Економија
Николовски почна теренска кампања за претставување на мерките на земјоделците

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, од денеска почнува теренска кампања за промоција на сите мерки и јавни повици што изминатиот период ги донесе Министерството.
Теренската кампања почна денеска од Свети Николе, каде што министерот Николовски оствари неколку средби со земјоделците и директно ги информира за мерките што се во тек и ги повика максимално да ги искористат и да аплицираат на сите објавени повици.
„Ги слушаме земјоделците и земјоделските стопанства и заедно со нив подготвивме пакет-мерки. Земјоделците денес добиват рекорна поддршка, обезбедивме 400 милиони денари финансиска поддршка, со која го стабилизираме и помагаме домашното производство. Сега редот е на земјоделците максимално да ги искористат мерките и да аплицираат за оваа поддршка. Токму затоа од тука, од Свети Николе, најавувам дека почнуваме теренска кампања преку која сакаме уште еднаш да им ги презентираме мерките директно на земјоделците, да ги повикаме максимално да ги искористат, но и да чуеме од нив нови предлози за заедно полесно да ги надминеме проблемите што оваа светска криза ни ги носи“, изјави Николовски.
Во рамките на посетата на Св. Николе министерот Николовски најпрвин ја посети земјоделката Цвета Нацева во селото Ерџелија, која е корисник на мерката „Рурална жена“ и добитник на грант од 3.000 евра за претходниот повик. Цвета Нацева ги повика сите жени земјоделки да ги искористат мерките што ги нуди државата и да аплицираат на новиот јавен повик за мерката „Рурална жена“, кој е во тек. Министерот Николовски ја информира г-ѓа Цвета дека двојно е зголемена поддршката за оваа мерка од 3.000 на 6.000 евра за корисник.
Овој повик е наменет за жени носители на земјоделски стопанства, кои преку оваа мерка може да извршат инвестиции во набавка на опрема за преработка или доработка на примарни земјоделски производи и набавка на услуги за спроведување на деловниот план на инвестицијата.
Министерот го посети и младиот земјоделец Александар Младенов, добитник на грант од 10.000 евра за мерката „Млад земјоделец“.
„Упатувам апел до сите млади земјоделци што сакаат да ја работат оваа работа дека на многу лесен начин може да се дојде до овие грантови, само ако се сака. Се надевам дека и понатаму ќе се создаваат услови за подобар начин на работа“, рече земјоделецот Александар и информира дека со грантот набавил трактор, елеватор за жито и мелница со мешалка до 300 кг.
Заедно со земјоделците МЗШВ подготви Национален план за производство на храна, чија главна цел е поддршка и зголемување на домашното производство на стратешки култури, а со тоа и намалување на увозната зависност. За таа цел, обезбедени се нови дополнителни 5.722 хектара обработливо земјоделско земјиште, што го ставаме на располагање за обработка на стратешки култури. Свети Николе е една од општините во која се предвидени нови над 700 хектари земја за обработка на стратешки култури. Јавниот оглас е веќе распишан, а рокот за аплицирање е до 10 мај.
Министерот Николовски попладнето оствари средба на отворено со земјоделците од овој крај и ги повика да ја искористат оваа можност и да учествуваат на јавниот оглас. Министерот на средбата директно ги информира земјоделците и за мерките од интервентниот фонд и дека веќе течат пет јавни повици за набавка на траткори, силоси, изградба на мандри, набавка на опрема за производство на тутун и за мерката „Рурална жена“. Рокот за аплицирање за овие јавни повици е до 20 мај.
Преку јавниот повик за набавка на трактори акцентот е ставен на полјоделското производство. Овој јавен повик може да го искористат сите земјоделски стопанства запишани во ЕРЗС, кои не ја користеле поддршката во последните пет години. Поддршката е во форма на кофинансирање во висина до 75 % од вкупната вредност на набавениот трактор. Максималниот износ на поддршката за набавка на трактори е до 3.500.000 денари за корисник.
„Работиме неуморно и сме во постојана консултација земјоделците грижејќи се за секој од вас. Максимално искористете ги мерките што ги нудиме за зголемување на домашното производство. Да си помогнеме сами, а со тоа да му помогнеме на секој граѓанин во нашата земја. Во услови на криза се грижиме за секој килограм домашно производство со цел да не бидеме дополнително зависни од увоз на земјоделски производи од странство. Токму затоа ќе инсистираме секој килограм домашно производство на стратешка култура да заврши првин во домашните капацитети за преработка. Така е чесно, така е одговорно кон сите граѓани“, рече Николовски на денешната средба со земјоделците од Свети Николе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Грција одлучи да го плати рускиот гас во рубли, објавија агенциите

Сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлија на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли и нема да има прекини во снабдувањето, пренесуваат агенциите.
Извор од гасната индустрија во изјава за „РИА Новости“ кажал дека сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлиле на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли.
Изворот за агенцијата навел дека рокот за плаќање за испорака на гас е 25 април и дека затоа е неопходно парите да се уплатат на посебна сметка на 23 мај, бидејќи конверзија во рубли и префрлање пари од една сметка го продолжува рокот за еден до два дена.
„Потребни се два дена за да се претворат во рубли и да се префрлат пари од една на друга сметка. За да се направи ова, плаќањето во евра треба да пристигне на 23 мај“, објаснил тој.
Во Грција, трите главни увозници на руски природен гас се „ДЕПА Комерц“, „Митилинеос“, „Прометеј Гас“, пренесува агенцијата.
Според изворот, сметките се отворени а процесот на плаќање е во тек, пишува медиумот.
Коментирајќи ги објавите на грчкиот печат дека во случај на прекин на испораката на руски гас, грчките власти ќе бидат принудени да ја исклучат електричната енергија поради недостаток на капацитет, соговорникот на агенциите изјавил: „Нема да има прекин на залихи, се е во ред“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)
Економија
Ангеловска-Бежоска: И во светот и кај нас сѐ уште се очекува економски раст за годинава

Рецесија за годинава во моментот не се очекува. И покрај сите предизвици, сите релевантни меѓународни финансиски институции, сепак предвидуваат економски раст, но забавен. Рецесија не се предвидува ниту со песимистичките сценарија на меѓународните институции, како ММФ, Европската Унија, Европската централна банка, туку дополнително забавување на растот, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Радио Слободна Европа. Но, потребно е внимателно следење со оглед на природата на шокот и високата неизвесност.
Централната банка направи надолна ревизија на проекциите за економскиот раст на земјата за оваа и следната година, со коja за 2022 година се очекува економски раст од 2,9 %, а за 2023 година раст од 3,6 %.
Гувернерката посочува дека војната во Украина има ефекти врз глобалната економија преку повеќе канали. Првиот канал е високиот раст на цените на примарните производи, особено на храната и на енергијата, имајќи ја предвид улогата што Русија и Украина ја имаат на овие пазари. Друг значаен канал е намалувањето на трговијата, ММФ предвидува забавување на стапката на раст на глобалната трговија и од 10 % минатата година, таа би се свела на 5 % оваа година. Значаен канал е и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните финансиски пазари. Последниот, но многу значаен канал, е намалувањето на довербата кај инвеститорите и потрошувачите.
Гувернерката истакнува дека за нашата економија е специфично оти нема позначајни директни финансиски и трговски врски со Русија и Украина. Трговијата со нив учествува со речиси 2 % во вкупната трговија. Финансиските врски се релативно слаби: странските директни инвестиции оттаму се помалку од 1 %, приватните трансфери имаат незначително учество, а не се присутни руски и украински финансиски институции.
„Кај нас ефектите повеќе ќе се почувствуваат преку индиректни канали, а тоа е степенот до кој ќе биде погодена ЕУ како наш најзначаен трговски партнер и колку ќе се прелее тоа и кај нас. Исто така, ќе се одрази и затегнувањето на финансиските услови на меѓународните пазари, како и зголемената неизвесност, која може неповолно да се одрази врз одлуките за инвестиции и потрошувачка“, посочува гувернерката.
________________