Економија
Просечната нето-плата во април – 31.525 денари

Државниот завод за статистика денеска објави дека просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во април годинава изнесува 31.525 денари. Таа е зголемена 10,9 отсто во однос на април минатата година.
Од ДЗС информираат дека ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (24,8 проценти), уметност, забава и рекреација (20,1 проценти) и административни и помошни услужни дејности (17 проценти).
Раст на просечната месечна исплатена нето-плата за вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: дејности на здравствена и социјална заштита (8,3 проценти), градежништво (5,6 проценти) и дејности во врска со недвижен имот (4,5 проценти).
Исплатена бруто-плата за вработен, пак, во април годинава изнесува 47.092 денари, што претставува 11 отсто зголемување во однос на бруто-платата во април лани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Парк со големина на Плоштадот Македонија ќе го збогати духот на Скопје

Во склоп на комплексот „Гранд Скопје“ се предвидува и нов урбан парк налик парковите во светските метрополи, најавува компанијата МГ Фешн која го гради современиот станбено-деловен комплекс „Гранд Скопје“ лоциран спроти хотелот „Холидеј Ин“.
Како што посочија од МГ Фешн, компанијата е подготвена да ја реализира оваа капитална инвестиција како донација за градот и понуди соработка со Општина Центар за уредување на овој простор со разновидно парковско зеленило по примерот на светските уредени урбани паркови и простори оплеменети со современа фонтана и урбана смарт опрема.
Паркот е предвиден на површина од близу 7.500 м2, што е приближна големина на Плоштадот Македонија, а истиот ќе претставува отворен јавен простор во кој што ќе може да уживаат сите граѓани.
„Бенефициите од изградбата на паркот секојдневно ќе ги уживаат не само жителите на ‘Гранд Скопје’, туку и сите жители на Скопје, но и пошироко, бидејќи нашата цел е овој парк, како и целиот комплекс, да прерасне во ново обележје на градот. За идните станари пак, паркот претставува исклучителна предност бидејќи ќе имаат можност својата иднина да ја градат во урбан зелен комплекс изграден по светски стандарди, и тоа во срцето на градот“, изјавија од компанијата.
Визијата на инвеститорот МГ Фешн е центарот на Скопје за прв пат да добие модерен јавен парк каков што заслужува, оплеменет со бројни квалитетни содржини од отворен карактер кои ќе го збогатат живеењеето во главниот град.
Во таа насока, во рамки на комплексот „Гранд Скопје“ во централниот дел ќе биде изградена и модерна шопинг галерија која ќе биде поврзана со паркот и која на посетителите ќе им овозможи дополнителни придобивки, како достапност до бројни кафетерии и ресторани, отворен шопинг простор, содржини за деца итн.
ПР-текст
Економија
„Нептун“ се здоби со сертификат „ФЕР со потрошувачот“

„Нептун Македонија“ се стекна со сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека „Нептун“ е ориентиран кон почитување на правата на потрошувачите и посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на делување.
„Нептун Македонија е компанија чија интенција е подобро да ги разбере потребите на потрошувачите, да ги идентификува клучните проблеми и трендови, и да ги отстрани сите причини за евентуално незадоволство кај нашите клиенти. Нашата цел е да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи, да воведеме практики за подобро почитување на правата на потрошувачите преку доброволно прифаќање на кодекс за фер однос кон нив и истото да се отслика во работењето во рамките на сите работни единици на компанијата” – изјави раководителот на продажба на „Нептун Македонија“, Димитар Стојковски.
„Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на Нептун кон процесот на сертификација. Тоа значи дека компанијата во сите наведени области ги исполнила условите и се стекна со сертификат – ФЕР со потрошувачот. Со сертификатот се верификува обврзаноста на Нептун да негува примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесе кон зголемување на нивната доверба и задоволство. Нептун претставува сертифицирана компанија која ќе биде објавена на веб-страницата ФЕР со потрошувачот за сертифицирани компании“ – изјави претседателката на ОПМ, д-р Маријана Лончар Велкова.
Сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ се доделува на компании кои имаат имплементирано јасно дефинирана стратегија за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, примена на фер пазарни практики при информирање, рекламирање, означување и склучување договори со потрошувачите, техничка поддршка и решавање поплаки и спорови, кои гарантираат заштита на личните податоци на потрошувачите и нивната приватност, инвестираат во едукација и свесност на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.
(ПР)
Економија
Тренчевска: Ги унапредуваме законските решенија за жените земјоделки

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, учествуваше на состанок на работната група составена од претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, Министерството за здравство, ФЗОМ, УЈП, ПИОМ и Правниот факултет – Скопје, во организација на Националната федерација на фармери која го поттикна процесот на решавање на правен механизам за остварување на право на надоместок за мајчинство и боледување на регистрираните земјоделки.
Претставниците од институциите го посетија и семејството на Вангелина Пармачка, регистрирана земјоделка од Будинарци, Беровско, кои со децении наназад се занимаваат со овчарство, производство на овчо сирење и производи од овчо млеко. На фармата на Пармачка во работата се вклучени сите членови на семејството.
Тренчевска се заблагодари на можноста за посета на фармата Пармачка и изрази уверување дека со заедничка работа на институциите и граѓанскиот сектор, ќе се дојде до унапредување на законските решенија кои ги засегаат земјоделците, особено жените земјоделки.
Таа се осврна и на Конвенцијата за мајчинство, усвоена од Меѓународната организација на трудот, а ратификувана од нашата држава и неопходноста од нејзина имплементација, а го уредуваат прашањето за мајчинство.
„На еден транспарентен начин, со отвореност за предлози и идеи од сите засегнати страни, можеме да дојдеме до решенија кои ќе водат кон унапредување на човековите права на жените и кои ќе бидат усогласени со меѓународните и националните политики на државата. Нашата држава е претежно земјоделска земја и можностите за вработување во оваа дејност се големи. Токму затоа, креирањето на квалитетни државни политики и мерки за руралниот развој се од големо значење за луѓето кои живеат во руралните средини“, рече Тренчевска.
Министерката ја потенцираше целта на законските измени кои се во насока на подобрување на положбата на жената земјоделка.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Никица Бачовски, истакна дека Агенцијата како институција задолжена за имплементација на програмите за финанисиска поддршка во континиуитет ја докажува својата практична заложба за подобрување на економската положба на жените од руралните средини.
„Како резултат од работата на полето на родово-одговорното буџетирање, креирана беше мерката 115 од програмата за рурален развој, односно мерката за поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство. Оваа мерка објавена за првпат во 2019 година како пилот мерка по принцип на грант од 100% од направените прифатливи трошоци со максимална вредност до 3000 евра. На последниот јавен повик за истата мерка максималниот износ по корисник го зголемивме за дупло, односно од 3.000 на 6.000 евра“, рече Бачовски.