Економија
Ребаланс на буџет: Растот проектиран на 3,2, инфлацијата на 7,2 проценти а дефицитот на 5,3 проценти од БДП

Нови, дополнителни 76 милиони евра во случај да се потребни нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка за фирмите, дополнителни 52 милиони евра за земјоделците, покачување на пензиите и платите на наставниците, како и субвенции за покачување на минималната плата. Ова се обезбедува со ребалансот на Буџетот, усвоен од Владата, а кој го презентираше во јавноста министерот за финансии Фатмир Бесими.
Вкупните приходи со Ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9%, односно за околу 16,1 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Односно, 24,2 милијарди денари се дополнителните расходи, од кои 4,2 милијарди денари за зголемување на пензиите се реализира од ПИОМ, и 4 милијарди има кратење во буџетот со ребалансот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.
„Проектирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Обезбедуваме заштита – бафер, за да имаме простор за брза реакција со нови мерки за заштита на граѓаните и стопанството. Предвидовме дополнителни 3,2 милијарди денари за субвенции за земјоделците, со цел стимулирање на приносите и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехранбени производи. Исто така предвиден е пораст на трансферите до ЕЛС за покачување на платите на вработените во градинките, како и за вработените во основните и средните училишта за 15% почнувајќи од септември 2022 година. Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка на пензиите. Планирани се средства за програмата за субвенционирање на придонеси за поддршка на плати“, вели Бесими.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Сепак, оваа сума е за 8,8 милијарди денари повисоко во однос на минатата година или за 16,1 милијарди денари односно два пати повисоко во однос на 2020 година.
Министерот посочи дека значајни инвестициони вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, на Коридорот 8: проширување на автопат Тетово – Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар – Букојчани, делницата Ранковце – Крива Паланка и Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево – Букојчани и делницата Кичево – Охрид. На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола. Дополнително, JПДП ќе изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово – Призрен. Исто така со кредитни средства предвидена е изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце (граница со Косово), подобрувањето на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија преку Проектот за поврзување на локални патишта.
Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор VIII, како и Проектот изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Планирана е и изградба на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија.
Во областа на гасификацијата, предвидено е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.
Министерот Бесими истакна дека се предвидени повеќе крупни капитални проекти во заштитата на животната средина, здравството и образованието.
Дефицитот и отплатата на надворешен долг и домашен долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари, ќе се финансираат преку задолжување на меѓународниот и домашниот пазар. Со оглед на актуелните економски и надворешно-политички состојби, оваа година поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари. Ваквата определба ќе овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во македонската економија, а дополнително, преку надворешните извори за финансирање ќе се зголемат девизните резерви на државата.
Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2%, во линија со проекцијата на ММФ, додека стапката на инфлација во 2022 година е проектирана на 7,2%. Растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9%, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5%. Просечната нето-плата се очекува забрзано да расте со проекција од 11% за 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Парк со големина на Плоштадот Македонија ќе го збогати духот на Скопје

Во склоп на комплексот „Гранд Скопје“ се предвидува и нов урбан парк сличен на парковите во светските метрополи, најавува компанијата МГ Фешн која го гради современиот станбено-деловен комплекс „Гранд Скопје“ лоциран спроти хотелот „Холидеј ин“.
Како што посочија од МГ Фешн, компанијата е подготвена да ја реализира оваа капитална инвестиција како донација за градот и понуди соработка со Општина Центар за уредување на овој простор со разновидно парковско зеленило по примерот на светските уредени урбани паркови и простори огородени со современа фонтана и урбана смарт опрема.
Паркот е предвиден на површина од близу 7.500 м2, што е приближна големина на Плоштадот Македонија, а истиот ќе претставува отворен јавен простор во којшто ќе може да уживаат сите граѓани.
„Бенефициите од изградбата на паркот секојдневно ќе ги уживаат не само жителите на ‘Гранд Скопје’, туку и сите жители на Скопје, но и пошироко, бидејќи нашата цел е овој парк, како и целиот комплекс, да прерасне во ново обележје на градот. За идните станари пак, паркот претставува исклучителна предност бидејќи ќе имаат можност својата иднина да ја градат во урбан зелен комплекс изграден по светски стандарди, и тоа во срцето на градот“, изјавија од компанијата.
Визијата на инвеститорот МГ Фешн е центарот на Скопје за прв пат да добие модерен јавен парк каков што заслужува, облагороден со бројни квалитетни содржини од отворен карактер кои ќе го збогатат живеењето во главниот град.
Во таа насока, во рамки на комплексот „Гранд Скопје“ во централниот дел ќе биде изградена и модерна шопинг галерија која ќе биде поврзана со паркот и која на посетителите ќе им овозможи дополнителни придобивки, како достапност до бројни кафетерии и ресторани, отворен шопинг простор, содржини за деца итн.
ПР-текст
Економија
„Нептун“ се здоби со сертификат „ФЕР со потрошувачот“

