Економија
Од полноќ поскапуваат горивата: бензините за 2, а дизелот за 1,5 денари

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,02 проценти.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 денари/литар, додека малопродажната цена на еуродизел (Д-Е V) се зголемува за 1,50 денари/литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,526 денар/килограм и сега ќе изнесува 40,053 ден/кг.
Од полноќ, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 40,053 (денари/килограм)
Во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување: кај бензинот за 5,848% , кај дизелот за 4,015% , кај екстра лесното масло за 5,285 % и кај мазутот за 4,763%.
Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,31 % .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Во тек е исплатата на образовниот додаток за третиот мерен период за учебната година 2022/2023 година

Министерството за труд социјална политика ги информира граѓаните дека во тек е исплатата на образовниот додаток за третиот мерен период за учебната 2022/2023 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:
– за првиот мерен период во текот на декември во тековната календарска година,
– за вториот мерен период во текот на февруари во наредната календарска година,
– за третиот мерен период во текот на мај во тековната календарска година и
– за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на јули во тековната календарска година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири еднакви износи по 2.211 денари на корисникот на правото на додаток за образование за дете во основно образование, а од по 3.158 денари на корисникот на правото на додатокот за образование за дете во средно образование по завршување на секој од мерните периоди утврдени со овој закон.
Економија
Ангеловска-Бежоска во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

„Без никакво сомневање, приоритетот на централните банки е стабилизирањето на инфлацијата за што и натаму треба да се водат внимателни макроекономски политики“. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата на гувернерите во рамките на самитот на гувернери на централни банки, министри на финансии и директори на даночни управи во регионот со наслов „Финансиската и монетарната стабилност во регионот во услови на продолжени геополитички и економски кризи“, кој се одржува во Црна Гора.
Гувернерката посочи дека од историска перспектива во справувањето со оваа инфлациска епизода во светски рамки сведочиме за едно од најсинхронизираните затегнувања на монетарната политика во изминатиот половина век, при што реакцијата на централните банки беше двојно посилна во однос на историскиот просек. Ова е карактеристично и за земјите од регионот, кои реагираа преку разни инструменти во зависност од монетарната стратегија и инструментариумот што го имаат на располагање. Како резултат на реакциите на централните банки и при падот на цените на примарните производи вкупната инфлација значително забавува и од нејзиниот максимум од 14,3 % во 2022 година се сведува на 10 % според последните податоци од април годинава иако базичната инфлација покажува поизразена инерција. Овој тренд се бележи и во македонската економија.
Во однос на идните инфлациски движења во економиите во регионот, како мали и отворени, таа посочи дека тие ќе бидат условени од неколку битни фактори. Првиот е трајноста и големината на надворешните шокови, односно поместувањата на пазарите на примарните производи, врз кои не можеме да влијаеме. Понатаму, важен фактор ќе биде степенот на чувствителност на економиите во регионот на надворешните шокови, што зависи од структурните карактеристики и преземените структурни реформи за ублажување на ранливоста – нешто што не може да се промени за краток рок, но може на среден. На крајот, од исклучителна важност за натамошно одржливо намалување на стапката на инфлација ќе биде водењето претпазливи макроекономски политики и нивната добра координација. Со помош на истрајноста во процесот на фискална консолидација ќе се изгради фискалниот простор, но ќе се обезбеди и поддршка во битката со инфлацијата.
На панел-дискусијата на тема „Одржување на стабилноста на цените и банкарскиот систем во неизвесни времиња“, на која учествуваше гувернерката, се претставија и гувернерите на централната банка на Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и вицегувернерите на Албанија, Словенија и на Србија.
_______
Економија
Во тек е етапната исплата на пензиите

Министерството за труд и социјална политика известува дека етапната исплата на пензиите за мај е во тек.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите што не користат картички ќе се реализира во четири групи според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.5.2023 година (понеделник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.5.2023 година (вторник);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.5.2023 година (среда) и
За пензии со висина над 18.001 денар, исплата да се изврши на 1.6.2023 година (четврток).
Пензионерите што користат платежна картичка може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања, информираат од МТСП.