Економија
Паушалите во сметките за струја ќе станат минато, Министерството за енергетика почна серија брифинзи за новиот закон

До 2031 година 80 отсто од граѓаните треба да имаат смарт броила, а првите веќе се очекува да бидат инсталирани за околу година и пол. Со ова ќе се елиминираат паушалите на сметките. Овие новини се предвидени во новиот Закон за енергетика.
Во меѓувреме, граѓаните на сметките ќе можат да прочитаат колку од неплатеното е потрошена електрична енергија, а колку паушал и ова се очекува да се случи од јулската сметка.
Според надлежните се отчитуваат 85 отсто од броилата, таму каде што не се отчитува станува збор за затворени објекти или објекти каде што не може да се влезе, велат од Министерството за енергетика кое со цел подобро информирање на јавноста и потемелно запознавање со новините што ги носи новиот Закон за енергетика, започна серија отворени брифинзи и дискусии со енергетските чинители, институциите и медиумите.
Првиот настан од оваа серија под наслов „Можностите на новиот закон за енергетика, со особен осврт на мрежните оператори и електродистрибуција на електрична енергија“, се одржа во едукативниот центар на Матка, во присуство на Александар Пауноски, Заменик директор на МЕПСО и Сашо Салтировски, Директор на Електродистрибуција,
Настанот го отвори Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање нагласи дека законот, кој опфаќа над 300 страници детална регулатива, претставува историска реформа во македонскиот енергетски систем:
„Овој закон конечно ги модернизира ’правилата на играта‘ – од производство до потрошувачка. Особено важна е преобразбата на електродистрибутивниот систем. Секоја промена што ја донесовме има конкретен ефект: попрецизни сметки, повисоки стандарди и појасна одговорност.“
Министерката за енергетика, Сања Божиновска во своето обраќање нагласи дека законот, кој опфаќа над 300 страници детална регулатива, претставува историска реформа во македонскиот енергетски систем и додаде дека сè што е добра практика во ЕУ се имплементира во Законот за енергетика.
Волфганг Маиер, извршен директор на ЕВН Македонија, истакна дека новиот закон го поставува темелот за дигитализирана, транспарентна и ефикасна електродистрибуција.
„Како компанија, веќе работиме на ефективна примена на сите новини предвидени со законот. И можам да кажам дека ова е навистина добар закон кој ќе придонесе за унапредување на енергетиката во земјата“, рече тој.
Во рамки на сесијата беа претставени повеќе клучни новини, меѓу кои:
· Обврска за паметни броила – до 2031 година, 80% од домаќинствата ќе имаат паметно броило, со што се укинуваат проценките, а сметките стануваат потполно точни и проверливи.
· Засилена транспарентност – јасна и детална пресметка на тарифите и објаснување на сметките кон секој потрошувач.
· Зголемена одговорност на дистрибутерите – конкретни обврски за време на интервенција, известување и известувачка отчетност.
· Поголема заштита на потрошувачите – подобрени механизми за надомест при прекини или штети и нови регулаторни алатки за кориснички приговори.
До 2031 година 80 отсто од граѓаните треба да имаат смарт броила, а првите веќе се очекува да бидат инсталирани за околу година и пол соп. Смарт броилата е само една од реформите кои ги носи новиот закон за енергетика. Со ова ќе се елиминираат паушалите на сметките. Во меѓувреме граѓаните на сметките ќе можат да прочитаат колку од неплатеното е потрошена електрична енергија, а колку паушал и ова се очекува да се случи од јулската сметка. Според надлежните се отчитуваат 85 отсто од броилата, таму каде што не се отчитува станува збор за затворени објекти или објекти каде што не може да се влезе
Александар Пауноски, заменик-директор на МЕПСО, подвлече дека операторот на преносниот систем е подготвен за имплементација на новите технички стандарди:
„Стабилноста на системот, приклучувањето на нови обновливи извори и намалувањето на загубите се директно регулирани со овој закон. Тоа ни дава силна основа за да работиме појасно, поефикасно и со повисоки цели.“
Сашо Салтировски, директор на Електродистрибуција, пак, додаде:
„Со овој Закон потрошувачот ќе има централно место и улога, сè се сведува на централизација и дигитализација. Ова е жив систем и сите чинители ќе треба да се вмрежуваат, а за тоа ни треба паметен систем. Обновливите извори дојдоа многу брзо, но добро се справуваме. Во наредните 20 години инвестициите во обновливи извори треба да се зголемат двојно. Но, ако за брзо време не почнеме со поставување батерии, ќе има проблем, бидејќи и сега капацитетите се исполнети 100 отсто. Ќе ни треба поддршка од луѓе и знаење за да ги забрзаме процесите. Сега имаме над 200 илјади смарт броила со далечинско отчитување и за 10 години ќе треба да ги смениме сите., изјави Салтировски.
Со Законот за енергетика се воспоставува нова рамка за дигитализација, ефикасност и отчетност во енергетиката, со јасни придобивки:
· За граѓаните: подобра контрола и сигурност
· За бизнисите: стабилно и квалитетно снабдување
· За животната средина: поддршка на зелена транзиција
Министерката Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со оваа серија едукативни и отворени настани во следниот период:
„Ова е само почеток. Ќе ги отвориме темите за обновливите извори, гасификацијата, енергетската ефикасност и критичните минерали. Отворената комуникација со јавноста и засегнатите страни е услов за успешна имплементација.“
Серијата брифинзи ќе е организирана во соработка со сите засегнати компании и институции во Македонија, а секој тематски настан ќе биде посветен на различен дел од законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Груевски: НБРМ ја слушна ЛДП и ги намали трошоците на банките, на ред се банките да ги намалат трошоците кон граѓаните

