечната плата била 22.445 денари, разликата е 8.635 денари.
Владата и во услови на најголема светска криза, продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат.
Економија
Во тек е исплатата на образовниот додаток за трет мерен период

Министерството за труд и социјална политика известува дека во тек е исплатата на образовниот додаток за трет мерен период за учебна година 2021/2022 година во која се опфатени вкупно 32.403 корисници на ниво на држава.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа: за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година, за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година, за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Висината на додатокот за образование за ученици во основно училиште изнесува 737,00 денари месечно, односно 2.211,00 денари по мерен период. Висината на додатокот за образование за ученици во средно училиште изнесува 1.053,00 денари месечно, односно 3.158,00 денари по мерен период.