Економија
Спасова: 250 милиони поддршка за земјоделците и дополнителни 35 милиони евра од ИПАРД

Владата предводена од СДСМ продолжува со засилена поддршка за земјоделството како една од клучните стопански гранки, истакна на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Љубица Спасова.
Образложи дека годинава за првпат се воведува Програма за интервентен фонд за земјоделството, вреден 250 милиони денари. Овие средства, како што посочи, главно ќе бидат наменети за поддршка на сточарството и за растително производство, односно житните култури.
„120 милиони денари се наменети за субвенционирање на набавката на вештачки ѓубрива за производителите на пченица и јачмен. Оваа година, поради високата цена на нафтата, направено е усогласување и износот за реализација на мерката ‘зелена нафта’ е зголемен за 13 отсто. Важно е да се напомене дека овој Интервентен фонд е надвор од директните плаќања и руралниот развој, односно останатите видови на субвенции се исплаќаат редовно, навремено и неселективно“, рече Спасова.
Истовремено, Владата донесе одлука со која сите земјоделци што имале штети врз земјоделското производство поради временски непогоди минатата година ќе бидат обештетени во висина од 10 отсто од вкупната проценета штета. Вкупно 729 баратели само во Росоман кои претрпеле штети од измрзнувањето на производството ќе добијат околу 33 милиони денари, а покрај нив со одлуката на Владата ќе бидат обештетени и Карбинци, Богданци, Демир Капија и Ранковце.
Спасова најави дека со ИПАРД 3-програмата, буџетот ќе биде зголемен за 60 отсто, а првиот повик се очекува да биде во вредност од околу 35 милиони евра за поддршка на земјоделството.
Додаде дека во време на глобална економска криза, Владата редовно ја следи состојбата со цел навремено да се набават сите потребни поризводи, граѓаните да бидат спокојни, сите основни намирници ги има во доволна количина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата го утврди ребалансот на буџетот: „Кратење на непродуктивните трошоци за заштита на стандардот на граѓаните“

Владата на денешната 47. седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2022 година.
„Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели, како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека со предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, ќе се овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарната политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
„Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза, кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, стои во соопштението.
За деталите од предложениот ребаланс, Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција, која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.
Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.
Економија
Влада: Реализиравме клучно ветување – просечната месечна нето-плата 31.080 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Ова значи и реализација на клучно ветување за просечна месечна нето-плата од 30.000, што веќе евидентирано ја надминува поставената цел. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1 отсто или за 2.863 денари.
Согласно статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19.5 %).
Податоците на Државниот завод за статистика го потврдија трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Доколку последниот податок го споредиме со март 2017 година кога просечната плата била 22.445 денари, разликата е 8.635 денари.
Владата и во услови на најголема светска криза, продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат.