Економија
Репаншек: Народната банка е пример во регионот

Народната банка е вистински центар на знаење и значајна алка во институционалниот систем како во земјата така и во регионот. Ова е од големо значење за предизвиците што ни претстојат, а што во голема мера доаѓаат со процесот на дигитализацијата, новите трендови во банкарскиот сектор и поддржувањето на зелените финансии. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и директорката на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Словенија, Јана Репаншек.
Од ЦЕФ истакнаа дека нашата централна банка е одличен пример за многу институции во регионот за тоа како треба да функционира вистински центар на знаење. Беше посочено дека Народната банка постојано вложува во градењето високвалитетен човечки капитал, како и во унапредувањето на знаењата и вештините на вработените, што е предуслов за раст на институциите и на земјите на одржлив, паметен и инклузивен начин.
Истовремено, Народната банка, покрај тоа што е насочена кон стекнување знаења, таа исто така пренесува знаења и експертиза за потребите на другите институции во земјата и надвор. Оттука, директорката на ЦЕФ искажа голема благодарност до Народната банка за нејзината вклученост како една од партнерските институции што учествуваат во активностите за остварување на целите на ЦЕФ во согласност со стратегискиот план. Исто така, директорката на ЦЕФ нагласи дека Народната банка е институција што е исклучително посветена кон постигнување транспарентност и добра комуникација, што придонесува и за едукативни придобивки за јавноста.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за досегашната успешна соработка и поддршката од ЦЕФ како институција што дава голем придонес во јакнењето на институционалниот капацитет во регионот. Притоа таа посочи дека Народната банка и во наредниот период ќе ја продолжи соработката со ЦЕФ во доменот на професионалната обука на вработените ползувајќи ги методите на размена на искуства со централните банки што се членки на ЦЕФ, како и преку натамошни целни обуки за областите што се предизвици во овој момент за централните банки, пред сѐ, во доменот на микросупервизијата, постојаното надградување на банкарската регулатива во согласност со европските стандарди и во доменот на оцената на ризиците од климатските промени и нивното влијание врз финансискиот сектор.
ЦЕФ е едукативна институција за обуки од областа на јавните финансии во Југоисточна Европа и е еден од главните партнери на Народната банка во размената на знаењата и професионалното искуство во последните дваесет години. Овој центар за обука го заснова своето работење на шест столба: соодветна организациска култура и однос кон едукацијата; партнерски однос со меѓународни институции што може да придонесат во едукацијата; фондови за учење и споделување нa знаењето; дефиниран процес на стекнување и споделување на знаењето; примена на методи за комуникација за едукацијата што води кон промени; и поставен механизам за следење и евалуација на спроведените едукативни активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Фискалната неодговорност на грбот на граѓаните и бизнисот

