Економија
Сметководителите повторно побараа продолжување на роковите за поднесување завршни сметки

Итно да се преиспита одлуката да не се продолжат роковите за поднесување завршни сметки, побара Комората на сметководителите.
Комората неделава добила известување дека и покрај тоа што сметководителите се загрозени од пандемијата и не може да ги достигнат роковите, Министерството за економија, во чија надлежност се измените на Законот за трговските друштва, оценува дека нема потреба од законски измени за пролонгирање на роковите за поднесувањето на завршните сметки и финансиските извештаи. Затоа, Комората бара итно и неодложно Министерството да ја преиспита донесената одлуката бидејќи прецизните и квалитетни податоци се од круцијално значење за точно планирање на расходите и приходите во државниот буџет, а со тоа и навремено сервисирање на достасаните обврски кон граѓаните и правните лица.
Сметководителите со години укажуваат на проблемите што произлегуваат од кратките рокови за изготвување годишни сметки и финансиски извештаи. Оваа година, соочени со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата, сметководителите посочуваат дека имаат драстично зголемен обем на работа, а во исто време намалени човечки капацитети и временски ресурси бидејќи и меѓу нив има лица заболени и во изолација.
„Неопходна беше промена на Законот за трговските друштва, со што на сметководителите ќе им се овозможи да си ја извршат својата обврска навремено, точно и квалитетно. Иако министерот за економија јавно на национална телевизија најави повлекување на законот и изнаоѓање решение за проблемот, до Комората на сметководителите пристигна одговор од Министерство за економија, каде што се вели дека роковите нема да бидат продолжени. За каков квалитет на статистички податоци зборуваме кога, немајќи доволно време за изработка, фокусот на сметководителите ќе биде исклучиво на запазување на ригидните и кратки рокови, со што се доведуваат во прашање анализата и веродостојноста на податоците, а со тоа ќе се доведат во загрозена позиција и сите претпријатија, кои еднакво одговараат за овие извештаи. Во дописот се вели и дека ова барање за пролонгирање рокови не може да се оствари поради обврска за запазување рок за јавно објавување и доставување до надлежните институции во Европската Унија. За какви рокови зборуваме, кога земјите членки на ЕУ имаат подолги рокови. На пример, во Хрватска овој рок е 31.3, во Германија е 30.6, во Франција и во Шведска до 31.7. Минатата година овие рокови беа и дополнително одложени. Затоа, јавно бараме и апелираме министерот за економија да ја преиспита својата одлука и да го исполни јавно даденото ветување дека ќе се најде решение за проблемот од што ќе имаат бенефит сите засегнати страни“, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководителите.
Комората бара рокот за хартиено поднесени годишни сметки да биде до 30 април, а електронски да може да се поднесат до 15 мај наспроти сегашните рокови, кои во услови на пандемија, кога има заболени лица што не може да си ја вршат работата за малите и средните субјекти, но и самите претпријатија не може навремено да ги обезбедат и достават документите поради бариерите од кризата, кои реално се видливи на терен секој ден.
Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите, појасни дека во одговорот Министерството за економија се повикува на консултации со Министерството за финансии, кое исто така смета дека нема потреба од пролонгирање на роковите.
„Имајќи предвид дека Министерство за финансии не е надлежно за Законот за трговските друштва, каде што се бара измена, а следејќи ја економската логика, не може, а да не се запрашаме дали за ова Министерство полнењето на буџетот е приоритет наспроти зачувување на здравјето и дигнитетот на сметководителите, но и на сите претпријатија, за да може да се обезбедат точни финансиски извештаи“, изјави Андреева.
Таа појаснува дека во согласност со донесените уредби со законска сила за финансиска поддршка за исплата на плата за април, мај и јуни, со поднесувањето на годишните сметки и утврдувањето на финансискиот резултат на претпријатијата, почнува обврската за враќање на средствата кон државата. Со одложување на рокот за годишните сметки, и овој рок би се продолжил.
„Со години Министерството за финансии е глуво за сите проблеми со кои се соочуваме. Наместо одговор на барањата за повлекување на поднесените предлог-измени на Законот за вршење на сметководствените работи и, конечно, формирање работна група за креирање нов квалитетен закон, структури во оваа институција и понатаму крајно пожртвувано и посветено се залагаат за уништување на крвотокот, кој е единствената врска меѓу државата и стопанството. Комората на сметководителите бара конечно преземање одговорност од страна на министерот за финансии и ставање крај на перфидните игри во Министерството за решавање на проблемите на сметководителите“, изјави Андреева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Заев: Повеќе од 30 проценти од произведената енергија е од обновливи извори

