Економија
Средба со Светска банка: Народната банка соодветно реагира на ценовните притисоци

Народната банка соодветно реагира на притисоците кои од меѓународните пазари на примарни производи, односно основни прехрамбени производи и енергенти, се пренесуваат на домашните цени и нагорно ја придвижуваат инфлацијата. Неизвесноста и понатаму останува висока, оттаму Народната банка и понатаму треба да продолжи да ги следи меѓународните и домашните движења и доколку е потребно, соодветно да реагира. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочинг Ју и директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи.
На средбата беше зборувано за есенските макроекономски проекции на Народната банка, кои во предвид го земаат влошениот глобален амбиент, како резултат на натамошните геополитички тензии од воената инвазија на Русија врз Украина, пандемијата на ковид-19 и дополнителните притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи. Согласно ова, во октомвриските проекции на Народната банка инфлацијата е ревидирана нагоре, во услови на нагорни корекции на оцените за увозните цени, односно на 14,3%. За следната година се очекува намалување на увозните цени, со што би се намалиле и притисоците врз домашната инфлација и во отсуство на поголеми притисоци од побарувачката се очекува дека просечната стапка на инфлација ќе биде поумерена, односно 8%-9%. Очекувањата на среден рок се дека инфлацијата значително ќе забави, сведувајќи се на 2,4% во 2024 и ќе се врати на историскиот просек од 2% во 2025 година.
Гувернерката на Народната банка истакна дека нашата е во редот на централните банки кои први реагирале на глобалните инфлаторни движења, односно кон крајот на 2021 година, со повлекување на ликвидност преку интервенции на девизниот пазар. Понатаму, неколкупати е покачена основната каматна стапка со вкупен ефект на раст од 3 процентни поени. Покрај ова донесени се и повеќе мерки, како промените во задолжителната резерва во насока на денаризацијата, како и поддршка на проекти за енергетска одржливост, но и воведување на контрацикличен заштитен слој на капитал кај банките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи – Ќира: Либерализацијата на пазарот на труд е потребна за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на економијата

Владата на Република Северна Македонија го гледа приватниот сектор како свој партнер, затоа со внимание ќе ги слушам сите ваши препораки за подобрување на бизнис-климата, ова го истакна заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на средбата со новото претседателство на Стопанската комора на северозападна Македонија и нејзиниот претседател, Менди Ќира.
На средбата акцентот на бизнисмените на СКСЗМ беше ставен на барањето за зголемување на квотата за работници од странство за што вицепремиерот Битиќи рече дека овој проблем е веќе детектиран од негова страна и дека веќе е почната дискусијата и барањето на соодветниот модалитет со кој ова ќе го постигнеме.
„Либерализацијата на пазарот на труд е потребна за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на економијата. Во следните неколку месеци треба да направиме процена кои се секторите во кои е потребна дополнителна работна сила и да видиме колкава бројка е потребна. Во исто време заедно со приватниот сектор засилено да работиме на реквалификација и доквалификација на домашниот пазар на труд со цел тие да може да бидат поконкурентни и пазарот да може полесно да ги впие“, истакна Битиќи.
На состанокот се разговараше и за идентификацискиот број за граѓаните од „Отворен Балкан“, со што дополнително ќе се олесни движењето на граѓаните помеѓу нашите земји.
Економија
Добрите дела не се ретки во Mozzart: лидерот во организирање игри на среќа ја поддржа кампањата „Запознајте ги ретките болести“

Февруари традиционално е месец во кој учиме за ретките болести. Оваа година националната кампања „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ се спроведува во соработка со компанијата Mozzart која го поддржа проектот.
Веќе петта година по ред, месец февруари повторно станува редок, како болест што може да ја има оној што седи до вас во автобус, ресторан или парк. Ништо не се знае за нивната „невидлива“ попреченост и малку се зборува во текот на годината, па затоа националната кампања ја менува реалноста.
Во текот на 28-те дена во февруари, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со 28 ретки болести, како и за методите на дијагностицирање, лекување и предизвици со кои се соочуваат лицата кои боледуваат од ретки болести.
„Во текот на годината многу малку се зборува за ретките болести и тоа е тема која не е доволно застапена во општеството, поради што решивме да го поддржиме и да бидеме дел од овој голем проект за кој слободно можеме да кажеме дека станува препознатлив во нашето општество со долгогодишна традиција“, истакна Љубица Толовска од компанијата Mozzart.
Првиот ден на ретки болести беше прославен во 2008 година на 29 февруари, редок датум што се случува само еднаш на секои четири години.
Оттогаш, Денот на ретките болести се одржува секоја година на последниот ден од месец февруари, месец познат по својот редок број на денови.
ПР
Економија
ЕСМ склучи договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за февруари

„ЕСМ продажба“ потпиша договор за набавка на природен гас за февруари 2023 за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од ЕСМ, на јавниот повик, кој беше достапен за сите домашни и странски компании, пристигнале две понуди – фирмата „Актаел“ со понуда од 99,83 eвра/MWh, а фирмата „Балкан јутилитис“ со понуда од 98,71 евра/MWh.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации што би произлегле од цената на гасот на берзите во моментот, но во берзанската цена не се пресметани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот, кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака“, соопштија од компанијата.
Со оваа набавка, како што појаснуваат, во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за други потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, додаваат од ЕСМ.
Јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година ќе биде спроведен во текот на февруари.