Економија
Одржана редовна седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 29 август 2024 година, го разгледа и го усвои Извештајот за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал од 2024 година, извести НБ.
Девизните резерви забележаа раст во вториот квартал на 2024 година и на крајот на јуни изнесуваа 4.338 милиони евра. Дел од растот на девизните резерви е одраз на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на Народната банка со откуп на девизи, коишто се одвиваа и во текот на третото тримесечје. Управувањето со девизните резерви беше во согласност со нивната основна намена при спроведувањето на монетарната политика, поддршката на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и одржувањето на тековната ликвидност за редовно извршување на обврските на државата кон странство.
Во согласност со принципот на сигурност, при позначителна променливост на финансиските пазари, беа зголемени најзастапените вложувања во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната со највисок кредитен рејтинг, меѓу кои и зелените државни обврзници, во склад со заложбата за одржливо инвестирање. Насочувањето на инвестициите во најбезбедни инструменти соодветствуваше со пазарното опкружување коешто во текот на вториот квартал се одликуваше со променливи движења, условени од динамиката на инфлацијата во еврозоната. Инвестициската активност се приспособуваше кон поволните економски остварувања на глобално ниво, во согласност со сигналите на централните банки за попретпазлив пристап во однос на намалувањето на референтните каматни стапки.
Имајќи ја предвид утврдената инвестициска рамка, најголемиот дел од девизните резерви на крајот од јуни се распределени во хартии од вредност (60,1%), по што следуваат валутите и депозитите (28,8%) и монетарното злато со 11,1%. Девизните резерви во земјите од еврозоната и натаму имаат највисока застапеност во географската распределба на девизните резерви, а од аспект на валутната структура преовладуваат пласманите во евра, во согласност со примената на монетарната стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото.
На седницата на Советот на Народната банка се донесоа и повеќе акти со коишто се врши усогласување со најновите измени во законската регулатива поврзани со работењето на Народната банка. Советот, исто така, ги разгледа и ги усвои полугодишните финансиски извештаи, соопшти Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Цените на бензините и на дизелот остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59% во однос на одлуката од 7.10.2024 година.
Од 11.10.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,034 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,254 ден/кг и сега ќе изнесува 44,034 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,37%, кај дизелот зголемувањето е за 3,192%, кај екстра лесното масло исто има зголемувањето од 3,675% и кај мазутот зголемувањето за 3,034%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,8091%.
Економија
Димитриеска-Кочовска: Никогаш не можам да се согласам со мерката на замрзнување на цените, ефектите нема да бидат толку големи, особено во услови на ниска инфлација
Во изминатите 100 дена работевме без штедење, кажа денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска.
Изрази задоволство од постигнатото, бидејќи како што рече, е обезбедено финансирање за сервисирање на сите обврски до крајот на годината и постепено стабилизирање на јавните финансии.
Таа потенцира дека состојбата кога ја презела власта во делот на финансиите била повеќе од алармантна бидејќи на располагање имале 47 милиони евра на девизната сметка, додека на денарската или како што појасни, основната буџетска сметка затекнале минус од 60 милиони евра и потрошени 71 процент од буџетскиот дефицит.
„За сто дена успеавме повеќе од сто проценти. Успеавме да изготвиме прекројување на државмната каса со што најдовме одговори на предизвиците кои ги наследивме и да го консолидираме Буџетот“, нагласи таа.
Во однос на кредитот од Унгарија кажа дека во текот на следната недела очекува да биде направен преносот на средствата а како што најави, ќе треба да се направи и дополнителна прераспределба во рамки на Буџетот.
Компаниите, средствата од кредитот, според нејзините очекувања, би можеле да ги користат пред Нова година.
„Во текот на следната недела очекуваме да биде направен преносот на средствата. Тука ќе треба да се направи и прераспределба во рамки на Буџетот. Ние ќе ги префрлиме парите кон Развојната банка на принцип на позајмица и таа понатаму ќе ги пласира. Мојата обврска беше да го потпишам кредитот, да ги обезбедам средствата, да ги префрлам на Развојната банка со склучен договор меѓу Министерството и Развојната банка, а понатаму Развојната банка и луѓето вклучени во целата постапка, треба да си ги преземат обврските и да ја продолжат понатамошната комуникација со комерцијалните банки“, изјави таа.
Министерката за финансии потенцира дека е против замрзнување на трговските маржи и според неа таквата мерка не носи никакви резултати.
