Економија
Од посакуваните 100.000 долари, што останува од американската плата на крајот на месецот зависи од градот
За многу Американци, годишната плата од 100.000 долари изгледа како симбол на успех, но тоа е релативно и сѐ зависи од тоа каде живеете.
На пример, во Њујорк, таа сума, по одбивањето на даноците и скапите сметки за живот, изнесува 36.000 долари, објави „Блумберг“.
Ова се податоци од 76-те најголеми градови во САД за да се види каде остануваат најмногу пари од имагинарните 100.000 долари, а анализата ја направи Smart Asset, давател на финансиски информации.
Најниско е рангиран Њујорк, каде што 100.000 долари завршуваат како 35.791 долар.
Меѓу 10-те најскапи градови, освен Њујорк, се: Сан Франциско, Вашингтон, Лос Анџелес, Бостон и Сиетл.
Од 100.000 долари, најмногу пари може да ви останат во Мемфис, Тенеси, каде што, по одбитоците, ќе имате 86.444 долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на Народната банка: СЕПА ќе донесе заштеда од 16 милиони евра годишно за иселениците и за нивните семејства
По пристапувањето во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), прекуграничните плаќања ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди, додека во моментов тоа трае три дена, во просек и граѓаните од регионот на Западен Балкан имаат повисоки трошоци за шестпати, во просек, за прекуграничните плаќања од граѓаните во ЕУ. Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“. Таа изрази благодарност до високиот гостин, Масимилијано Паолучи, директорот на Светската банка во земјава и неговиот тим, кои посветено ги поддржуваат напорите на централната банка во трансформацијата на платежната инфраструктура, поставувајќи ги основите во финансиската сфера на патот кон ЕУ.
„Економските врски на нашата земја со членките на СЕПА се силни и постојано растат. Над две третини од нашата надворешна трговија се врши со земјите од СЕПА, што е еквивалентно на 101% од нашиот БДП. Покрај тоа, 87% од нашите вкупни одливи и 77% од вкупните приливи се извршуваат во евра. Со пристапувањето кон СЕПА ќе ги поедноставиме и ќе ги намалиме трошоците за овие плаќања, обезбедувајќи значителни придобивки за нашата економија и зајакнување на нашите врски со Европа“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што порача дека напорите на централната банка резултираа со поднесено барање за пристапување во СЕПА, на 10 јули годинава.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна и дека „поевтиниот, побрз и поефикасен платен систем ќе придонесе за поголема конкурентност на нашиот корпоративен сектор и негова понатамошна интеграција во ЕУ, особено на микро-, малите и средните претпријатија, коишто се столбот на нашата економија и вработуваат околу 75% од сите вработени и создаваат околу 70% од додадената вредност“. Таа нагласи дека нашиот финансиски систем значително се трансформира и ги зајакнува своите капацитети за обезбедување подобра услуга за домаќинствата и компаниите, што се гледа преку постојаното зголемување на финансиското посредување коешто достигнува 89% од БДП.
На работилницата беше истакнато дека придобивките од модернизацијата на плаќањата ќе бидат особено значајни и во делот на дознаките, коишто пристигнуваат преку банкарските канали, како и намалувањето на сивата економија.
„Со оглед на фактот што приливот од дознаки сочинува 3,1 отсто од БДП, намалувањето на трошоците од 3 отсто за трансакциите со дознаки ќе придонесе за годишна заштеда од 16 милиони евра за иселениците и нивните семејства. Студиите на Светската банка покажуваат дека со префрлување на 10 отсто од плаќањата извршени во готовина во дигитални плаќања може да се намали сивата економија за приближно 2 отсто“, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за земјава и за Косово.
„Со приклучувањето на земјава кон СЕПА не само што ќе се намалат трошоците за трансакции во евра, туку ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, преку подобрено управување со готовинскиот тек, зајакнат пристап до пазарите во ЕУ, како и подобри односи со деловните партнери, овозможено преку побрзо порамнување на плаќањата“, оцени вицегувернерката Емилија Нацевска, обединувајќи ги заклучоците од дискусиите на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“, при што истакна дека целта на Народната банка е да ги трансформира идеите и стратегиите за коишто се разговара во конкретни акции за натамошна модернизација на платежните системи, усогласувајќи ги со стандардите на ЕУ и обезбедувајќи поинтегрирана иднина за нашата економија.
Работилницата којашто се организира на иницијатива на Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на плаќањата на Западен Балкан, беше поддржана и од Европската комисија, како и Регионалниот совет за соработка, Секретаријатот на ЦЕФТА, Европската централна банка и од Европскиот совет за плаќања.
Економија
ТАВ Аеродроми: Подготвуваме мастер-план за развој на скопскиот и охридскиот аеродром
ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми.
Мастер-планот, кој интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската влада.
„Токму во насока на раст и развој на двата македонски аеродрома е мастер-планот кој во моментов го подготвуваме со помош на нашиот мнозински сопственик АДП. Целта е дополнително да ја развиеме авиоиндустријата во Македонија. Анализите ќе покажат што сè е потребно да се направи на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а потоа истиот ќе ѝ го презентираме на Владата. Нашата цел е да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром регионални авијациски центри, конкуретни на останатите аеродроми во регионот“, изјави Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија.
Во првите осум месеци годинава ТАВ Аеродроми опслужи 2,1 милион патници (2.128.981) на двата македонски аеродрома, што е 4% зголемување во однос на лани и 17.196 лета што е за 12% повеќе од истиот период во 2023 година.
Економија
Трипуновски: Со најавените една милијарда денари субвенции опфатени се сите категории на земјоделци
Денеска во општина Битола, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од медиумите беше запрашан за најавените 1 милијарда денари субвенции на што точно ќе се однесуваат.
„Тие средства кои што ги обезбедивме со ребалансот ќе бидат наменети за сите категории на земјоделски производители кои што се со соодветни апликации во Министерството. Тука се опфатени сите сточари, овоштари, лозаропроизводители и градинари“, истакна Трипуновски.
Нагласи дека на страната на земјоделците секогаш ќе биде министерството и владата кои ќе работат во решавање на нивните проблеми и маки.
„Опфатени се сите оние кои што во минатото требало, но не ги имаат земено субвенциите. Со ова сакаме да покажеме дека премиерот пред се, Владата сме цврсто решени навистина земјоделците да почувствуваат дека имаат вистински партнер од другата страна кој што ќе ги слушне и нивните маки, но и ќе работи и на решавање на нивните проблеми. И исто така ќе се гради еден добар однос кој што ќе значи Македонија да биде повторно земјоделска држава“, заклучи Трипуновски.