Триесет проценти од произведената енергија е од обновливи извори на енергија и тука сме блиску до европскиот просек, истакна премиерот Зоран Заев.
„Со инвестиции во обновливи извори на енергија имаме основани причини дека ќе постигнеме повеќе од 50% на севкупното производство на енергија да бидат од обновливи извори на енергија“, рече Заев одговорајќи на новинарско прашање на тема енергетика.
Според него, целосното прилагодување и промена на јагленот како главен извор на производство на енергија со обновливи извори на енергија е еден од главните приоритети во државата.
Заев потсети дека сериозни капацитети и ресурси се насочени кон оваа дејност и, како што додаде, тоа се најголемите инвестициски потенцијали што во моментов се случуваат ќе се случуваат во следните години.
Премиерот Заев објасни дека најбрза инвестиција за најбрз можен начин за раст на БДП е инвестицијата во енергија посебно во обновливите извори на енергија.
„Овде спаѓаат фотоволтаиците, за кои во моментот најмногу се инвестира. Сакам да знаат граѓаните дека тие не одат веќе со фидинг тарифи, ниту со премиум тарифи, туку одат слободни на пазар. Вториот аспект се ветерниците во државата, каде се постави инвестиција вредна преку 500 милиони евра. Издадовме три лиценци за коишто се извадени веќе одобренија за градба, односно 30 мегавати во Богданци, 36 во Свети Николе и во Демир Капија уште 30-тина мегавати, значи некаде околу 100 мегавати се произведуваат само преку ветерници“, рече премиерот.
Заев истакна дека очекува тендерот за Чебрен да биде успешен поради добрите услови кои ги дава државата за обновливи извори на енергија.
Економија
(Видео) Димитриеска-Кочоска: Владата нѐ однесе во банкрот, секое четиричлено семејство е задолжено со 2.400 евра

Владата нѐ однесе во банкрот, секое четиричлено семејство за една година е задолжено со 2.400 евра плус камати, обвини Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е помината ни една година од првото затворање на економијата и прогласување на пандемијата, а Македонија е задолжена со над 1 милијарда и 150 милиони евра нов нето-долг. Или едно четиричлено семејство има нов долг за една година од речиси 2,400 евра плус камати. Повторувам 2.400 евра плус камати ќе врати едно четиричлено семејство за една година. Секој може да пресмета и да процени колку доби изминатава година, а колку ќе треба да враќа. Затоа што треба да ни е јасно на сите дека тој долг е наш, на сите нас, но и на нашите поколенија и сите заедно ќе го враќаме“, рече таа.
Дека народот е исплашен, додаде Димитриеска-Кочоска, дека нема пари, дека нема доверба во оваа Влада за подобро утре, покажуваат и податоците од Државниот завод за статистика за БДП за 2020 година, кои беа објавени пред некој ден.
„Приватната потрошувачка во 2020 година е намалена 5,6 % на годишно ниво, а само во последното тримесечје на годината 4,3 %. Уште повеќе загрижува податокот за бруто-инвестициите, кои во 2020 година се намалени 10,2 % во однос на 2019 година, а само во последниот квартал од 2020 година – 13 %. Ова јасно покажува дека оваа Влада немаше никакви капитални инвестиции, а приватниот сектор беше значајно погоден од кризата, без изгледи да влезе во инвестиции. Напоменувам, падот на бруто-инвестициите во 2020 година е повисок од оној што го имавме за време на воениот конфликт во 2001 година кога беше 6,1 %“, рече таа.
Економија
Комората на сметководителите повторно бара поместување на роковите за финансиски извештаи

Комората на сметководителите повторно бара поместување на роковите за финансиски извештаи по примерот на европските земји.
Анкетата што ја направила Комората на сметководителите меѓу своите членови покажала дека речиси 65 отсто од сметководителите биле заболени од Ковид-19 или биле во изолација поради контакт или заболен член на семејството.
Во такви услови, велат од таму, јасно е дека не е возможно работата да се одвива непречено и повторно се поставува прашањето дали ќе се донесе разумна одлука роковите за поднесување завршни сметки и финансиски извештаи да се усогласат со европските држави или и понатаму ќе продолжи да се гази достоинството на оваа значајна професија.
„Сумарните бројки покажуваат дека дури 64,8 % од сметководителте се изјасниле дека се соочиле во сериозно нарушување на текот на работењето поради вирусот. За какви статистички податоци кон Европската Унија зборува министерот кога поради нивната игнорантност, со години целата професија тивко умира и просекот на возраст на лицата во професијата е над 50 години“, изјави Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа1 недела
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Економија3 недели
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“