Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,42% во однос на одлуката од 4.08.2022 година.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на мазутот М-1 НС не се менуваат.
Од 6.8.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 93,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 94,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 93,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 91,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 53,343 (денари/килограм)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Австриски медиуми: Енергетската криза ја зафати Австрија, општините ги исклучуваат уличните светилки

Општината Фуш, во областа Пинцгау, го укина уличното осветлување во текот на ноќта, пишува весникот „Салцбургер нахрихтен“.
Во текот на зимата, пак, најавуваат дека уличното осветлување повторно ќе се вклучи од 5:30, бидејќи тогаш е уште темно, а луѓето одат на работа, пренесува Б92.
Според градоначалникот Ханес Шертанер, секоја светилка ќе работи околу 2.000 часа помалку годишно.
Исклучувањето на уличното осветлување ќе донесе големи заштеди на општината бидејќи со повеќе од 26.000 киловат часови годишно, уличното осветлување е најголема потрошувачка после пумпите за базени, пренесува медиумот.
За да заштеди уште повеќе енергија, општината одлучила да премине „Лед“ улично осветлување.
А Виена веќе донесе одлука за зима, па оваа година нема да има божиќно осветлување на централната улица Виена Ринг, пишува медиумот.
Божиќните светилки остануваат на Ратхаусплац, но ќе се вклучуваат само откако ќе се стемни, а не во самрак како порано.
Економија
Машиновозачите во Велика Британија штрајкуваат, бараат зголемување на платите, патниците во неволја

Патниците низ Велика Британија се предупредени дека денеска повторно ќе се соочат со проблеми со користење на железницата, поради нов штрајк на машиновозачите.
Од Здружението на железничарите „АСЛЕФ“, кое вклучува девет оператори, ги напуштиле своите работни места бидејќи бараат повисоки плати, пишува „Ивнинг стандард“.
Поради штрајкот најголемиот дел од британските железници се во застој, а се очекува прекинот да продолжи во текот на утрешниот ден. Машиновозачите веќе штрајкуваа во јуни и јули, а нивните нови акции се очекуваат на 18, 19 и 20 август.
Градскиот транспорт во Лондон објавил дека железничките услуги нема да бидат во функција во текот на денот и ноќта, но тоа не важи за метро станиците. Утре не се очекува нормализирање на сообраќајот, пренесуваат медиумите.
Економија
(Видео) Ковачевски: е.GO е инвестиција од 130 милиони евра и 890 нови добро платени работни места

Македонската Влада застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, денеска во ТИРЗ Тетово потпишаа договор за државна помош за нова инвестиција, која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO.
Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќањето рече дека „денес ќе се постават темелите на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места“.
„Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал во Тетово и во државата. Со оваа значајна инвестиција, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека е држава која нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „НЕКСТЕ.Е.ГО“ имаат партнер од доверба. Она што особено ме радува е дека за прв пат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа. Оваа инвестиција ми е лично посебно драга. Не само затоа што ќе го промени на подобро животот на семејствата чии членови ќе работат тука, туку затоа што ќе го промени начинот на кој размислуваме за возилата. Затоа што ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Меѓутоа ова е иднината и на образованието. Вакви инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни“ рече меѓудругото премиерот Ковачевски.
Тој напомена дека „електричниот автомобил „е-Go“ кој ќе се произведува овде во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации. Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на „е-Go“, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар“.
„Во технолошко индустриските развојни зони, во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Јас никогаш не сум најавувал инвестиции, и оваа е инвестиција за која беше извесно дека ќе се случи. Оставивме прво да се договорат сите детали и потоа на изненадување на целата јавност, бидејќи ги гледам написите во медиумите, дознавме дека во Република Северна Македонија ќе има инвестиција којашто ќе биде од 130 милиони евра, и ќе биде на почеток со околу 900 вработени. И уште има такви инвестиции, од други инвеститори, а ние ќе оставиме тоа инвеститорите заедно со институциите да го најават, и ќе се случи многу брзо“ порача Ковачевски.