Економија
Славески: Од ветените 5% БДП секоја година добивме 0.7% за четири години и промашен даночен систем

На денешната панел-дискусија „Четири години Заев, четири години украден живот. Доста е!“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ, свое обраќање имаше и Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој говореше за лошите политики на власта кои имаа катастрофални последици врз македонската економија.
„Нема ништо лошо во спроведување на проекти, дури и програми, но ако тие се во согласност со вашите идеолошки определби, ако се тргнува од најчесни намери. Намерите на СДСМ не беа чесни, во смисла на тоа што нивните претставници уште кога беа во опозиција критикуваа дека наводно со воведување на рамниот данок, кој ние го воведовме, се зголемила нееднаквоста во Република Македонија. Напротив, според податоците на Светска банка објавени во нивни публикации, нееднаквоста во распределбата на доходот во Република Македонија мерена според т.н. БДП-коефициент се намали од 43% во 2007 година на 34% за 2015 година. Тоа е сосема спротивен тек на настаните“, истакна Славески.
Славески посочи дека СДСМ во период кога беше опозиција велеше дека со рамен данок се зголемила сиромаштијата. Напротив, стапката на сиромаштијата во истиот период, значи 2007 – 2015, според Светска банка е намалена за 5-6 процентни поени.
„Чуди тоа што сепак се охрабрија, кога видоа дека се соочија со катастрофални резултати со губење на приходи од воведување на висока стапка на данокот на личен доход, за плати над 90.000 денари, отстапија, што е редок случај во светската практика, имено во текот на само од 9 месеци режим на оданочување така радикално да се промени. Но, како што слушам деновиве, сепак не се откажаа од таа идеја, којашто разработуваа повеќе години, со навестување дека ќе го воведуваат пак данокот. Тие дури и препорачаа зголемување на даноците“, рече Славески.
Славески додаде дека срамота е во период на криза власта да зголемува даноци на граѓаните, кога граѓаните се без работа, со намалени плати или воопшто немаат земено плата.
Славески потсети дека власта ветуваше раст од БДП 5% секоја година но резултираше со просечен раст од 0.7% за четири години.
„Податоците за БДП ги имаме за четирите години, заклучно со 2020 година. И имаме негативна стапка на раст. Стапката на раст од ветените 5% годишно е само 0.7%. Ако се остварија ветените 5% раст на БДП тоа ќе значеше зголемување на животниот стандард. Но ние имаме само загуба. Причината за ова е што Владата предводена од СДСМ и ДУИ на чело со Заев немаше јасен план, немаше модерен пристап како да ја поддржи македонската економија од самиот старт, нема современи развојни политики, и од тука без одреден концепт којшто треба партиите да го подготвуваат кога се во опозиција сето е само губење на време и маркетинг“, појасни Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.