Економија
Поскапува цената на парното

Парното поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Според него, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО, кое, наместо 60 отсто, учествувало со 51,9 отсто во производството на топлинска енергија.
„Врз основа на трите барања од страна на трите компании на ЕСМ, кои се занимаваат со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија одржана е седница и донесена е одлука со која цената за потрошувачите на топлинска енергија во Скопје ќе се зголеми за 5,03 проценти.
Основна причина е поради тоа што предвидената цена за природен гас за јули од 37 евра за мегават-час, сега признаваме дека имало зголемен трошок и признаваме зголемена цена за 16 проценти, а тоа е 43 евра за мегават-час. Втора причина што влијаеше за одлуката е тоа што во јули сме предвиделе дека учеството на ТЕ-ТО во обезбедувањето на вкупните потреби за топлинска енергија ќе иснесува 60 проценти, а од топланите во Скопје ќе обезбедиме 40 проценти“, изјави Бислимоски.
Зголемувањето на сметките ќе биде 100 денари за просечно семејство.
Цената ќе се применува од 1 февруари.
Се очекува набргу и „Скопје Север“ да поднесе барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот, најави Бислимоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Лукаревска: Наместо половични мерки, власта да ги прифати предлозите на СДСМ за намалување ДДВ за струјата и укинување кај храната

Економијата во земјата е во слободен пад, граѓаните имаат се помалку пари поради енормните поскапувања и потребно е итно заедничко делување, истакна Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.
Наместо половични решенија, како што рече, бараат Владата и парламентарното мнозинство веднаш да ги прифатат предлозите на СДСМ за намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за храна.
Според неа, последната одлука да се ограничат маржите е задоцнета, половична и со суштински недостатоци.
„Замрзнувањето со ниво на цени од 1 февруари e погрешно, затоа што податоците на заводот за статистика укажуваат дека веќе во јануари има пораст на цените. Тоа значи дека се замрзнати производи со поскапи цени. Власта требаше да се врати наназад неколку месеци и како репер да ги земе тие цени а не овие покачени цени.
Дополнително, наместо да се ограничува маржата само на 102 групи на производи, треба да се опфатат сите 238 групи на производи.
Од овие причини, граѓаните нема да почувствуваат никаков ефект од овие половични и задоцнети мерки“, додава таа.
СДСМ, потсети Лукаревска, има конкретни законски решенија за стабилизација на цените и намалување на сметките за струја кои веќе се поднесени во македонското Собрание по итна постапка.
„Намалување на ДДВ за струјата на 5% струјата ќе донесе намалување на сметките за 13% веднаш! Граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно на сметка од 3.000 денари! Над 600.000 домаќинства веднаш ќе добијат намалени сметки!
Со укинување на ДДВ за храна над 250 категории прехранбени производи ќе поевтинат веднаш! Ова значи директна заштеда за граѓаните од околу 2.000 денари месечно.
Со севкупна примена на сетот мерки на СДСМ и Законот за нефер трговски практики ќе се дојде до намалување на цените за 30%“.
Заштитата на стандардот на граѓаните е обврска број еден на сите пратеници во македонското собрание и затоа бараме сите пратеници од сите парламентарни партии да ги поддржат овие законски измени, оценува пратеничката на СДСМ.
Економија
Ограничени маржите на над 1.000 производи, одлучи Владата

Владата донесе одлука со која се ограничува маржата во трговијата на големо и трговијата на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, информира на прес-конференција заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Ова како што додаде е со цел да се заштити животниот стандард на населението односно да се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалаци и кај средствата за лична хигиена.
Како што појасни на пет отсто се ограничува маржата на основните осум прехранбени производи и тоа: леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, млеко, јогурт и кисело млеко.
Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи: месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува на 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
Учесниците во трговијата се задолжени како што потенцира Ристески, сите овие производи да бидат 70 проценти застапени на рафтовите.
„Втората одлука којашто ја донесе Владата е утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало при што како највисоки цени се утврдуваат цените што се применувале на 1 февруари 2025 година. Двете одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во службен весник и ќе траат до 30 април“, информира тој.
„Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек од 10 отсто, освен осумте прехранбени производи, за кои се очекува да останат на исто ниво односно да не се зголемуваат цените или да има минимално намалување на овие цени“, додаде Ристески.
Економија
Започнува кампањата за информирање на граѓаните за jавниот повик од ИПАРД програмата 2021-2027 за мерката 1

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Телото за управување со ИПАРД, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започнуваат кампања за информирање на потенцијалните корисници по однос на можностите кои ги нуди инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД Програма.
Во рамки на кампањата, а по повод последниот објавен повик од ИПАРД Програмата 2021-2027 (ИПАРД 3) за мерката 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, ќе се одржат инфо-денови во повеќе градови, села и населени места, каде што заинтересираните корисници (физички, правни лица, задруги, задружни правни лица итн.) ќе можат да се информираат за постапките и условите за аплицирање со цел користење на средства од оваа програма.
На 20 февруари 2025 година, инфо денови ќе се одржат во општина Новаци, со почеток од 11:00 часот во општинската сала и во општина Могила со почеток од 14:00 часот во салата на Oпштина Могила.
Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици, сите заинтересирани може да ги добијат во Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.