Економија
Прв месечен раст на буџетските приходи во јули од почетокот на ковид-кризата
Во јули се забележува прв месечен раст на приходите во буџетот од почетокот на ковид-кризата, со месечен раст од 1,4 % во однос на лани. Ова се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци, соопшти Министерството за финансии.
По реализацијата во јуни, која бележеше значително подобра наплата на приходите од април и мај, по олабавување на рестрикциите и реотварање на економијата, резултатите за јули укажуваат дека ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика.
Вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари. Даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари или 1,7 % помалку од лани. Данокот на додадена вредност првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2 %, што следува по падот во јуни од 7,5 % и високиот пад во мај и април од -33 и -43,5 % респективно. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3 %, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4 %, а помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка.
Придонесите забележуваат раст од 11,9 % во однос на истиот месец лани, со што продолжува добриот тренд на наплата на продонесите од јуни, кога беше забележана иста стапка на раст од 12,3 %. Растот на придонесите во време на криза во голема мера може да се препише на мерките што ги презеде Владата, односно поддршката од 14.500 ден за вработен заради исплата на платите за април, мај и за јуни.
Заедно со јули, кумулативно од почетокот на годината, падот на приходите во однос на минатата година е намален на -7,4 %, а заклучно со првото полугодие кумулативно изнесуваше 9 % во однос на лани. Даночните приходи сега бележат пад од 11,3 % кумулативно, а заклучно со првото полугодие бележат пад од 13 % во однос на лани.
Придонесите бележат раст од 8,6 % во однос на истиот период лани, а заклучно со првото полугодие бележеа раст од 8 %. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување на работните места во борба против ковид-кризата даваат резултати.
Расходната страна заклучно со јули бележи раст од 11,6 % на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против ковид-кризата. Оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од ковид-кризата во износ од речиси 6,9 милијарди денари. Исто така, и капиталните расходи се повисоки за 14,4 % во однос на лани.
Дефицитот, заклучно со јули, е реализиран 4,76 % од БДП и е во согласност со планираната динамика со ребалансот.
„И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија во услови на справување со ковид-кризата, извршувањето на буџетот се одвива според планот. По реализацијата на вкупните приходи во јуни, кои изнесуваа – 9,6 %, во споредба со лани кога рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат и економската активност да заживува, позитивната реализација во јули со раст од 1,4 % говори дека заживувањето се одвива со добра динамика. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на буџетот, без застој, во законски утврдените рокови, односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарувања кон буџетските корисници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данокот. Тука се и мерките против Ковид-19, поддршката што државата им ја дава на граѓаните и фирмите во согласност со можностите – преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното закрепнување на домашната економија и заживувањето на економската активност ќе продолжи со засилено темпо. Со оглед на непредвидливоста што ја носи оваа пандемија, финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евенутален втор бран“, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Министерството за финансии во насока на поголема транспарентност, од почетокот на ковид-кризата порано го објавува месечното извршување на буџетот, односно, наместо на крајот на месецот, се известува на почетокот на месецот за реализацијата на буџетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Филип Морис Интернешнл (ФМИ) и Тутунски Комбинат Прилеп (ТКП) – десет години успешна соработка во Македонија
Иновации во тутунската индустрија, производството на брендови на ФМИ за потребите на над девет странски пазари, финансиска консолидација на ТКП, зголемена ефективност и продуктивност се само дел од придобивките од 10 годишното партнерство помеѓу ФМИ и ТКП. Ова партнерство донесе голем број придобивки за локалната заедница и за Македонија, поставувајќи ја земјата на мапата на инвестиции на гигантот во тутунската индустрија. Брендовите кои се произведуваат во ТКП се извезуваат на девет пазари, меѓу кои и земји од ЕУ а во подготовка е уште еден.
„Десетгодишното партнерство меѓу ФМИ и ТКП е пример за позитивното влијание што силните меѓународни соработки можат да го имаат врз економијата и заедницата”, изјави Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски додавајќи дека “заедничките напори не само што ги унапредија нашите индустриски капацитети, туку создадоа и нови можности за тутунскиот комбинат кој успеа од загубар да стане профитабилна компанија“.
Соработката на компаниите резултира со позитивни резултати врз економијата, воедно овозможувајќи имплементација на напредни производствени процеси и инвестиции во најсовремена опрема.
„Навистина сме задоволни од постигнатото со ТКП во изминатата деценија. Заедно направивме голема промена во работата на ТКП и поставивме нови стандарди во индустријата во Македонија. Покажавме дека во Македонија имаме вистински партнер и дека оваа соработка ќе се продлабочува. Нашето партнерство е изградено врз меѓусебна почит, споделени вредности и заедничка визија за иновации и напредок”, изјави Иван Костиќ генерален директор на ФМТКП.
За ТКП ова партнерство донесе стабилност на Комбинатот и влијае позитивно на локалната заедница.
