Економија
Потврда за квалитет и доверба: „Реплек“ по петти пат сертифициран со EU GMP сертификатот
„Реплек“ по петти пат ја потврдува својата усогласеност со највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и добра производна пракса. Најновото сертифицирање со EU GMP сертификатот е доказ за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на производствените процеси, што ја потенцира нејзината доверливост и професионалност во секоја фаза од производството. Новиот, петти по ред, EU GMP сертификат вклучува проширување на опсегот на производството со три нови форми, и тоа супозитории, вагитории, како и гранулати за орална употреба (сакети). Ова е потврда на континуираното проширување на капацитетите со нови фармацевтски форми, што е резултат на интензивни инвестиции во модернизација на производствените линии, примена на најсовремени технологии, како и постојано усовршување на вработените.
Во своите завршни забелешки инспекторите нагласија дека „Реплек“ демонстрира висок степен на зрелост во спроведувањето на добрата производна пракса, високо стандардизирани оперативни процеси, како и робусен систем за квалитет, што ја потенцира доверливоста и професионалноста на компанијата во секоја фаза од работењето. Сертификатот е веќе официјално објавен на дата базата на Европската агенција за лекови (EMA).
„Новиот EU GMP сертификат е потврда за нашата долгорочна посветеност кон квалитетот, иновациите и безбедноста на производственото портфолио. Проширувањето на опсегот на производство е резултат на континуирани инвестиции во технологија и знаење, како и на посветеноста на целиот тим на ‚Реплек’. Сертификатот е признание кое дополнително ја зацврстува довербата кај пациентите и партнерите, и ја потврдува позицијата на компанијата како современа, конкурентна и подготвена да одговори на најстрогите европски и меѓународни стандарди. Станува збор за признание кое е резултат на постојани вложувања во човечкиот капитал, експертизата на вработените и иновативните технологии“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Ваквата потврда ја зацврстува позицијата на „Реплек“ како сигурен и кредибилен партнер на европските и меѓународните пазари, истовремено реафирмирајќи ја континуираната посветеност кон примена на највисоките стандарди во сите сегменти од оперативните процеси. Со новото сертифицирање уште повеќе се засилува стратешката поставеност на „Реплек“ на 450-милионискиот пребирлив европски пазар, каде што компанијата веќе пласира сериозен дел од своето портфолио. Овој европски GMP сертификат служи како референтен и за партнерите од голем број на останатите пазари, што значи дека се прошируваат можностите за пласман на производите на „Реплек“ и во тие држави.
Овој успех ја потврдува долгорочната стратегија на компанијата за одржлив и стабилен раст и развој, зацврстувајќи ја нејзината позиција на меѓународните пазари, каде што „Реплек“ пласира над 75 отсто од своето портфолио и продолжува да го зголемува својот удел преку висока доверба од потрошувачите. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

