Економија
Продолжен рокот за доставување барања за користење средства од ИПАРД, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој донесе одлука за продолжување на крајниот рок на јавниот повик 01/2023 за доставување барања за користење средства од ИПАРД-програмата 2014 – 2020.
Продолжувањето доаѓа на барање на заинтересираните странки, кои поради објективни тешкотии не се во можност да ги обезбедат соодветните понуди за планираните инвестиции и со тоа навремено да ги достават потребните документи за користење на финансиската поддршка.
Продолжувањето на рокот во согласност со одлуката е 15 дена, со што крајниот рок за јавниот повик 01/2023 е 3.10.2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Очекуваме ЕУ наскоро да излезе со нов план за економски раст, рече Османи на работниот појадок во Њујорк

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше домаќин на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на иницијативата, што се одржа во рамки на Генерално собрание на OН, во Њујорк. Настанот беше организиран во соработка со Советот за регионална соработка (СРС).
Фокусот на дебатата беше ставен врз европскиот интегративен процес на земјите од Југоисточна Европа, гледано преку призма на континуираната руска агресија врз Украина, која има длабоко влијание врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент.
Осврнувајќи се на мотото на претседавањето на Северна Македонија со иницијативата – „Премостување поделби, градење доверба“, Османи направи осврт врз приоритетите на нашето претседавање. Меѓу другите, зајакнувањето на демократијата, помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евро-атлантските интеграции.
Со оглед дека ПСЈИЕ е најсеопфатна регионална иницијатива во Југоисточна Европа, Османи ја потенцира неопходноста од заеднички ангажман, за сите прашања од витален интерес за регионот.
Пред присутните колеги и гости, го претстави концептот „Повеќе интеграција пред членство“ за кандидатите и потенцијалните кандидати за влез во ЕУ, кој предвидува конкретни придобивки додека трае преговарачкиот процес пред формалното членство.
„Очекуваме Европската Унија наскоро да излезе со нов план за раст кој треба да ни помогне како кандидати да го заживееме процесот, да го поттикнеме економскиот раст и да ги забрзаме реформите кои исто така се скапи за имплементација. Целта е нашите економии да имаат поголем економски раст, за што е потребна поддршка на земјите-членки на ПСЈИЕ, кои се и членки на ЕУ, како и прогресивна интеграција во eдинствениот пазар, проследено со зголемено учество во институциите на ЕУ “, нагласи Османи.
Северна Македонија е претседавач со ПСЈИЕ, во периодот 1 јули 2023 – 30 јуни 2024 г., како трето претседавање, по она од 2000-2001 и 2012-2013 година.
Економија
„Хјундаи“ инвестира повеќе од 12 милијарди долари во САД

Јужнокорејскиот производител на автомобили Hyundai Motor Group објави дека ќе инвестира 12,6 милијарди долари во изградба на погони за електрични возила и батерии во САД. Компанијата ќе потроши 7,6 милијарди долари на фабрика во округот Брајан, Џорџија, која ќе вработи повеќе од 8.500 работници. Во соработка со SK Ona, компанијата ќе инвестира и пет милијарди долари во фабрика за батерии во округот Бартоу, која ќе вработи околу 3.500 работници.
Техничкиот државен универзитет „Џорџија“ и неговиот Технолошки институт потпишаа меморандум за разбирање со Hyundai Motor Group, во кој се наведени соработката за истражување и примена на нови технологии вклучувајќи ја економијата на водород и развојот на работната сила.
Hyundai истакна дека во наредните години ќе создаде економска вредност во Грузија, која ќе се мери во десетици милијарди долари и ќе помогне да се отворат околу 40.000 работни места.
Економија
Бочварски и Закоњшек во Дојран ја промовираа Европската недела на мобилноста

Зелената агенда е висок приоритет на Министерството за транспорт и врски, со што преземаме низа мерки и активности за нејзина промоција како политика на Владата за заштита на животната средина и намалување на аерозагадувањето, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на општина Дојран.
Тој заедно со директорот на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница, Матеј Закоњшек, и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, ја одбележаа Европската недела на мобилноста, каде што се вклучија во промоција на велосипедот како алтернативно средство за превоз сè со цел да се подигне свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.
„Доколку сакаме поздрава животна средина, подобра иднина за нас и нашите деца, мораме да ги смениме нашите секојдневни навики и затоа сметам дека реформата во транспортните системи е неопходна. Ова е еден од алтернативните видови на превоз преку кој, почнувајќи од најмладите и вклучувајќи ги сите граѓани, сакаме да ја подигнеме свеста за користење на алтернативните видови на превоз, кои не само што го намалуваат аерозагадувањето туку заштедуваат и енергија. Ова е особено изразито во користење на автомобилите. Министерството за транспорт и врски е особено посветено на реализација на агендата за зелен транспорт, каде што се обидуваме преку транспортниот сектор да наметнеме нови мерки во намалување на загадувањето на животната средина“, изјави министерот Бочварски.
„Активно сме посветени на тоа како можеме да се движиме во нашите градови, нашите населени места на поинаков начин, на зелен и одржлив начин, на поздрав начин. Ова не е само во Европската Унија, туку во цела Европа и навистина се радувам што денеска со министерот Бочварски и овие ученици сме во Дојран, каде што го промовираме токму велосипедизмот. Со ова даваме одличен пример како преку поздрав алтернативен превоз можеме да влијаеме на подобрување на квалитетот на животната средина“, изјави директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.
Оваа година општина Дојран е дел од глобалната недела на урбана мобилност, во која учествуваат 2.695 града од 43 земји во Европа и светот.
„Како локална самоуправа се стремиме кон заштитата на животната средина и за таа цел презедовме низа активности за заштита на Дојранското Езеро како врвен приоритет. Во наредниот период е санација на колекторскиот систем и изградба на пречистителна станица како децениски проблем кој заедно го решаваме со Владата и со поддршка на словенечката амбасада. Како активност што ја преземаме во глобалната недела на мобилноста, Општина Дојран набави и 20 електрични велосипеди како придонес за заштита на животната средина, кои ќе им ги понудиме на туристите и сите заинтересирани граѓани“, изјави градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.