Економија
Од денес поскапи горива

Од полноќ поскапеа бензините, дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за денар ипол, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Според оваа одлука, новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 е 86,50 ден/лит, на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 88,50 ден/лит, а дизелот по цена од 81 ден/литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство изнесува 80,50 ден/лит.
Се зголемува и малопродажната цена на мазутот за 0,801 ден/кг, во однос на претходно утврдената цена и чини 46,592 ден/кг.
Новата одлука за зголемување на цените, од РКЕ ја образложуваат со зголемувањето на цените на нафтените деривати на светските берзи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи од Њујорк: Членството во ЕУ ќе го заштити животниот стандард на граѓаните и во услови на кризи и конфликти

Оваа недела Обединетите нации беа политичкото средиште на светот, а една од главните теми што доминираше во дебатите несомнено беше Руската агресија врз Украина, која покажа како разорната сила од војната лесно се прелеа во економијата на секоја држава во светот при што ниту една не беше поштедена. Ова го изјави во Њујорк, заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи кој учествува на годинешното 78 Генерално собрание на ОН и самитот за одржлив развој.
„Но штетите беа помали кај оние кои во својата економска структура имаа развиено одбранбен механизам на надворешни шокови, независно од тоа дали тие се предизвикани од економски, еколошки или геополитички потреси“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека тој заштитен механизам се вика отпорност на економијата, а до таа отпорност, нашата македонска економија најбрзо може да дојде само преку забрзување на евроинтегративните процеси и полноправно членство во Европската унија.
„Членството во ЕУ нај напред ќе ни овозможи пристап до најголемиот единствен пазар во светот од 500 милиони потрошувачи, што ќе обезбеди разновидна база на потрошувачи на наши производи и услуги. Раширената мрежа од трговски договори, намалените трговски бариери ќе помогне да се надоместат загубите од евентуални идни шокови. Регулаторната хармонизација, конзистентните стандарди и практики во различни индустрии, може да биде уште еден извор на отпорноста на нашата економија“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека горенаведените се само дел од економските придобивки кои може Северна Македонија да ги добие, со кои ќе ја зајакне сопствената способност да се движи низ глобалниот економски пејзаж кој брзо се менува, и да го заштити животниот стандард на нашите граѓани и во услови на кризи и конфликти, за кои деновиве се зборуваше во Обединетите нации.
Економија
Средба Османи-Фидан во Њујорк: Трговската размена со Турција надмина една милијарда долари

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со новиот министер за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан.
Средбата се реализира на маргините на 78-то заседание на Генералното собрание на ОН, во Њујорк.
Упатувајќи уште еднаш честитки за новата функција, Османи изрази задоволство од нивото на севкупните односи меѓу двете земји и ја пренесе заложбата за натамошно продлабочување на соработката, согласно Стратегијата за зајакнување на билатералните односи, од 2008 година.
„Покрај редовните средби и дијалог, интерес на двете земји е да продолжи позитивната динамика и во економската соработка. За поздравување е фактот што Турција минатата година беше наш седми најголем трговски партнер со една милијарда долари размена“, рече Османи, нагласувајќи ја притоа важноста која во Северна Македонија се придава на присутноста на турските компании и инвестиции.
За време на разговорот стана збор и за регионалната соработката и соработката во рамките на НАТО и ОБСЕ, чиј претседавач оваа година е Северна Македонија, како и актуелните предизвици во регионот на Западен Балкан и последиците од руската воена агресија во Украина.
Економија
Бислимоски: Ако не се постави цевководот на мостот „Беласица“, ќе имаме ценовно цунами со парното греење во Скопје

Скопјани ќе плаќаат повисока цена за парно греење ако не се стави цевковод на опожарениот мост „Беласица“.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, објасни дека преку цевководот ја транспортира енергијата од ТЕ-ТО по многу пониска цена од топланите Исток и Запад.
Беслимовски е дециден: доколку не добие цврсто уверување дека ќе се врати цевководот на мостот „Беласица“, ќе имаме проблем со произведената количина топлинска енергија од ТЕ-ТО, која е трипати пониска отколку цената на топланите.
Вкупниот трошок во крајната цена што го плаќаат граѓаните од Скопје е 52 процента од топланите, а трошокот за ТЕ-ТО е 36 отсто. Беслимовски вели дека 60 отсто од топлинската енергија за Скопје се обезбедува од ТЕ-ТО, а 40 проценти од топланите во Скопје.
„Ако не се постави овој цевковод, тогаш би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини, додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот, нема да донесеме одлука за цената. Доста беше поради нечии препирки, тоа да оди на грбот на граѓаните“, рече Бислимовски.
Тој уверува дека нема да дозволат да дојде до ценовни шокови. Рече дека 30 проценти од сметката за топлинска енергија е субвенционирана, а новата цена ќе зависи и од тоа дали повторно ќе има владина помош.