Укажувавме дека неодговорнототрошење на државните пари од стана на Владата на ДУИ и СДСМ ќе нè чини многу во годините кои доаѓаат, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Истата влада којашто петта година по ред се покажа како НАЈНЕУСПЕШНА влада во независна Македонија, којашто покрај продажбата на националните интереси не успеа да ја ублажи длабоката рецесија во 2020 година, не успеа да ја ограничи инфлацијата во 2022 година, не успеа да ја ублажи енергетската криза – за три години ќе креира нов долг од 2,9 милијарди евра, колку што за 10 години креираше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Долгот во последните три години се креираше поради неодговорното трошење на државните пари, при регистрирани историски максимални суми за договорни услуги, сомнителни зделки пратени со криминали и корупција, а при најниски капитални расходи и отсуство на инфраструктурни инвестиции. Изговорот дека парите беа потрошени за кризите е издишан балон, зошто да беше така немаше да имаме најдлабока рецесија по онаа од осамостојувањето, немаше да имаме една од највисоките стапки на инфлација во Европа, немаше да имаме енергетска несигурност и несигурност за храна“, велат од партијата.
Како што додаваат, ова неодговорно креирање на долгот Владата планира да го пренесе на товар на граѓаните и бизнисот, без притоа да започне од сопствениот двор.
„Оваа влада нема никаков кредибилитет да се фали со даночни реформи во услови кога не престанува да вработува партиски војници во јавната администрација и не престанува да троши историски високи суми на стоки и услуги. Доказ за тоа е последниот ребаланс на буџетот за 2022 година“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Најавената даночна реформа од министерот за финансии, според ВМРО-ДПМНЕ, е само фарса во отсуство на вистинска битка за собирање на средства во државниот буџет.
„Даночната реформа преку која се најавува проширување на даночната основа со измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност ќе собере околу 50 милиони евра годишно. Но, ако навистина сака оваа влада да собере средства во буџетот треба да почне од сивата економија од којашто годишно губи од 200-250 милиони годишно приходи од данокот на додадена вредност, данокот на добивка и останатите даноци. Дека вистинската битка не се води, доказ е тоа што петта година по ред оваа влада ја држи во фиока ‘Стратегијата за формализација на неформалната економија’. Петта година по ред нема никаква активност на ова поле. Зар до сега не требаше да се заинтересира оваа влада кои општини не плаќаат даноци, а добиваат високи трансфери од државниот буџет како ‘награда’ за нивната неуспешност? Праведниот пристап на оданочување нека започне од тие што не плаќаат данок, а не со изговор дека оваа влада тоа го прави преку прогресивниот данок на доход. Рамниот данок се докажа и покажа како успешен во сузбивање на сивата економија и собирање на значајни средства во државниот буџет.
Уште повеќе, несоодветната даночна реформа и несоодветниот тајминг за нејзино имплементирање ќе удри по штедењето на населението, кое во последниот период е значајно намалено поради намалениот расположлив доход во услови на висока инфлација и ниски номинални, а негативни реални каматни стапки. Ова ќе преставува удар на ликвидноста на банкарскиот систем и за идното кредитирање на бизнисите и населението. Несоодветносто укинување на одредени даночни ослободувања и укинувањето на повластениот третман за одредени категории приходи кај индивидуалните даноци може да се пренесе врз финалните цени, кои во денешни услови вртоглаво растат, а со тоа уште повеќе да ја подгрее инфлацијата. Зар треба да останат на власт? Потребни се предвремени парламентарни избори“, порачаа од опозициската партија.
Економија
Германија ќе загуби 265 милијарди долари поради војната во Украина

Економијата на Германија ќе загуби над 265 милијарди долари додадена вредност до 2030 година поради војната во Украина и високите цени на енергијата, се наведува во студијата на Институтот за истражување за вработување (ИАБ).
Според студијата, германскиот домашен бруто-производ (БДП) приспособен според цената ќе биде помал 1,7 отсто в година и ќе има околу 240.000 вработени помалку.
Се очекува вработеноста да остане приближно на исто ниво до 2026 година кога експанзивните мерки постепено ќе почнат да ги надминуваат негативните ефекти и да доведат до зголемување од речиси 60.000 вработени во 2030 година, пишува „Скај њуз“.
Еден од големите губитници ќе биде угостителската индустрија, која веќе е тешко погодена од пандемијата на коронавирусот и, веројатно, ќе почувствува пад на куповната моќ на потрошувачите.
Многу ќе бидат погодени и енергетските сектори, како што се хемиската индустрија и производството на метали.
Ако цените на енергијата, кои досега скокнаа 160 %, повторно се удвојат, германското економско производство би можело да биде речиси 4 % пониско во 2023 година отколку што би било без војната.
Економија
Купувач од Либан го одбил житото од Украина поради доцнење неколку месеци

Купувач од Либан го одбил житото од Украина, кое со бродот „Разони“ било доставено до либанското пристаниште Триполи поради неколкумесечно доцнење, соопшти украинската амбасада во Бејрут.
Купувачот го објаснил одбивањето со доцнењето на товарот од повеќе од пет месеци, објави „Ројтерс“.
„Според информациите дадени од испраќачот на украинско жито на бродот „Разони“, купувачот во Либан одбил да го прифати товарот поради доцнење во однос на испораката“, соопшти украинската амбасада на „Фејсбук“.
Во соопштението се додава дека испраќачот сега бара друг примач да го истовари неговиот товар или во Либан или во која било друга земја.
„Разони“ е првиот товарен брод со украинско жито што го напушти пристаништето Одеса како дел од договорот за деблокирање на украинските пристаништа, а превезува нешто повеќе од 26.000 тони пченка.
Обединетите нации и Турција посредуваа во договорот меѓу Киев и Москва минатиот месец, по предупредувањата дека запирањето на украинските пратки жито предизвикано од руската инвазија на Украина може да доведе до сериозен недостиг на храна, па дури и до појава на глад во некои делови од светот, според британската агенција.
Досега со седум брода од Украина се извезени околу 243.000 тони пченка од првото полетување на 1 август, покажуваат податоците на „Ројтерс“ според турското Министерство за одбрана.