Економија
Пенков: Поддршката на Владата за локалната самоуправа е клучна, развиени општини се основа за развиена држава

Златко Пенков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието, истакна дека клучната поента е стабилизација на економијата, преку растот на БДП од 3% и зголемената економска активност во сите сектори. Тој посочи дека особено е значајна поддршката од страна на Владата за локалната самоуправа, со цел да се унапреди развојот на општините како основа за стабилна држава.
,,Клучна поента, клучен збор е стабилизација. Стабилизација со 3% раст во првиот квартал на БДП. За мене клучна поента на целокупниот документ наречен Ребаланс или предлог за измени и дополнување на буџетот е стабилизацијата која што јас ја гледам како одлична основа“, рече Пенков.
Пенков истакна дека буџетскиот дефицит останува стабилен што значи дека одговорно се управува со јавните финансии.
,,На приходната страна се проектирани 362 милијарди 377 милиони денари, а на расходната страна имаме проектирано 403 милијарди 727 милиони денари. Дефицитот, останува ист. Проектирана 41 милијарда и 350 милиони денари, т.е нема промена во висината на буџетскиот дефицит. Според доставените податоците, секако и во директна комуникација со заменикот министер, заклучивме дека станува збор за економски термин реалокација на средства“ истакна Пенков.
Пенков посочи дека БДП во првиот квартал од 2025 година пораснал за 3%, што укажува на продолжена стабилизација и зголемена економска активност во сите сектори.
,,Најважниот показател, БДП, во првиот квартал во 2025 година расте со стапка од 3%. Односно, продолжува позитивниот тренд. Она што во експозето на заменик министерот стои како продолжена стабилизација, мислам дека е јасно зошто, затоа и во претходните два квартали имаме исклучително позитивна стапка на раст меѓутоа за мене најважно е како е настанат тој раст. Со зголемена економска активност во сите сектори. Посебно ги издвојувам градежништовото со 7,1% меѓутоа не помалку важно и растот во преработувачката индустрија, со 3,7 процентни поенти“, кажа Пенков.
Според Пенков, растот на БДП се должи на зголемената домашна побарувачка, значаен раст на бруто инвестициите и позитивен придонес од растот на извозот.
,,На расходната страна растот на БДП се должи на зголемена домашна побарувачка. Бруто инвестициите имаат раст од 18% и на сето ова може слободно да додадеме и еден позитивен сигнал од растот на извозот од 1,2% на реална основа“, рече Пенков, и додаде:
,,Стапката на невработеност, често пати е екплоатирана тема, 11,7% и имаме намалување од 0,2 процентни поени додека стапката на вработеност во истиот период изнесува 46,3%“.
Тој посочи и на поддршката на Владата за општините преку финансирање инфраструктурни проекти и обезбедување финансиска стабилност, бидејќи според него, развиени општини се основа за развиена држава.
,,Многу значајна продолжува и останува поддршката на Владата до единиците на локалната самоуправа по најмалку два сегменти, првата е да се овозможи финансирање на инфраструктурни проекти од една страна и од друга страна да се работи на финансиската стабилност за единиците на локалната самоуправа. Затоа што конечно сите мораме да разбереме дека една држава за да биде развиена мора да има развиени општини“, додаде Пенков.
Пенков истакна дека Владата има приоритет да ги развие локалните самоуправи преку продолжување на децентрализацијата, пренесувајќи надлежности од централната власт на општините, со цел подобри услуги за граѓаните.
,,Врвниот приоритет на Владата се развиени единици на локалната самоуправа од една страна а од друга страна е продолжување на процесот на децентрализација, тоа значи надлежностите кои што ги имаат органите на управата кои што се по директни јурисдикција на Владата постепено да се пренесат на единиците на локалната самоуправа и тоа јас сум убеден дека ќе биде дополнителен инпут за секоја општина и за граѓаните на таа општина“, заклучи Пенков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.