Економија
Повеќето шефови на големите компании во светот очекуваат раст на глобалната економија во 2022

Повеќе од три четвртини од лидерите на големите компании предвидуваат подобрување на глобалната економија и нејзино зајакнување во текот на 2022 година, а само 15 отсто очекуваат влошување, покажува анкетата на PricewaterhouseCoopers (PwC).
Анкетирани се 4.446 извршни директори во 89 земји и територии во октомври и ноември минатата година.
77 отсто од испитаниците очекуваат подобрување, што е еден процентен поен повеќе од минатогодишните прогнози и за 54 поени подобро отколку во 2020 година кога повеќе од половина (53 отсто) од извршните директори предвидуваа пад на економијата.
Оптимизмот е најголем во Индија, каде што 94 отсто од извршните директори предвидуваат глобален раст оваа година во споредба со 88 отсто од претходното издание на истражувањето. Оптимизмот исто така силно расте меѓу извршните директори во Јапонија (83 наспроти 67 проценти), а е малку повисок и во Обединетото Кралство, со зголемување од пет процентни поени на 82 процента.
Во Италија и Франција оптимизмот исто така силно расте. Така, во најновата анкета на PwC во Италија таа погодила 89 отсто од испитаниците, што е 18 поени повеќе пред една година, а Франција доживеала најголем пораст на оптимизмот на извршните директори, со скок од 25 поени на 85 отсто.
Од друга страна, деловниот оптимизам за глобалната економија најмногу падна во САД – 18 поени, на 70 отсто, а се намали во Бразил (намалување од седум поени, на 77 отсто, Кина (за девет поени, на 62 отсто) и Германија (за четири поени, до 76 проценти).
Иако американските бизнисмени можеби се помалку оптимисти за глобалната економија, истражувањето покажува дека тие се релативно сигурни во изгледите за раст на нивните компании, со 40 проценти многу сигурни во растот на приходите во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Георгиевски: Националниот план за храна дава резултати

Време на светската економска криза не треба да биде време на блокади, туку време кога кога се покажува посветеноста кон доброто за народот. Опозицијата во Собранието предводена од ВМРО-ДПМНЕ мора да почне да се однесува конструктивно, затоа што во спротивно, ќе ја понесе одговорноста пред 18.000 тутунари, кои ги чекаат субвенциите за тутунот, истакна Гоце Георгиевски, Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
„И додека опозицијата прави опструкции, директно на штета на граѓаните, Владата продолжува со сите можни механизми да им помогне на граѓаните да се ублажи ударот од светската економска криза. Владата на чело со премиерот Димитар Ковачевски спроведува инвестициски бум во земјоделството. Националниот план за производство на храна ги покажува првите резултати“, вели Георгиевски.
Според него, илјадници хектари слободно државно земјоделско земјиште се става на рапсолагање за повеќе намени, од кои најголемиот дел за производство на стратешките култури. Интервентниот фонд, како што рече, веќе започна со првите исплати, односно за набавено вештачко ѓубре беа исплатени 15 милиони денари на над 1000 земјоделци.
„Се активираа со целиот свој потенцијал мерките за финансиска поддршка за модернизација преку поддршка за набавка на трактори, мерка за која интересот е максимален, како и останатите мерки за кои јавноста е редовно информирана. Пред само неколку денови, премиерот Ковачевски и министерот за земјоделство Николовски врачија 322 договори за финансиска поддршка за инвестиции во системи за наводнување. Најавени се и четири нови мерки во интерес на земјоделците. Поддршката е активна буквално во сите потсектори“, нагласи тој.
Потенцира дека продолжуваат да работат во интерес на граѓаните, особено за земјоделците кои, како што рече, ја имаат најблагородната задача во општеството, а тоа е да произведуваат храна.
Економија
(Видео) Каевски: Ребалансот на Буџетот обезбедува заштеди од 200 милиони евра и повисоки плати и пензии

