Економија
Од следната недела целосно се забрануваат ќесите од 15 денари, ќе се продаваат само биоразградливи
Од 1 јули целосно се забранува продавањето на пластични кеси и оксобиоразградливи кеси, односно тоа се оние кеси кои во маркет се продаваат за 15 денари. Дозволени ќе бидат само биоразградливи ќеси.
Оваа одлука следи откако беше усвоен новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Според истиот ќесите од 2 поскапеа на 15 денари пред година и пол.
Претставници на производителите на последната средба со министерката за животна средина, Каја Шукова, кажаа дека материјалот за изработка на биоразградливите кеси е тешко достапен за македонскиот пазар и дека се соочуваат со потешкотии во континуираното призводство на овие кеси. Предложија да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се обезбедат еднакви услови на пазарот, односно да се спречи нелојалната конкуренција со нудење на бесплатни пластични кеси. Побараа и намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале после 1 јули 2023 година.
Голем дел од фабриките ставија клуч на врата по владината одлука една ќеса да се продава по 15 денари. Според информациите од производител кој беше на средба со министерката, вели од 32 фирми, дваесетина веќе затвориле.
Сепак за овошјето и зеленчукот и во маркетите и на пазарите се уште се користат пластичните кеси. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани компаниите во земјава произвеле околу 5.000 тони пластична амбалажа, вреќи и ќеси.
Од Министерството за животна средина тврдат дека употребата на пластичните кеси е за 10 пати намалена, а особено намалување има во маркетите и тоа за околу 85%.
Земјите-членки на ЕУ веќе почнаа да забрануваат употреба на пластика за еднократна употреба, како цевчиња, чепкалки за уши, чинии, чаши и пластичен прибор за јадење за еднократна употреба. Во некои земји пластичните кеси се целосно забранети, во други се даночат, а во трети се наплаќаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Славески на Пролетните средби во Вашингтон: Гувернерите на централните банки и министрите за финансии ќе разговараат за стабилноста на светската економија
Гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ја предводат делегацијата од нашата земја којашто учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Како дел од делегацијата на Народната банка, на овие средби, ќе земат учество и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами.
Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
За време на средбите, делегацијата ќе одржи состаноци со заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, извршниот директор Жероен Клик и заменик извршниот директор Марникс ван Рај. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе се разговара за тековните економски состојби во земјава, за спроведувањето на монетарната политика и мерките коишто придонесуваат за постепена стабилизација на инфлацијата, како и за одржувањето на макроекономската стабилност.
Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната соработка. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата, каде што ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат членките во контекст на тековните светски финансиски и геополитички движења, како и на тркалезната маса за спроведувањето на клонот на системот за инстант плаќање ТИПС (TIPS), развиен со поддршка на Европската централна банка.
Предвидени се средби и со претставници на Светската банка, заменик-претседателката на Светската банка Антонела Басани и регионалната директорка за Западен Балкан при Светската банка Шјиаочјинг Ју.
Пролетните средби претставуваат еден од најзначајните светски економски форуми, на кој секоја година, на едно место, се собираат носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки. Тие, годинава, ќе разговараат за влијанието на геополитичките случувања врз економијата, економската стабилност и економскиот раст, инфлацијата и монетарните политики, како и за дигитализацијата на финансискиот сектор.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,73% во однос на одлуката од 6.4.2026 година.
Од 15.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 96,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 49,227 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 3,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 2,084 ден/кг и сега изнесува 49,227 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,703%, кај дизелот за 3,251%, кај екстра лесното масло за 3,960% и кај мазутот намалувањето е за 4,476%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,7165%.
Економија
Владата го усвои националниот план за енергија и клима 2025–2030
Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики, соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Планот, изработен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
Со вкупно 61 конкретна мерка, Планот опфаќа:
· 26 мерки за декарбонизација,
· 20 за енергетска ефикасност,
· 3 за енергетска безбедност,
· 11 за внатрешен пазар на енергија и
· 1 за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност“.
Во наредниот период, како што е наведено во соопштението, државата ќе преземе конкретни чекори за: засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.
„Планот е резултат на широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики.
За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.
Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.
Овој документ е јасна визија за енергетската иднина на државата, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат реалност“.
