Економија
Се зголемува цената на дизелот
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија извести дека е донесена одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,80 % во однос на одлуката од 3.7.2023 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек 0,783 %, кај дизелот зголемувањето е во просек 2,207 %, кај екстра-лесното масло зголемувањето е во просек 2,401 % и кај мазутот зголемување во просек околу 2,296 % поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување, велат од РКЕ.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,076 %.
Малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ се зголемува 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,755 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 11.7.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, се додава во соопштението на РКЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Белгијците се меѓу најбогатите жители во Европа
Белгиските жители се меѓу најбогатите во Европа и се значително побогати од просекот во еврозоната, соопшти Националната банка на Белгија (НББ).
Експертите на НББ наведуваат дека вкупното нето-богатство на домаќинствата во Белгија се проценува на 2,8 трилиони евра на крајот на 2022 година, објави „Брисел тајмс“.
Се забележува дека просечното богатство по домаќинство во Белгија е 555.000 евра, што е речиси девет пати повеќе од годишниот приход по домаќинство.
НББ истакнува дека колку повеќе финансиски средства имаат луѓето, толку повеќе имаат избор во однос на потрошувачката и инвестициите.
Во Луксембург, на пример, нето богатството на домаќинството е еквивалентно на 13 годишни приходи на домаќинството.
Економија
(Видео) Димковски: Поради неспособноста на Трипуновски нема откуп на оризот
Неспособноста на Цветан Трипуновски создаде криза со откупот на оризот и оризовата арпа, кажа денеска на прес конференција, Трајан Димковски од СДСМ.
„Од 28.000 тони откупени се околу 6.000 тони или едвај околу 20% од вкупното производство. Наместо да ги засука ракавите и да сработи, за што е платен од граѓаните, Трипуновски се обиде да ги лаже оризопроизводителите и со неговите постапки наместо да им помогне им одмогна. Кај Трипуновски и Мицкоски е вината за она што се случува. Нема откуп затоа што Трипуновски наместо го реши проблемот со откупот го блокираше. Заканите кон откупувачите и напушалните цени по своја волја не врдија плод, па Трипуновски им одзеде лиценци на три фирми откупувачи, со што директно го блокираше целиот процес. Затоа над 80% од реколтата за оваа година стои во амбарите“, вели Димковски.
Тој рече дека власта не го исполни ветувањето кон оризопроизводителите за субвенција кон откупувачите.
„Мерката ниту е спроведена ниту е дел од владината програма. Земјоделците, оставени на цедило, секојдневно реагираат револтирано и најавуваат протести. Трипуновски се крие и избегнува одговорност. Лагите на власта продолжуваат и со најавата дека откупот за стоковите резерви ќе го решел проблемот со откупот на оризовата арпа. Ова е уште една илузија на владата која нема реално решение за кризата што самата ја предизвика“, истакна Димковски.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„За 6 месеци се исплатија сите заостанати субвенции и се започна со тековна исплата. Имено, се исплати финансиска поддршка од износ од 1.7 милијарда денари на околу 78.000 земјоделци за тековната 2024 година. За прв пат се утврдија и откупни цени за двете најзастапени вински сорти на грозје Вранец и Смедеревка. Владата им излезе во пресрет и на тутунарите со што откупната цена на тутунот се зголеми од 375 на 400 денари за прва класа. Дополнително Владата ќе ја зголеми и субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм, што значи дека заедно со откупната цена и субвенциите секој тутунар ќе добие по 500 денари за килограм тутун. Заврши и времето кога јаболкото се фрлаше по буништа. Се утврди и минималната откупна цена за јаболката. Со тоа што проблемот што го остави СДС со оризот, Владата на ВМРО-ДПМНЕ го решава, оризарите нема да бидат заборавени. Оваа Влада се грижи за земјоделците и не ги остава на цедило како претходната власт на СДС“, се вели меѓу другото во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
(Видео) Трипуновски: Министерството заедно со земјоделските здруженија ги креира Програмите за 2025 година
„Денес на моја иницијатива со повеќе од 30 здруженија се одржува работна средба со единствен дневен ред, а тоа е разгледување на предлог Програмите за субвенционирање за 2025 година, поточно Програмата за директни плаќања и Програмата за рурален развој“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Темата на овој состанок е заедно со земјоделските здруженија да креираме Програми кои што ќе значат поттикнување и враќање на земјоделското производство во Република Македонија“, појасни министерот.
Министерот Трипуновски додаде дека ова е само еден од состаноците кој што се одржува денес и наредните денови ќе има и со останатите чинители во земјоделскиот сектор.
„Ќе работиме заедно за да донесеме Програми кои што ќе значат развој на македонското земјоделство. Ова што го правиме како активност е отварање во вистинска смисла на зборот вратите на Министерството се со цел заеднички и партнерски да работиме во делот на секторот“, истакна министерот.