Економија
Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од г. Жак Минијан, којашто деновиве е во посета на нашата држава, оствари средби со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот од Народната банка. Покрај тимот од Вашингтон, на состанокот присуствуваше и резидентната претставничка на ММФ во Република Северна Македонија, Стефани Ебле.
На средбата стана збор за актуелните макроекономски остварувања во земјата, како и за очекувањата и проекциите на Народната банка за следниот период.
Шефот на Мисијата на ММФ, Минијан, истакна дека Народната банка има преземено навремени и соодветни мерки коишто придонесуваат за одржување на финансиската и ценовната стабилност. Затегнувањето на монетарната политика дава резултати, што може да се види од забавувањето на инфлацијата. Сепак, со инфлација којашто сѐ уште е висока и тука, и во странство, треба да се биде претпазлив, со што целосно се согласува и гувернерката. Од друга страна, ММФ ги пофали макропрудентните мерки преземени досега, коишто ја зголемуваат отпорноста на банкарскиот систем на можни ризици. ММФ го оценува банкарскиот систем како здрав и отпорен, со доволен капацитет за справување со можните шокови. Сепак, неизвесноста постои и од клучно значење е да се продолжи со водењето претпазливи политики.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на мерките преземени досега од страна на централната банка, преку затегнување на монетарната политика и системските мерки за зголемување на отпорноста на банкарскиот систем. Притоа, посочи на трендот на забавување на инфлацијата, постепеното стабилизирање на инфлациските очекувања, поволниот девизен пазар и сѐ поголемата денаризација на депозитната база на банките, како показатели за ефектите од досегашните мерки. Ангеловска-Бежоска особено го истакна банкарскиот сектор, којшто и натаму е стабилен, додавајќи: „Билансите на нашите банки се солидни, високо капитализирани и ликвидни и со солиден квалитет на кредитното портфолио. Сепак, и натаму е неопходно будно следење на состојбите и претпазливост.“
Во однос на макроекономските проекции на Народната банка, беа истакнати очекувањата за стабилизирање на економскиот раст и умерено забрзување на среден рок, како и за постепено забавување на инфлацијата. Притоа, се разговараше и за ризиците за проекциите коишто главно произлегуваат од надворешниот сектор, како и за неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, беше посочено и на растот на платите, а особено на соодносот со растот на продуктивноста, како елемент што треба внимателно да се следи. Девизните резерви и натаму се соодветни и овозможуваат непречени монетарни реакции заради остварување на основната цел ‒ ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот.
На средбата беше изразено задоволство од постојаната соработка помеѓу Народната банка и ММФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Ковачевски: Новата фотоволтаична централа „ФЕЦ Новаци“, најголема на Балканот, е чекор напред кон енергетската независност

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се обрати на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“, која моментно е и најголема на Балканот. Новата централа е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh, што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.
Премиерот Ковачевски истакна дека ова е доказ како работи една одговорна Влада и како создава услови за изградба на вакви крупни инвестиции.
„Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет и успеавме кризата да ја претвориме во можност. Со овие стратешки политики овозможуваме на долг рок предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви дена секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме зелен енергетски центар во Европа. Дека е тоа така, говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор успеавме да инсталираме сè поголем број централи за обновливи извори на енергија.
Ќе ви дадам една споредба, во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати, 16 мегавати обновливи извори на енергија. Од првиот ден на Владата што јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа, од 17 јануари 2022 година до денес, 450 мегавати обновливи извори на енергија, а до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија, тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК ‘Битола’, кој произведува чиста зелена енергија што не ја загадува околината“, изјави Ковачевски.
Во моментот, како што рече тој, она што е најважно е дека инвестиции без економска и политичка и без безбедносна стабилност нема. Тој нагласи дека влегувањето во НАТО потврдува дека бројот и износот на инвестиции во државата растат во сите индустрии, особено во делот на енергијата.
„Затоа нам ни е потребен мирен регион, стабилен, обединет, кој еден ден набргу ќе стане дел од европскиот пазар од 500 милиони жители. Тоа значи дека она што го правиме овде ќе биде достапно на пазарот од 500 милиони жители“, рече Ковачевски и додаде дека Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии и напуштање на производството на електрична енергија од јаглен, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции.
Економија
Ковачевски: Растат инвестициите во обновливи извори

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се обрати на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјата – „ФЕЦ Новаци“, која моментно е и најголема на Балканот. Новата централа е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh, што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.
Ковачевски истакна дека ова е доказ како работи една одговорна Влада и како создава услови за изградба на вакви крупни инвестиции.
„Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет и успеавме кризата да ја претвориме во можност. Со овие стратешки политики овозможуваме на долг рок предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви дена секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме зелен енергетски центар во Европа. Дека тоа е така, говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор успеавме да инсталираме сè поголем број централи за обновливи извори на енергија.
Во моментот она што е најважно е дека инвестиции без економска и политичка и без безбедносна стабилност нема. Влегувањето во НАТО потврдува дека бројот и износот на инвестиции во државата растат во сите индустрии, особено во делот на енергијата. Затоа, нам ни е потребен мирен регион, стабилен, обединет, кој еден ден набргу ќе стане дел од европскиот пазар од 500 милиони жители. Тоа значи дека она што го правиме овде ќе биде достапно на пазарот од 500 милиони жители“, рече Ковачевски и додаде дека Северна Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии и напуштање на производството на електрична енергија од јаглен, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции“, рече Ковачевски.
Економија
Од полноќ поевтинува бензинот „евросупер БС-98“, цените на другите горива остануваат исти

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,44 % во однос на одлуката од 29.9.2023 година.
Од 30.9.2023 година, од 00.01 часот. максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 87,00 (денари/литар)
моторен бензин „евросупер БС-98“ – 89,00 (денари/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 85,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 85,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 48,715 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ се намалува 2,00 денара/л.
Малопродажните цени на бензинот „евросупер БС-95“, на „евродизелот (Д-Е V)“, на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,231 %, кај дизелот зголемување за 0,083 %, кај екстра-лесното масло има намалување за 1,177 % и кај мазутот намалувањето е за 0,495 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,308 %.