Економија
Светските трендови и уникатните дизајни на Саемот на МЕБЕЛ 2017
Меѓународниот саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел – МЕБЕЛ 2017 беше отворен во вторникот и ќе трае до 26-ти март.
Две години по ред овој саем го урива рекордот со 11-те хали кои ги користат над 400 домашни и странски изложувачи. Покрај Македонија учесници има и од Босна и Херцеговина, Грција, Италија, Словенија, Србија и Хрватска.
Секоја година над 50.000 посетители ги следат уникатните модни дизајни кои се нудат на МЕБЕЛ. Овој Саем полека се надминува себеси со креативноста, можностите и оригиналноста на модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво. За време на МЕБЕЛ 2017 учество ќе земат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови. Воедно, и самите изложувачи имаат свои изненадувања и попусти за посетителите во склоп на своите понуди.
Оваа година во состав на Саемот за мебел ќе учествуваат и УРБАНОЛД кои повеќе години редизајнираат и обновуваат стари парчиња на мебел. Преку нивната понуда посетителите ќе можат да ги разгледаат подобностите и можностите за нов живот на мебелот кој го имаат со години и кој е богат со чувства и моменти од минатото.
Со #МоетоОмиленоПарчеМебел на овогодинешниот Саем на мебел на сите посетители им се овозможува интересен шопинг предизвик. За да учествуваат во истиот ќе мора да го посетат Саемот, да направат фотографија од нивното омилено парче мебел и истото да го објават на нивниот Фејсбук профил како јавен пост, со хаштагот #МоетоОмиленоПарчеМебел. Откако, ќе го направат тоа, фотографиите со најмногу лајкови ќе бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.
Доделувањето на ваучерите за овој предизвик е на 26.03.2017 во 16 часот.
Во склоп на МЕБЕЛ 2017, традиционално ќе се организира стручно оценување на пријавени експонати и ќе бидат доделени признанија на најдобрите учесници на саемот, во две категории: производители и трговци. Стручната комисија е составена од претставници од Архитектонски факултет, Факултетот за дизајн и технологија на мебел, Асоцијација на архитекти, Кластерот на дрвна индустрија и од Министерство за економија на Македонија.
Овие признанија ќе бидат доделени на 23.03.2017 година, во 20.00 часот во Управната зграда на саемот.
Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и студенти 50 денари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Трговците кои ги зголемиле маржите ќе бидат предупредени, најави Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека во Министерството за економија и труд наскоро ќе се одржи состанок со трговците, откако Државниот пазарен инспекторат направи анализа на цените и трговските маржи на околу 700 производи.
Според премиерот, анализата покажала дека кај дел од производите е забележано зголемување на трговските маржи во споредба со истиот период лани.
„Очекуваме во најкраток период оние кои што ги имаат малку зголемено маржите споредено со истиот период од минатата година, од 2 до 5 проценти, зборувам на тие веќе постојни бруто-профитни маржи од 10 проценти. Да речеме, ако маржата била 10 проценти, сега е 12 или 15. Тие ќе бидат предупредени“, изјави Мицкоски.
Премиерот рече дека Владата ја охрабруваат најновите податоци за инфлацијата, наведувајќи дека во јуни таа изнесувала 3,4 проценти, што, според него, е најниско ниво во регионот.
Мицкоски оцени дека актуелните економски показатели претставуваат успех во услови на глобална економска неизвесност.
Тој потсети дека во јуни 2022 година, по почетокот на војната во Украина, инфлацијата во земјата достигнувала меѓу 14 и 15 проценти.
Економија
(Видео) Филипче: Следуваат тешки есенски месеци, не се знае колкава ќе биде цената на струјата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска оцени дека економската состојба со која се соочуваат граѓаните е најголем демант на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е „трета економија во Европа“.
На прес-конференција, Филипче изјави дека Владата, според него, се обидува да ја прикаже состојбата подобра отколку што е реално, но дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците преку трошоците за живот.
„Единствено нешто што прави премиерот е да раскажува приказни. И тоа е единствено нешто во што е добар, за жал граѓаните веќе не му веруваат. Тоа дека сме биле трета економија во Европа, тоа дека тука тече мед и млеко – граѓаните знаат дека тоа не е вистина, затоа што фрижидерите и паричниците едноставно им се сè попразни“, рече Филипче.
Филипче предупреди на економски предизвици
Лидерот на СДСМ оцени дека, како што рече, политиките на Владата на Мицкоски ја изолираат државата и предупреди дека тоа може да доведе до дополнителни економски проблеми.
Тој најави дека следуваат, како што ги нарече, тешки есенски месеци, при што посочи на неизвесноста околу цената на електричната енергија и можните последици врз цените на производите и услугите.
„Следуваат тешки есенски месеци, во кои не се знае колкава ќе биде цената на струјата, што ќе покрене дополнителен бран на поскапувања. Има пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, стагнација на платите – на просечната, на минималната плата, стагнација на платите во здравството, во образованието, стагнација на примањата во социјалните трансфери“, изјави Филипче.
Критики за ребалансот на Буџетот
Филипче се осврна и на предложениот ребаланс на Буџетот, за кој оцени дека нема да донесе подобар животен стандард за граѓаните.
Според него, ребалансот претставува само промена на бројки без реални ефекти врз секојдневието на граѓаните.
„Владата сака сето тоа да го маскира со тоа што предлага еден ребаланс, кој не е ништо друго туку бројки на хартија кои никако нема да можат да се остварат. Нешто од што ниту граѓаните ќе видат некаков бенефит, а уште помалку државата во целост во контекст на остварувањето на стратешките цели“, рече претседателот на СДСМ.
Економија
(Видео) Стојаноски: Македонија со најниска инфлација во регионот, владините економски мерки даваат резултати
И покрај глобалните економски предизвици и новите притисоци предизвикани од случувањата на светските пазари на енергенси, Македонија успева да ја одржи ценовната стабилност, кажа денеска на прес-конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
„Според последните податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во јуни изнесува 3,4 проценти, а во однос на мај е забележано намалување од 0,5 проценти. Особено значајно е што инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува само 2,5 проценти, а кај облеката и обувките 2,1 процент. Тоа се категориите кои најдиректно влијаат врз животниот стандард на граѓаните и токму затоа овие бројки се најдобар показател дека мерките даваат резултати“ ,кажа Стојаноски.
Споредба со земјите од регионот
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Македонија има пониска инфлација во споредба со повеќе земји од регионот.
Според презентираните податоци, стапката на инфлација во јуни изнесува:
– Македонија – 3,4 проценти
– Грција – 3,9 проценти
– Хрватска – 4,5 проценти
– Словенија – 3,6 проценти
– Бугарија – 5,6 проценти
– Турција – 32,1 процент
Стојаноски додаде дека и податоците од соседните земји кои засега имаат објавено статистика за мај покажуваат дека Македонија останува меѓу државите со најниска инфлација во регионот.
„Дека во многу држави инфлацијата останува сериозен предизвик е јасно, но во Македонија се покажува дека со одговорни политики, навремени мерки и стабилно економско управување може да се заштити животниот стандард на граѓаните. Фактите и бројките се најсилниот одговор на сите обиди за создавање лажна слика за економската состојба. Владата ќе продолжи со политики кои обезбедуваат стабилни цени, поддршка за граѓаните и силен економски раст“, истакна пратеникот.
