Економија
Почнаа преговори за набавка на јаглен од Косово

Министерот за економија, Крешник Бектеши, придружуван од заменик-директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Имер Зенку, оствари работен состанок со министерката за економија на Република Косово, Артане Ризваноли, и директорот на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи.
Тема на состанокот беше можноста за набавка на јаглен од Република Косово за потребите на Северна Македонија за зголемување на домашното производство на електрична енергија.
На состанокот, на кој почнаа договорите за условите за набавка на јаглен од Косово, беше договорено во наредниот период да биде потпишан меморандум за разбирање меѓу двете земји, со кој ќе се обезбедат потребните количини јаглен за непречено производство на електрична енергија од домашните енергетски капацитети во Северна Македонија.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, најпрвин ѝ се заблагодари на министерката Ризваноли за приемот и ѝ посака успех во нејзиниот мандат во иднина. Бектеши понатаму додаде дека секоја криза бара соработка и дека двете страни се заинтересирани за натамошно продлабочување на соработката во иднина.
„Како Северна Македонија секогаш сме подготвени и заинтересирани да ја зголемиме соработката со Република Косово на секое поле, особено сега кога се соочуваме со здравствената и енергетската криза поради која сме собрани денеска. Значи, ние и претходно сме разговарале, многу сме заинтересирани да ја продлабочиме соработката, особено во однос на набавката на јаглен од Република Косово во Северна Македонија за потребите на функционирањето на термоцентралите бидејќи капацитетите во однос на експлоатацијата на јаглен ни се ограничиени и имајќи предвид дека Косово има значителни резерви, сметаме дека техничките тимови треба да изнајдат решение што ќе биде вин-вин и за Република Косово, но и за Северна Македонија. На тој начин да се зголеми соработката не само со увозот на јаглен туку и во однос на пазарот на електрична енергија воопшто за двете земји. Ние сме крајно заинтересирани да се изнајде такво решение имајќи предвид дека во одредени месеци и Косово можеби ќе треба да увезува струја од Северна Македонија и обратно, но за да се постигне тоа, сигурно треба да го зголемиме производниот капацитет. Верувам дека еден ваков договор, од кој ќе имаат корист и двете земји, ќе биде договор што во наредниот период ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со електрична енергија“, истакна министерот Бектеши.
Министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, рече дека треба активно да се работи во иднина и се согласи дека од овој договор ќе имаат придобивки граѓаните на двете земји.
„Сакам да ви се заблагодарам за соработката што ја имавме досега и за поддршката што му ја дававте на нашиот енергетски сектор, и тоа не само сега, туку и во минатото. Секако, соработката воопшто и визијата и стратегијата што ја имаме пред нас предвидува поблиска регионална соработка на Албанија и Северна Македонија, но надвор од тоа не можеме поради фактот што сме во време кога сите се соочуваме со енергетска криза. Секако дека ја поздравувам оваа средба за да видиме што можеме да направиме, освен долгорочна соработка и стратегија, што можеме да направиме за да си помогнеме меѓусебно. Уверена сум дека придобивките ќе бидат двострани, очекувам да бидеме коректни во преговорите и да вложиме напори да помогнеме во искористувањето на ситуацијата, важно е заедно да соработуваме за да што е можно полесно ги надминеме ефектите од оваа криза“, рече Ризваноли на состанокот.
За време на официјалната посета и средба беа разменети мислења за важни прашања поврзани со продлабочувањето на трговската соработка меѓу двете земји, идните проекти и со посебен акцент на соработката во енергетскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Домашните производители на брашно следната недела ќе ги намалат цените

Производителите на брашно во државата следната недела дополнително ќе ја намалат цената на брашното, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил.
-Денеска бев информиран дека од наредна недела ќе следи дополнително намалување на цената на брашното, од нашите производители, објави Бектеши.
Претходно Бектеши соопшти дека Министерството за економија е отворено за конкретни предлози за други мерки, механизми и методологии но кои, како што нагласи, се одржливи. Досега добиле конкретен предлог само за укинување на сите царински давачки.
Економија
ЕСМ потпиша договор: ќе набавува природен гас за месец април со Макпетрол

ЕСМ Продажба донесе одлука за избор на набавувач на природен гас за месец април 2023г за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба. Природниот гас за април ќе се набави по фиксна цена од 53,60е/MWh, а добавувач ќе биде фирмата Макпетрол.
„Имено, на јавниот повик кој беше објавен на 20 март 2023г и кој беше достапен за сите домашни и странски компании регистрирани за дејноста, се побаруваше испорака на 500 MWh до 1800 MWh количини гас дневно. На повикот пристигнаа две понуди.
Конечните финансиски понуди без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа следните:
1. Макпетрол АД – Скопје понуди крајна фиксна цена од 53,60 е/MWh
2. Balkan Utilities од Р. Бугарија понуди крајна фиксна цена од 53,70 е/MWh
Со оглед на тоа што најниска фиксна цена понуди фирмата Макпетрол, донесена е одлука за избор на Макпетрол за добавувач на природен гас за април.
Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Република Северна Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во април ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија.
Овде сакаме да потенцираме дека ЕСМ Продажба и во овој четврти по ред јавен повик ги задржа истите услови и како носител на набавката за природен гас за месец април, сегашниот добавувач ќе обезбеди и гаранција, што е услов во јавниот повик, како што имаа обезбедено гаранција и претходните добавувачи за изминатите месеци.
На крај, за нас како државни институции е професионално задоволство сознанието дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари, доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда“, велат преку соопштение од ЕСМ.
Економија
Државен пазарен инспекторат: Над 100.000 евра казна за прекршителите на замрзнатите цени

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 13.03 до 19.03.2023 година има извршено над 650 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија. Наплатени и издадени се над 175 прекршочни платни налози со вредност над 6.230.000 денари.
„Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед и Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало
Во горенаведениот период на територија на Република Северна Македонија се извршени над 530 инспекциски надзори и контроли по Одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 1.750.000 денари.
Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори во согласност со своите надлежности. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на законите по кои постапува пазарниот инспекторат.
Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа.
Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет“, велат преку соопштение од Државниот пазарен инспекторат.