„Никогаш не можам да се согласам со мерката на замрзнување на цени, маржи, тоа се сложени методологии за пресметка, и во државните институции нема доволно капацитет кој може точно да ги пресмета тие маржи и да потврди дека тоа е така. Во периодот кој следи очекувам да има промени во тој дел, и да не се продолжува на истиот овој начин, затоа што јас сметам дека ефектите нема да бидат толку големи колку што се очекува особено во услови кога имаме ниска инфлација“, појасни таа.
Спротивно на ова како што рече го подржува Законот за нефер трговски практики.
„Сметам дека тој повеќе ќе го регулира пазарот отколку овие математики кои ги правиме. Законот за нефер трговски практики многу поедноставно може да се проверува и следи во однос на она што значи замрзнување на цени.
„Јас сум човек што има став и не го менувам така едноставно, затоа што ниедна одлука досега не сум ја донела избрзано, ниту сум ја донела поради некаков инает туку само врз база на тоа што значи анализа на бројки и воочување на реалноста“, одговори Димитриевска Кочовска на прашањето дали била осамена во моментот на носењето на одлуката за маржите на Влада.
„Ако сум добила податоци и гледам дека профитабиолноста не е таква каква што компаниите или некој друг се обидел да ја претстави јас неможам да замижам на тоа. Но независно дали сум била осамена или не, одлуката на Владата е конечна, а јас само го кажувам мојот став и сметам дека е многу сложена проблематика особено во услови кога имаме проблеми од другата страна во однос на администрацијата и тоа кој ќе ги следи мерките и дали правилно ја анализирале методологијата, како ќе стигнеме до таа бруто трговска маржа.
Дискутабилна е и темата со високите цени при услови на инфлација од 2 до 3 проценти. Кога има таква инфлација значи не може цените да пораснале и да се толку високи. Суштината е, кои цени се виоски. Каде е најголемиот проблем? Тоа се цените на зелените пазари, и во овој момент граѓаните кога работат и кога подготвуваат зимници тука е најголемиот ефект е тука е проблемот. Ова е комплексно прашање и не се решава само со замрзнување на цени во еден месец и носење на одлука на Влада. Кај нас проблемот се земјоделските производи. За жал од година во година имаме се помало производство на овие производи и се поголчем увоз“, кажа Димитриеска Кочовска во однос на прашањето за замрзнувањето на цените.
Економија
Одржана седница на Советот на Народната банка: усвоен е кварталниот извештај за ризиците во банкарскиот сектор, задржана е стабилноста и подобрена е солвентноста
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор за второто тримесечје од 2024 година.
Во Извештајот се наведува дека во вториот квартал од 2024 година, банките работеа во поповолно домашно макроекономско окружување, во време кога геополитичкиот контекст сѐ уште е нестабилен и создава неизвесност и зголемени ризици за следниот период. Притоа, во овој квартал растот на депозитите на банките беше поумерен, но тој и натаму е солиден и овозможува одржување на кредитниот раст, којшто малку забрза во вториот квартал од годината.
Солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување. Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму. Задржувањето на добивките остварени во минатата година овозможи натамошно зајакнување на капиталните позиции на банките, додека без малку 40% од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни“ над потребното минимално ниво и може да се употребат за покривање на неочекуваните шокови и загуби. Повисоките показатели за солвентноста главно се темелат на распределбата на добивкaта од минатата година, а во голема мера се поддржани и од повисоките регулаторни и супервизорски барања за одржување повисок капитал од страна на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена. Имајќи предвид дека Народната банка во неколку наврати најави зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што ќе почне да се применува во наредниот период, се очекува дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува.
Ликвидноста на банкарскиот систем и натаму е на задоволително ниво, профитабилноста се подобри, но побавно од лани, додека кредитното портфолио на банките го задржа квалитетот. Спроведените стрес-тестирања покажуваат отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови.
Општо земено, и во вториот квартал од 2024 година банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност, со подобрена солвентност, добра ликвидност и задржан квалитет на кредитното портфолио. Сепак, условите и натаму се неизвесни, а ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат. Оттука, потребна е натамошна претпазливост во управувањето со ризиците и во водењето на политиките, а Народната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, ценовните нивоа и на банкарскиот сектор.
На Советот на Народната банка беа разгледани и други точки од редовното работење на централната банка.