Со ребалансот сериозно се кратат средства за непродуктивни трошоци во висина од 200 милиони евра, пари кои ќе се пренаменат за надминување на последиците од светската економска криза, вели Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Она што е важно во овој ребаланс, оценува Каевски, е тоа што секоја пренамена на средствата е во насока на поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и повеќе субвенции за земјоделците со цел зголемено производство на храна.
Ова, оценува тој, е одговорен, домаќински чекор во време кога целиот свет се соочува со недостиг на храна и енергенси.
„Заштитата и унапредувањето на стандардот на граѓаните е врвен приоритет за Владата предводена од СДСМ. И во време на светска економска криза успеавме минималната плата да ја зголемиме на 18.000 денари. Со Синдикатот се постигна договор за рекордно зголемување од 15 отсто на платите во образованието и детската заштита, а следува период на раст на платите во сите сектори согласно растот на минималната плата. Договорена е и нова методологија за постојан и одржлив раст на пензиите, а следното покачување ќе се реализира во септември оваа година. Просечната плата денес изнесува 31.080 денари што е реализација на клучното ветување на СДСМ за просечна плата од 500 евра“, појасни Каевски.
Според него, ова е показател дека македонската економија е стабилна и конкурентна и подготвена да се носи со сите предизвици.
Економија
(Видео) Арсовски: Инфлацијата двоцифрена, по ребалансот, кризата ќе биде продлабочена

Навистина е трагично со каков курс и знаење се управуваат финансиите на Република Македонија. Пред само шест месеци од истата оваа говорница, апелиравме, најавувавме, предупредувавме дека Буџетот за 2022 година кој го предложи и донесе Владата е тотално неразвоен и за жал, луксузирачки за власта, а воопшто не е од корист за граѓаните стопанството и државата, рече на прес-конференцијата Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Она што е уште потрагично, како што оценува, е што истиот економски тим што го носеше Буџетот и тогаш пред само 6 месеци, го крои и ребалансот на истиот Буџет сега. „Со нивната ароганција и самоувереност тогаш не убедуваа дека тогашниот предложен Буџет е најразвојниот и ќе ги санира сите проблеми, а гледајќи го сегашниот ребаланс, кој што треба да се дебатира во Собрание и да се гласа, сите ќе се согласиме дека Владата на чело со Ковачевски и Бесими ги лажела граѓаните и стопанството и ги потврдија нашите тврдења дека целиот проектиран Буџет за 2022 година им е промашен“.
„Навистина е нејасно и навистина е срамно, како во ек на економска криза која ја зафати светот и кога знаеле целата Влада дека ќе има криза, тие испланирале стотици уште минатата година кога се носеше Буџетот за целата 2022 година, испланирале милиони евра непродуктивни трошоци, кои сега наводно ќе ги кратат. Верувам дека и во иднина нив поважен ќе им е луксузот, како што им беше поважен во планирањето на годишниот буџет, така ќе биде и сега. Наместо на самиот почеток кога се планирал годишниот Буџет тие средства да бидат искористени, практично непродуктивните трошоци кои гледаме дека се огромна бројка стотици милиони евра, наместо да бидат искористени за стабилизација на економијата и стопанството во пресрет на кризата која гледаме дека нема да заврши набрзо и истите да влијаат во заштита на стандардот на граѓаните, тие испланирале стотици милиони евра за непродуктивни трошоци. Практично уште повеќе да ја заглават економијата и да ја потонат“, посочи Арсовски.
Самото ова кратење, како што потенцира сега е задоцнето и носи ненадоместливи штети.
„Вистинските непродуктивни трошоци лежат во одржувањето веб страни на министерство за политички систем, во ставката за перење на коли на одредени министерства кои се и тоа како големи, за пиењето и плаќање над 1200 кафиња дневно во Влада, изградба на милионски згради на институции токму сега на институции кои можат да почекаат подобри времиња итн итн. Ова се вистинските непродуктивни трошоци. Се во оваа Влада е вештачко. Дури ниту тие самите не се сигурни во себе и не знаат што прават и што ќе прават. Сето ова е купи ден, продади политика, која ја наследија од Зоран Заев и успешно продолжуваат да ја спроведуваат и да ја надградуваат“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Предупреди, дека кризата во Република Македонија со ваквата безидејност, со ваквата неспособност, како што рече, само повеќе ќе се продлабочи со овие необмислени потези и безидејноста на економскиот тим на Владата, само повеќе ќе трпат штети граѓаните и стопанството.