Економија
СДСМ: Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата
Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата, велат од СДСМ.
„По усвојувањето на Предлог-буџетот за 2026 година СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството. Наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата. Особено е проблематично што Владата буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции. Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека на денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесувала само 44,94%. „Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека „капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година“ е контрадикторно и признание за неспособност“, смета СДСМ.
Проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8%, велат од СДСМ, дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата.
„Станува збор проекција базирана на потрошувачка, поддржан со најавено зголемување на плати и пензии. Кога ова се случува во услови на намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези? Оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните, ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции. Загрозената продуктивност на стопанството ќе донесе само повисоки цени на услуги и производи, односно намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните. Зголемените платите и пензиите ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби. Со Предлог-буџетот за 2026 година Владата не нуди развој, туку маска за економски промашувања“, обвини СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