„Нептун Македонија“ се стекна со сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа. Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека „Нептун“ е ориентиран кон почитување на правата на потрошувачите и посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на делување.
„Нептун Македонија е компанија чија интенција е подобро да ги разбере потребите на потрошувачите, да ги идентификува клучните проблеми и трендови, и да ги отстрани сите причини за евентуално незадоволство кај нашите клиенти. Нашата цел е да создаваме амбиент за задоволни потрошувачи, да воведеме практики за подобро почитување на правата на потрошувачите преку доброволно прифаќање на кодекс за фер однос кон нив и истото да се отслика во работењето во рамките на сите работни единици на компанијата” – изјави раководителот на продажба на „Нептун Македонија“, Димитар Стојковски.
„Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на Нептун кон процесот на сертификација. Тоа значи дека компанијата во сите наведени области ги исполнила условите и се стекна со сертификат – ФЕР со потрошувачот. Со сертификатот се верификува обврзаноста на Нептун да негува примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесе кон зголемување на нивната доверба и задоволство. Нептун претставува сертифицирана компанија која ќе биде објавена на веб-страницата ФЕР со потрошувачот за сертифицирани компании“ – изјави претседателката на ОПМ, д-р Маријана Лончар Велкова.
Сертификатот „ФЕР со потрошувачот“ се доделува на компании кои имаат имплементирано јасно дефинирана стратегија за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, примена на фер пазарни практики при информирање, рекламирање, означување и склучување договори со потрошувачите, техничка поддршка и решавање поплаки и спорови, кои гарантираат заштита на личните податоци на потрошувачите и нивната приватност, инвестираат во едукација и свесност на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.
(ПР)
Економија
Тренчевска: Ги унапредуваме законските решенија за жените земјоделки

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, учествуваше на состанок на работната група составена од претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, Министерството за здравство, ФЗОМ, УЈП, ПИОМ и Правниот факултет – Скопје, во организација на Националната федерација на фармери која го поттикна процесот на решавање на правен механизам за остварување на право на надоместок за мајчинство и боледување на регистрираните земјоделки.
Претставниците од институциите го посетија и семејството на Вангелина Пармачка, регистрирана земјоделка од Будинарци, Беровско, кои со децении наназад се занимаваат со овчарство, производство на овчо сирење и производи од овчо млеко. На фармата на Пармачка во работата се вклучени сите членови на семејството.
Тренчевска се заблагодари на можноста за посета на фармата Пармачка и изрази уверување дека со заедничка работа на институциите и граѓанскиот сектор, ќе се дојде до унапредување на законските решенија кои ги засегаат земјоделците, особено жените земјоделки.
Таа се осврна и на Конвенцијата за мајчинство, усвоена од Меѓународната организација на трудот, а ратификувана од нашата држава и неопходноста од нејзина имплементација, а го уредуваат прашањето за мајчинство.
„На еден транспарентен начин, со отвореност за предлози и идеи од сите засегнати страни, можеме да дојдеме до решенија кои ќе водат кон унапредување на човековите права на жените и кои ќе бидат усогласени со меѓународните и националните политики на државата. Нашата држава е претежно земјоделска земја и можностите за вработување во оваа дејност се големи. Токму затоа, креирањето на квалитетни државни политики и мерки за руралниот развој се од големо значење за луѓето кои живеат во руралните средини“, рече Тренчевска.
Министерката ја потенцираше целта на законските измени кои се во насока на подобрување на положбата на жената земјоделка.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Никица Бачовски, истакна дека Агенцијата како институција задолжена за имплементација на програмите за финанисиска поддршка во континиуитет ја докажува својата практична заложба за подобрување на економската положба на жените од руралните средини.
„Како резултат од работата на полето на родово-одговорното буџетирање, креирана беше мерката 115 од програмата за рурален развој, односно мерката за поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство. Оваа мерка објавена за првпат во 2019 година како пилот мерка по принцип на грант од 100% од направените прифатливи трошоци со максимална вредност до 3000 евра. На последниот јавен повик за истата мерка максималниот износ по корисник го зголемивме за дупло, односно од 3.000 на 6.000 евра“, рече Бачовски.