Економија
Потпишани нови 900 договори за давање во закуп на државно земјоделско земјиште во 20 општини

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска потпиша нови 900 договори за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини дo 3 хектари. Овие договори се за двата јавни повици објавени во август 2021 година за површини во Битола, Македонски Брод, Виница, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Кратово, Кавадарци, Росоман, Неготино, Пробиштип, Радовиш, Велес, Берово, Пехчево, Валандово, Гевгелија, Струмица, Прилеп и Штип.
Министерот Николовски посочи дека договорите на апликантите ќе им бидат доделени на терен и дека праксата започната во периодот 2017-2019 година на неселективна распределба на земјата кај вистинските земјоделци, ќе продолжи и во наредниот период.
Во периодот 2017-2019 година се стави акцент на зголемување на обработливите површини преку правична распределба на државната земја. Се склучија 700 договори за доделување државно земјоделско земјиште во закуп, се искористија 4.000 хектари државно земјоделско земјиште во закуп за до 3 и над 3 хектари, се склучија 35 договори за површина од 124 хектари за производство на добиточна храна. За прв пат се објави инвестициски оглас и се потпишаа 17 договори за изградба на винарници, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри, со вкупна инвестиција од 11 милиони евра, а воедно се склучија договори за купување на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерија и помошни објекти во функција. Преку измени на Законот за земјоделското земјиште се ослободија од плаќање на закупнина младите земјоделци до 40 години во првите три години од закупот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард: Криптовалутите не вредат ништо

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард верува дека криптовалутите не вредат ниту дeнар.
„ Мојата многу скромна проценка е дека тоа не вреди ништо“, изјави Лагард за криптовалутите во интервју за холандската емисија „College Tour“.
„Тоа не се заснова на ништо“, додаде таа. „ Нема основни средства што би дејствувале како сидро на безбедноста“.
Лагард ги повика глобалните креатори на политики да воведат правила за заштита на неискусните инвеститори кои инвестираат во дигитални средства. Криптовалутите, особено биткоинот, изгубија повеќе од половина од својата рекордна вредност во ноември 2021 година.
„ Загрижена сум за оние луѓе кои мислат дека на крајот ќе бидат наградени, кои не ги разбираат ризиците, кои сето тоа ќе го изгубат и кои ќе бидат страшно разочарани, поради што верувам дека треба да се регулира“ рече Лагард.
Скептицизмот на поранешната шефица на Меѓународниот монетарен фонд кон криптовалутите не е нов. Таа претходно изрази загриженост поради влијанието на дигиталните валути врз животната средина, како и нивната потенцијална употреба во перење пари и избегнување санкции.
Претседателката на Европската централна банка денеска ги отфрли шпекулациите дека еврозоната се движи кон рецесија.
Економија
Грција одлучи да го плати рускиот гас во рубли, објавија агенциите

Сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлија на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли и нема да има прекини во снабдувањето, пренесуваат агенциите.
Извор од гасната индустрија во изјава за „РИА Новости“ кажал дека сите грчки компании кои увезуваат руски гас се префрлиле на нова процедура за плаќање на „Гаспром“ во рубли.
Изворот за агенцијата навел дека рокот за плаќање за испорака на гас е 25 април и дека затоа е неопходно парите да се уплатат на посебна сметка на 23 мај, бидејќи конверзија во рубли и префрлање пари од една сметка го продолжува рокот за еден до два дена.
„Потребни се два дена за да се претворат во рубли и да се префрлат пари од една на друга сметка. За да се направи ова, плаќањето во евра треба да пристигне на 23 мај“, објаснил тој.
Во Грција, трите главни увозници на руски природен гас се „ДЕПА Комерц“, „Митилинеос“, „Прометеј Гас“, пренесува агенцијата.
Според изворот, сметките се отворени а процесот на плаќање е во тек, пишува медиумот.
Коментирајќи ги објавите на грчкиот печат дека во случај на прекин на испораката на руски гас, грчките власти ќе бидат принудени да ја исклучат електричната енергија поради недостаток на капацитет, соговорникот на агенциите изјавил: „Нема да има прекин на залихи, се е во ред“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 18.5.2022 година.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалува 1,00 ден./л, а малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува 0,50 ден./л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,624 ден./кг и сега ќе изнесува 54,963 ден./кг.
Од 24.5.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин „евросупер БС-95“ – 95,00 (денари/литар)
Моторен бензин „евросупер БС-98“ – 97,00 (денари/литар)
Дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 54,963 (денари/килограм)