Економија
Сиљановска има предлог за нов гувернер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова знае кој ќе биде нејзиниот предлог за нов гувернер на Народната банка, но не сакаше сè уште да го открие неговото име пред новинарите.
Таа ја спомена и важноста на одлуката кој ќе биде заменик-гувернер на НБРМ бидејќи неопходна ќе биде соработката меѓу нив.
„Она што со право создаде дебати меѓу вас, како и прашања, беше нешто што мислам дека би требало да се практикува за секоја функција. Да седнете со сите луѓе што се споменуваат и да разговарате, да ги прашате секој што мисли за другиот или што мисли тој дека може да направи. Јас би сакала да има повеќе кандидати, но тоа не е можно секогаш. Во оваа област е потребна соработка, важно е и кој ќе биде заменик-гувернер оти треба да соработуваат меѓу себе“, рече претседателката Сиљановска.
Нагласи и дека разговарала со кандидатите за оваа функција и низ призмата на експертско знаење нема проблем. Сме имале среќа во оваа држава, вели Сиљановска, и одлично сме се однесувале кон оваа функција. Ако се погледне наназад, ќе се види дека сме имале добри гувернери, истакна претседателката.
Сиљановска објави и дека консултирала и експерти од областа, луѓе што се врвни, па дури и кои биле на функцијата.
Седумгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај. Меѓу кандидатите за оваа функција се поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески, поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ, како и актуелната гувернерка Бежоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
