Економија
Стојаноски: Владата се грижи за животниот стандард на граѓаните, нема да го дозволиме ваквото однесување на трговците

На денешната трибина на тема „Цените го јадат стандардот на граѓаните, има ли решение?“ дебатираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој фокусот го стави на законот за нефер трговски практики и за тоа што е направено изминатата недела во однос на потпишувањето на меморандумот, но исто така акцент стави и на однесувањето на трговците но и што планира Владата да направи во насока на подобрување на стандардот на граѓаните.
Пратеникот Стојаноски, на почетокот ги коментираше и маратонските соопштенија на СДС, па посочи дека тие не се ни компетентни да зборуваат на темата за економијата со оглед на тоа што тие воделе погрешна политика и сето ова можело порано да се спречи затоа што токму тие самите имаат најголем удел во ова дивеење.
„Сето ова коешто се случува најголем удел во тоа имаат и самите тие, тоа е континуитет и тоа можеше многу порано да се спречи ако се водеа политики коишто ќе беа во насока на контролирање на ова дивеење. Јас само ќе ве потсетам на воведувањето на данокот на луксуз, оној данок на солидарност, покачувањето на ДДВ-то во моментот кога цените дивееја, одбивањето да слушаат кога државата имаше двоцифрена инфлација“, рече Стојаноски
На денешната трибина пратеникот го образложи законот за нефер трговски практики и дека во четвртокот е потпишан меморандум со Државниот пазарен инспекторат во насока да го споделуваат знаењето и да се споделуваат можностите коишто ги имаат двете институции.
„Ние откако ја презедовме власта прво го променивме законот во насока на професионализација на самата институција, ние прво сите пет члена ги направивме да бидат професионални, понатаму на сите пет члена им дадовме можност да бидат дел од комисијата за одлучување на прекршоци. Во четвртокот минатата недела се потпиша и меморандум со Државниот пазарен инспекторат во насока да го споделуваат знаењето или да ги споделуваат и оние можности коишто ги имаат двете институции. Како и во петокот Министерството за финансии, исто така, даде согласност за дополнување и дополнително доекипирање на таа институција, мислам дека седум вработени дополнително ќе добијат, за да можат овие работи да ги решаваат“, вели Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски упати апел до сите оние коишто се вклучени во трговскиот ланец, дека таквото однесување нема повеќе да се толерира, да не се служат со трикови затоа што со ова го напаѓаат животниот стандард на граѓаните, и напомена дека Владата ова нема да го дозволи во никој случај.
„Време е веќе крајно сите трговци и учесници во трговскиот ланец тука зборувам и за производители и за добавувачи и за тие коишто се крајна алка во трговскиот ланец, а тоа се трговците да го стават прстот на чело бидејќи таквото однесување нема повеќе да се толерира. Државата има инструменти коишто ќе ги искористи, државата нема да остане немоќна врз овие случувања и ќе дојдат, прво сега во изминатата недела имаше и ригорозни контроли а ете и во понеделник и во текот на наредната недела. Ќе ги запознаеме граѓаните кои се резултатите, така да ние немаме намера да се повлекуваме на ова нивно дивеење. Мислам дека треба да размислат, да гледаат малку во потенцијална иднина и да сфатат дека од оваа битка нема да излезат како победници, бидејќи ние како Влада, како институции кои се олицетворение за граѓаните, нема да дозволиме ваквите случувањa да станат секојдневно. Ќе ги казнуваме за ваквите однесување“, истакна Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„IFC со поддршка за енергетски проекти во Македонија“ – средба на министерката Божиновска со меѓународната финансиска корпорација

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со делегација од Меѓународната финансиска корпорација (IFC), предводена од регионалниот директор за Западен Балкан, Николас Маркиер. На средбата присуствуваа и Милица Средановиќ, одговорна за инвестиции во енергетскиот сектор за Западен Балкан, и Вадим Шербаков, одговорен за инвестиции во енергетскиот сектор за Македонија.
На средбата посебен акцент беше ставен на инвестициите во енергетскиот сектор и транзицијата кон обновливи извори на енергија, што е во согласност со зелената агенда на Македонија.
Министерката Божиновска ги информираше претставниците на IFC за приоритетите на Министерството, нагласувајќи ја важноста на проектите за зголемување на енергетската ефикасност и развој на обновливите извори на енергија. Таа истакна дека Владата е посветена на намалување на зависноста од фосилни горива,
Претставниците на IFC изразија подготвеност за поддршка на овие иницијативи, особено преку финансирање на проекти поврзани со енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и декарбонизација. Тие исто така ја истакнаа важноста на соработката со приватниот сектор и привлекувањето странски директни инвестиции како клучни фактори за одржлив економски раст.
Министерката Божиновска ја нагласи важноста на партнерството со меѓународни финансиски институции како IFC во процесот на енергетска транзиција и изрази уверување дека ваквата соработка ќе придонесе за постигнување на стратешките цели на земјата во енергетскиот сектор.
Зелената транзиција ќе добие значителен поттик од зголемената поддршка од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка која активно ја поддржува енергетската транзиција во регионот на Западен Балкан преку различни иницијативи и проекти и има значајна улога во мобилизирање на капитал за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност
Економија
Дурмиши со трговците и диструбутерите за ограничувањето на маржата: конечната одлука следната недела

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција денеска одржаа состанок со претставници на најголемите трговски ланци и дистрибутери во државата.
На состанокот се разговараше за предлог одлуката на Министерството за економија и труд за ограничување на бруто профитната маржа на 10% во трговија на големо и 10% во трговија на мало на дел од основните прехранбени производи и средства за хигена.
Трговците и диструтерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира.
На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела.
Економија
(Видео) Илиевски: Заканите од трговците за отпуштања се последица на слабото лидерство на Мицкоски

Заканите од трговците за отпуштање на 5000 работници се директна последица на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ да води економска политика која ќе ги заштити граѓаните, но и ќе обезбеди стабилност за работниците и компаниите. Така е кога Мицкоски наместо да биде лидер, глуми набљудувач во државата која ја води, изјави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„СДСМ, додека беше на власт, успеваше да донесе мерки кои ја контролираа ценовната криза без да дозволи отпуштања. Зошто? Затоа што се боревме за интересите на граѓаните, но и за стабилноста на пазарот“, рече Илиевски.
Тој апелираше до власта да ги прифати пакет мерките кои ги презентираа. Мерките се однесуваат на намалување на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто; намалување на ДДВ за основни прехранбени производи; замрзнување на цените на основните производи; фиксирање на маржите за основните производи; итна примена на Законот за нефер трговски практики; намалување на цената на „зелениот картон“ за автомобили и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.