Економија
Средба со експерти на ММФ: Народната банка ужива висок степен на независност
Според новиот индекс за независноста на централните банки на ММФ, Народната банка има висок степен на независност, што е во согласност со одредбите во Законот на Народната банка. Нивото на независност на Народната банка е високо и во споредба со другите европски централни банки и централните банки во регионот на ЦИЕ. Ова беше заклучено на виртуелната работна средба одржана меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерките Ана Митреска и Емилија Нацевска и нивниот тим и експертот на ММФ, Ашраф Кан, соопшти Народната банка.
На состанокот, Кан се осврна на клучните предизвици за независноста на централните банки. Во последниот период во кој беа забележани неколку последователни кризи, централните банки во светот беа под силен притисок на јавноста. Високата инфлација, којашто услови зголемување на каматните стапки, но и низок економски раст, како и проширувањето на мандатите на централните банки доведоа до зголемени општествени очекувања во однос на отченоста на централните банки. Сепак, како што се заклучува во истражувањето на ММФ, поголемата независност на централните банки се поврзува со пониската инфлација како во напредните економии, така и во земјите во развој и во земјите со низок приход. Затоа, независноста е клучна за справување со инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст. Господинот Кан го презентира новиот индекс со кој се мери независноста врз основа на сеопфатна база на податоци. Новиот глобален индекс на независноста на централните банки се надоврзува на постојните индекси, но вклучува и нови показатели како што се финансиската независност, составот на Советот на централната банка и улогата на државните ревизорски тела.
За да ја задржи довербата кај јавноста и за да ја оправда својата независност, Народната банка постојано се стреми кон високо ниво на транспарентност во сите сегменти од своето работење. Една од активностите беше доброволното учество на Народната банка во пилот-оценувањето на транспарентноста, со принципите предвидени во рамките на ревидираниот Кодекс на транспарентноста на ММФ. Оценувањето покажа дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност. Долгогодишната заложба за транспарентност беше забележана и од повеќето претставници на јавноста (новинари, професори и др.) коишто беа вклучени во текот на пилот-оценувањето. Исто така, на работната средба ММФ ги презентира и алатките за оценување на оперативната ефикасност на централните банки, којашто е клучна за јакнење на процесот на донесување одлуки, финансиската независност и за кредибилитетот на политиките, се наведува во соопштението на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Работиме преспанското јаболко да остане бренд и да имаме што повеќе задоволни земјоделци
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска оствари средба со откупувачите и земјоделците во Ресен.
На средбата се говореше за откупот на конзумно и индустриско јаболко.
Од страна на откупувачите и земјоделците беа предложени и идеи како да се подобри ситуацијата со откупот на конзумно и индустриско јаболко пред неговото официјално започнување.
Министерот Трипуновски им вети на земјоделците дека со работа и мерки ќе запре намалување на површините под јаболков насад. Нема веќе да има неоткупено македонско јаболко.
„Работиме преспанското јаболко да остане бренд, а земјоделците од Преспанскиот регион да бидат ценети за она за кое во текот на целата година се вложуваат и напорно работат“, истакна министерот.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и понатаму е против општините водени од СДС на кои не им пречеа унгарските пари
Филипче продолжува да биде против општините водени од СДС на кои не им пречеа унгарските пари, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако опозициската партија обвини дека парите од унгарскиот кредит се кинески.
„Филипче продолжува да биде против капиталните проекти за кои се обезбедени унгарските пари и против бизнисот кој ке се развива преку супер евтини кредити кои ќе се стават на располагање.
Небулозите за тоа дали биле кинески или афрички пари доволно е СДС да поседува елементарна писменост за да дознае. Ваквата состојба на тотална безидејност ја тера СДС да критикува само колку да критикува и постојано да употребува ќорфишеци. Ја разбираме кризата во СДС, но нема да дозволиме со себе да ја повлечат и Македонија“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Економија
СДСМ: Мицкоски излажа, парите за унгарскиот кредит се всушност кинески
Вчерашните инфомрации во медиумите од истражувањата на реномирани меѓународни медиуми, потврдуваат дека парите за унгарскиот кредит се всушност кинески, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и го праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски зошто ја излажал јавноста.
„Зошто крие кое е потеклото на парите? Зошто крие дека Унгарија всушност се задолжува по понеповилни услови кај Кина за парите кои нас ни ги дава? Тоа е јасен сигнал дека тука има политички интерес. Покрај ова, законот изобилува со нелогичности, недоречености и многу непознаници. Не се предвидени јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите“, рече Кузеска.
Како што додаде, власта нема ниту правна држава, транспрентност, отченост, ниту отвореност и враќа начинот на владеење како пред 2016 година.
Според СДСМ, власта се обидува без дебата, без информирање на граѓаните, набрзина да го истурка, како што го нарече, скандалозниот и коруптивен Закон договорен во четири очи уште во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција по скратена постапка.