„Одбележувањето на десет години соработка со ФМИ е значаен јубилеј за нас,” изјави Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трипуновски при посетата на Тутунскиот Комбинат Прилеп. „Ова партнерство ни овозможи да ги подобриме нашите производствени капацитети, да усвоиме најсовремени технологии и да ги подигнеме нашите оперативни стандарди. Благодарни сме за поддршката и со нетрпение очекуваме многу повеќе години заеднички успех.”
„Среќни сме на оваа соработка и се надеваме дека ќе се продлабочи и во следните години и ќе донесе до уште поголеми резултати, за унапредување на работата на комбинатот но и за локалната заедница“, истакна Александар Алексовски, генерален извршен директор на Тутунски комбинат Прилеп.
ПР
Економија
Мицкоски: За следната година во буџетот предвидени 50,5 милијарди денари за капитални инвестиции
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети Тутунски комбинат АД Прилеп, по што на новинарско прашање, каков е планот за капитални инвестиции за наредната година, изјави дека Владата е фокусирана на вистински капитални инвестиции, пример се вложувањата за општините, реализацијата на Коридорот 10д. За следната година во Буџетот се предвидени 50,5 милијарди денари, тоа значи вложувања во инфраструктура, автопати, водоводи, канализации.
„Што се однесува до капиталните инвестиции, ние сме фокусирани на вистински капитални инвестиции тоа го гледате и во општините тоа го гледаат и на теренско. Скоро бевме тука, како би ја отпочнале реализацијата на проектот за Коридорот 10д којшто автопатски ќе ги поврзе Прилеп и Битола. На почетокот имавме дилема кој пат да го фатиме. Првиот пат беше да излеземе од тој проект, а со тоа македонските граѓани да плаќаат стотици милиони евра пенали, поради катастрофалниот договор што го прифатила претходната Влада или второто беше да работиме, да го забрзаме процесот и тој што побргу да се реализира. Ние одлучивме второто да го правиме, бидејќи ја сакам да имаме автопати. Тие се дел од нашата програма и бевме свесни дека мора двапати повеќе со покрупни чекори да работиме за да можеме да ја стигнеме динамиката, за да можеме тоа коешто беше испуштено од претходната Влада го надоместиме.
Сега веќе се работи на две секции од четирите, третата се подготвува, за четвртата Требеништа- Ќафасан имаме проблеми, бидејќи дел од делницата е во периметарот којшто е заштитен од УНЕСКО, дел е во приватни парцели. Работиме и на тоа, не направивме двапати побрзи чекори, четирипати побрзи направивме. На потегот од Прилеп до Битола од 1.200, 1.300 парцели, 850 веќе се решени, очекувам и другите. Армијата работи на деминирање, бидејќи на овој потег била линијата на фронтот во минатото. Така што, сите капитални инвестиции се реализираат и за следната година во Буџетот се предвидени околу 50,5 милијарди денари и тука не се предвидени оние трансфери коишто шпекулативно претходната Влада ги пријавуваше како капитални инвестиции. Ќе земат 200 милиона 12, 13, 15 милијарди ќе ги префрлат на некои од јавните претпријатија за да можат да обезбедат ликвидност при тековното работење и тоа го декларираа како капитална инвестиција.
Тоа се трансфери, тоа нема никаква врска со капиталните инвестиции и токму од тие причини граѓаните тоа не го чувствуваа во својот стандард. Ние имаме вистински реални капитални инвестиции!
Само еден податок ќе ви кажам за да имаме јасна претстава. До 24 јуни буџетскиот дефицит и реализираните капитални инвестиции беа три спрема еден, 18 милијарди на шест милијарди. Заклучно со месец октомври буџетскиот дефицит е под 24 милијарди. Капиталните инвестиции се околу 19 милијарди тие до крајот на годината би требало да се да се спојат што претставуваше наше основна задача, бидејќи за тоа што се задолжуваме тоа да го вложуваме преку капиталните инвестиции за да имаме додадена, додадена вредност. Отприлика тоа е поврзано со какви ќе бидат нивото на капитални инвестиции за следната година, автопати, водоводи, канализации. Овде во Прилеп тука и градоначалникот веќе се потпишани неколку договори се подготвуваме за следната година за следната година во февруари планираме да го распишеме огласот така што очекувам уште дополнително трипати повеќе и во Прилеп тоа што сме го збореле како опозиција мислам дека беа осум до 8,5 милиона годишно ако не се лажам да бидат веќе во февруари потпишани како, како договори. Плус на овие два и пол, три што веќе се потпишаа“, информираше премиерот Мицкоски.
Економија
Бензинот поскапува половина денар
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,10 проценти во однос на одлуката од 8 ноември.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,675%, кај дизелот има намалување за 0,029%, кај екстра лесното масло има зголемување за 4,191% и кај мазутот зголемувањето е за 2,904%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1794%.
Од 12.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,844 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,859 ден/кг и сега ќе изнесува 43,844 ден/кг.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.11.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.