Економија
Славески: СЕПА е историски исчекор кон подлабока европска интеграција на земјата
Народната банка, во соработка со Централната банка на Холандија, денеска во Охрид, ја отвори Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, што оваа година се одржува под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“. Настанот ги обединува претставниците на меѓународните институции, европските тела, централните банки, деловните банки, небанкарските даватели на платежни услуги, финтек-компаниите и други релевантни институции од земјава и од Европа, во заедничкото разгледување на трендовите и предизвиците во доменот на платежните услуги.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка.
„Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации“, нагласи гувернерот. Тој потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.
Славески истакна дека со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор.
Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот, посочи гувернерот. Тој додаде дека и за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции.
Гувернерот Славески најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.
„Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот“, рече гувернерот.
Осврнувајќи се на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, Славески истакна дека иновациите и конкуренцијата во овој сектор активно го преобликуваат платежниот пејзаж, создавајќи поголема достапност на платежните услуги и вклученост на населението.
На крајот од своето излагање, гувернерот нагласи дека успехот во оваа област зависи од довербата во платните системи, заснована на три принципи – интероперабилност, пропорционалност на регулативата со интегритетот и финансиска вклученост.
„Плаќањата се крвотокот на финансискиот систем и се неопходни за непречено функционирање на економијата. Клучот за успехот е нашето заедничко работење, бидејќи тоа се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните и влијае и врз стабилноста на економијата“, порача Славески.
Во продолжение на Конференцијата ќе се одржат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Георгиева: Буџетот за 2026 покажува дека Владата води одговорна и умерена економска политика
Буџетот е слика за тоа како се гледа иднината на Македонија и нејзините граѓани. Овој буџет, буџетот за 2026 е креиран во услови на глобална непредвидливост, но сепак се осврнува на потребите на граѓаните и институциите, рече пратеничката Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во надлежната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.
Според неа овој Предлог буџет за 2026 година нуди јасна визија, стабилна основа.
„Пораката од буџетот за следната година е силна порака економски раст и фискална дисциплина во државата“, вели Георгиева.
Проектираниот раст на економијата за 3,8 раст е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст.
„Ова е сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо. Ова покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика. Ова е внимателно испланиран буџет без авантури и со одговорност кон идните генерации“, заклучи Георгиева.
Економија
Костадиновска Стојчевска: За 91% е намален буџетот за инспекторатот за македонски јазик
Со предлог буџетот за 2026 година има намалување на буџетот на инспекторатот за македонски јазик за 91 %, кој е заснован врз основа на законот за македонски јазик, која сите заедно го донесовме во 2024 година, истакна пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање пред собраниската комисија за финансирање.
Таа додаде дека и покрај тоа што владеачкото мнозинство при ребалност вети дека ова нема да случи.
Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека и нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Костадиновска Стојчевска истакна дека не се доделени никакви средства адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик, каде нема никакво придлижување.
Буџетот за реконструкцијата на објектот Музеј на Македонија е намален 33%, а да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј, рече Костадиновска Стојчевска.
Тоа кажува за приоритетите на министерството за култура, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска пред собраниската комисија за финансирање.
Економија
Попов: Инвестираме во младите, конечно ќе се финализираат зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура
На денешната комисиска расправа за Предлог – буџетот за 2026 година се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој истакна дека буџетот е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон младите, со реализација на клучни проекти, реконструкција на студентски домови и мерки за самовработување наменети за сите млади.
„Буџетот е уште еден доказ за посветеноста кон младите на оваа Влада. И повторно тоа не се празни зборови како што бевме навикнати во минатото, напротив резултатите се видливи и опипливи. Насекаде во државата се реализираат проекти кои се од младинско значење, после 7 години конечно се реконструираат студентски домови и за брзо од денес ќе заминат во историја оние денови кога студентите ги сместувавме во домови кои личеа на концентрациони логори, оперативните планови за вработувања и мерки за самовработувања не се само на хартија и наменети за привилегираните, туку тие се за сите. Нема општина каде не се гради нов спортски терен или комплекс, нема место каде не се гради нова градинка или училиште“, рече Попов.
Пратеникот Попов се осврна на делот од Предлог – буџетот кој е од младинско значење потенцирајќи ги зголемените средствата кои ќе значат подобра и поквалитетна настава за студентите во Македонија, можноста научно и интелектуално да се реализираат младите, како и создавањето на инклузивно средно образование.
„Имено во овој буџет имаме 32,5 милиони денари за изградба на најпопуларниот факултет во нашата држава ФИНКИ и секако Факултетот за физичка култура. Во високото образование имаме зголемување од 2,8 проценти и тоа се средства кои ќе ги добие УКИМ, универзитетот во Тетово, УКЛО, Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Зголемување од 25% за наука, на тој начин се спречува одлевањето на младите мозоци. Не се заборавени ниту средношколците, во средното образование имаме зголемување од 5,2%, за училишни спортски сали имаме зголемување од 363,6 милиони денари, јасен сигнал дека оваа Влада работи на создавање на здрава младина“, вели Попов.

