Економија
СКОПСКО со нов проект во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак

СКОПСКО ja претстави новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак и други поддржувачи. Главната цел на оваа платформа е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и заштита од загадување.
„Пивара Скопје е компанија со стогодишна традиција, но целосно посветена на иднината и на одржливиот развој. Преку силата на нашиот најпознат македонски бренд – СКОПСКО, ја започнуваме долгорочната платформа „Наша гордост. Наша одговорност.“, која се фокусира на животната средина и повисоката цел која СКОПСКО како бренд ја има – да ја поддржи заедницата, да ги обедини и инспирира луѓето да делуваат за да го направиме светот подобар, сите заедно. Заедно ја делиме одговорноста за да го исчистиме и да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културни обележја на нашата земја.“ – изјави Горан Сладиќ, генерален директор на Пивара Скопје, истакнувајќи дека овој проект целосно ги поддржува заложбите на Пивара Скопје за одржливост согласно платформата Свет без отпад до 2030 година, како и намалување на нето јаглеродните емисии на компанијата до 2040 година.
„Една од клучните мисии во заштитата на животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање е воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад со што еднаш за секогаш ќе го решиме проблемот на расфрланиот смет низ државата и безбројните диви депонии што даваат грда слика на големото природно и културно богатство со кое оваа држава изобилува. Од таа причина ние како Министерство сме отворени за соработка и за поддршка на сите оние што сакаат да се вклучат во тој процес, било со конкретни активности, било со акции за подигнување и градење на свеста дека отпадот има свое место, дека секој отпад не е ѓубре и најголемиот дел има употребна вредност, а дека со градење на добри навики за постапување со отпадот придонесуваме за чиста животна средина, за зајакнување на економијата и најпосле и за заштита на сопственото здравје“ – изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
„Сакаме да потенцираме дека рециклирањето е еден од најлесно применливите модели од циркуларната економија кон која стремиме, а со селекцијата и рециклирањето на отпадот најбрзо и најлесно може да придонесеме како индивидуи кон спас на нашата земја и планетата. Навистина сме горди што Пакомак е дел од овој проект, прв од многуте проекти кои ќе бидат инспирирани од визијата за позелена иднина. И како што вели нашиот слоган, би ги повикал граѓаните и компаниите да Селектираат Иднина и да нѐ поддржат во оваа наша заложба.“ – изјави извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски.
Првата фаза на реализација на целите на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ , опфаќа повеќе активности за чистење и заштита на Охридското Езеро, со целосна поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак, општините Охрид, Струга и Дебрца, нуркачките клубови Амфора и Акватек, волонтерите од Пивара Скопје и Мен анд Маунтаин. Во акцијата за најава на платформата беа исчистени над 100.000 метри квадратни површина од отпад од дното и крајбрежјето на Охридското Езеро.
За наредната година планирани се уште неколку акции за чистење, како и активности за пошироко вклучување на заедницата, за јакнење на свесноста и заштита на националната гордост – Охридското Езеро.
Во годините кои следат Скопско ќе опфати и други национални обележја во нашата земја.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.