Конструктивниот предлог и притисокот на Либерално-демократската партија вроди со плод, велат од партијата. Потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски во изјава за медиумите посочи дека Гувернерот на Народната банка ја слушна и ја поддржа иницијативата на ЛДП за намалување на банкарските провизии и донесе одлука за намалување на трошоците на банките кон НБРМ. Сега на ред се банките да го следат чекорот на гувернерот и да ги намалат високите трошоци кон граѓаните.
„ЛДП минатата есен започна со реализација на кампањата ‘Твоја сметка, твои пари’ и преку претседателката на партијата, Моника Зајкова, поднесе предлог закон до Собранието за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци. Побаравме намалување или целосно укинување на: плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од банкомат на друга банка, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите во банкарското работење. Во најголемиот дел од земјите во Европската Унија, овие банкарски трошоци не постојат или се минимални, а кај нас се плаќаат огромни провизии. Тој предлог беше одбиен без аргументирана расправа“, вели потпретседателот на ЛДП, Груевски.
ЛДП уште еднаш преку својата пратеничка и претседателка, Моника Зајкова, ќе го поднесе Законот за намалување и укинување на овие трошоци, затоа што според Груевски, за ЛДП најважни граѓаните и нивната економска добросостојба.
„Не смееме да дозволиме апелот од Народната банка да остане само неуспешен обид за намалување на банкарските трошоци и само некој од далеку слушнат глас. Овој позитивен сигнал мораме да го искористиме за да ги намалиме банкарските трошоци“, додава Груевски.
На крај, потпретседателот Валентин Груевски ги повика сите пратеници и сите одговорни институции заеднички да ја завршат оваа иницијатива на ЛДП, законот да биде едногласно поддржан и сите да го почувствуваме бенефитот од оваа законска измена.
Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции

Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.
Економија
Министерството за финасии: Усвоен дополнетиот ребаланс на буџетот, обезбедени повеќе средства за проекти од инфраструктурата, образованието и социјалнaта заштита

Владата вчера на седница на предлог на Министерството за финансии го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025, во којшто се вградени и амандманите коишто беа усвоени во текот на расправата на матичната Комисијата за финансирање и буџет, а со кои се обезбедуваат дополнителни средства во Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за образование и наука.
Станува збор за дополнителни 6 милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово во Буџетот на Министерството за транспорт, дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и 5 милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Буџетот на Министерството за образование и наука, извести МФ.
Со дополнетиот предлогот усвоен од страна на Владата се обезбедени средства кај одделни буџетски корисници со цел редовно сервисирање на обврските, односно со прераспределби се изврши зголемување на средствата кај одредени буџетски корисници, со истовремено намалување на средствата од одредени буџетски корисници, со цел усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата до крајот на годината. Дополнителни измени се однесуваат и на дообезбедување на средства за плати, како и за сервисирање на обврски.
Измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година ги следат основните приоритети на фискалната политика кои се во насока на продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување на развојот, при што нема промена во проекцијата на нивото на буџетскиот дефицит.
Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 % повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1%, односно за околу 3,5 милијарди денари, што се должи пред се на развојната компоненета.
Со предложениот Ребаланс се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за непречена исплата на плати пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10%. Исто така, се обезбедени дополнителни средства за исплата на зголемени пензии и транзициски трошоци и како и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Капиталните расходи се планирани во висина од 47,4 милијарди денари и се во насока на додавање средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај коишто е веќе потврдена добра реализација, пред се во Министерството за одбрана.
Продолжува финансиската поддршка и соработка на Владата со општините, за кои претходно со донесената Прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници беа обезбедени дополнителни 584 милиони денари.
Со ребаласнот не се ревидира стапката на раст и таа останува на 3,7%, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025 година.
Инфлацијата е проектирана на 2,8% и се очекува нејзино стабилизирање, стапката на н невработеност е планирана на 11,1%.
Крајна цел на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година е непречено извршување на Буџетот и оддржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет, односно буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4% од БДП, се наведува во соопштението на МФ.
Дополнетиот Ребаланс на Буџетот ќе биде испратен на усвојување од страна на Собранието.