Економија
Стојаноски: Овој ребаланс е директен доказ за тоа дека Македонија е на раб од банкрот

Во наредните 3 недели Собранието ќе расправа за ребалансот на буџетот за 2022 година. Овој ребаланс е директен доказ за тоа дека Македонија е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена и земја во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата, вели Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека државата никогаш немала повисока стапка на јавен долг, имаме, како што вели, највисока инфлација во последните 20-тина година, огромен недостиг на домашно производство на електрична енергија, најнизок економски раст во регионот, но најкорумпирана власт која за пет години успеа да уништи сиот институционален капацитет што се создавал во минатото.
„Ова е Влада на најголемите неработници. Се сменија десетина министри во економските ресори. Своето незнаење го покажаа Зоран Заев, Драган Тевдовски, Нина Ангеловска, Кочо Анѓушев, Мила Царовска, Фатмир Битиќи, Горан Сугаревски, Крешник Бектеши, Благоја Бочварски, Фатмир Бесими и Димитар Ковачевски. Резултатите нивни се катастрофални и се чувствуваат секојдневно и насекаде низ Македонија. Тоа не го велиме само ние, туку и меѓународните економски организации. Ние сме држава во која опаѓа продуктивноста, платите растат со субвенции од државата, јавниот сектор се зголемува, нема нови странски директни инвестиции, нема капитални инвестиции, јавниот долг ги пробива сите граници, а сме земја со најмал економски раст во последните пет години“, вели Стојаноски.
Дека власта нема институционален капацитет говори, како што додава Стојаноски и реализацијата на капиталните расходи. Наведува дека со ребалансот, повторно се кратат најпродуктивните трошоци, овој пат за 100 милиони евра.
„Македонија е задолжена како никогаш до сега. До крајот на годината јавниот долг ќе пробие и нов плафон, осум милијарди евра. Со месеци водите преговори со ММФ за кредитна линија која покрај нас ја бараат Панама и Мароко. Се наоѓаме во група на земји кои имаат најголем пораст на јавниот долг во периодот од пред корона-кризата до денес. Се радувате на инфлацијата, затоа што така ќе се намали процентот во однос на БДП. Генерации и генерации ќе го плаќаат економското цунами што се случува во моментов“, вели Стојаноски.
Најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, поднела 174 амандмани преку кои, како што појасни, ќе се обидат да го подобрат секојдневието на граѓаните.
„Со оваа власт на ДУИ и СДСМ кризата ќе се продлабочува бидејќи тие се извор на кризи. Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, напротив, Македонија ќе продолжи да тоне уште повеќе. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро за добро на граѓаните, државата, стопанството, младите, земјоделците, пензионерите, просветните, здравствените, образовните работници и секој еден човек“, подвлече Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со ребалансот се обезбедуваат средства за антикризни мерки

Премиерот Димитар Ковачевски на денешните пратенички прашања истакна дека со ребалансот на Буџетот за 2022 година кој очекува наскоро да го изгласа Собранието се обезбедуваат дополнителни скоро 80 милиони евра за брза реакција и нови мерки за заштита стабилноста на граѓаните и компаниите во услови на економската криза.
„Со оглед на тоа дека ефектот на кризата е пролонгиран заради војната во Украина и со оглед на тоа што цените на светските берзи и на енергенсите и на нафтените деривати и на храната и суровините постојано растат тоа беше една од претпоставките при конципирањето на ребалансот на Буџетот за 2022 година. Буџет којшто обезбедува стабилност и поддршка на граѓаните и компаниите и одржување на стандардот и ликвидноста на компаниите. Овие пари се да се поддржат граѓаните, компаниите кои што средства ќе бидат насочени за подготовка на мерки кои што ќе бидат таргетирани кон овие категории на граѓани и компаниите. Во самиот ребаланс на Буџет предвидени се и 52 милиони евра за земјоделците а обезбедени се и финансиски средства за покачување и исплата на пензиите, и на платите во образованието и детската заштита како и субвенции за покачување на минималната плата. Сето ова во моментот се наоѓа на гласање пред пратениците“ – рече Ковачевски.
Тој истакна дека вкупните приходи на Буџетот се зголемени заради добрата наплата на изворните приходи на Буџетот и приходите на фондовите а исто така и зголемени се вкупните расходи со цел финансирање на антикризните мерки до крајот на годината. Врз основа на планирани приходи и расходи дефицитот е планиран да биде поголем во однос на оригинално планираниот меѓутоа помал од она што се претпоставуваше и шпекулираше и дефицитот е проектирана на 5,3% од БДП во којшто нормално влегува и отплатата на долгот кон странство од минатото и исплатата на каматата по основ на тие задолжувања.
Премиерот Ковачевски посочи дека одговорноста во вакви услови за секоја Влада е огромна затоа што мора да се мисли на граѓаните, мора да се мисли на компаниите. Прво на најранливите категории на граѓани со цел да се заштити нивниот животен стандард, а од друга страна да се обезбеди ликвидност на компаниите со цел да може да функционираат и да се обезбеди понатамошен економски развој на истите.
„За таа цел, беа донесени 26 анти кризни мерки коишто тежеа 400 милиони евра и дополнително субвенционирање на електрична енергија што севкупно значеше таргетирани издатоци од 610 милиони евра, коишто издатоци обезбедија мерки да немаме ценовни шокови за граѓаните и да имаме најниски цени на енергенсите и особено на електрична енергија во целиот регион“ – рече Ковачевски.
Економија
Дизелот поевтинува, бензините остануваат со иста цена

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,83 % во однос на одлуката од 27.6.2022 година.
Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ и на „мазутот М-1 НС“ не се менуваат и со тоа малопродажната цена на „евросуперот БС-95“ изнесува 109,00 денати/л, малопродажната цена на „евросуперот БС-98“ изнесува 111,50 денари/л, а малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ изнесува 53,305 денари/кг.
Малопродажната цена на „евродизелот“ (Д-Е V), се намалува 2,50 денара/л и со тоа малопродажната цена на „евродизелот (Д-Е V)“ изнесува 106,50 денари/литар.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1 ) се намалува 2,00 денара/л и со тоа малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 105,00 денари/литар.
Од 30.6.2022 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин – „евросупер БС-95“ – 109,00 (денари/литар)
– моторен бензин – „евросупер БС-98“ – 111,50 (денари/литар)
– дизел-гориво – „евродизел БС (Д-Е V)“ – 106,50 (денари/литар)
– Масло за горење – екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 105,00 (денари/литар)
– мазут М-1 НС – 53,305 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,460 %, кај дизелот намалување во просек за 2,480 %, кај екстра-лесното масло намалување во просек за 2,201 % и кај мазутот зголемување во просек за речиси 0,032 % поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување.
Економија
Ковачевски: Навремените антикризни мерки ги спречија ценовните шокови

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на пратеничко прашање истакна дека навремените антикризни мерки ги спречија ценовните шокови и го заштитија стандардот на граѓаните.
„Како одговор Владата уште од почетокот на својот мандат носеше антикризни пакети и мерки, кои беа оценети како позитивни и успешни надвор од меѓународните институции и тоа стои во извештајот. Само да ве потсетам, во време на ковид-кризата беа донесени 6 пакети антикризни мерки од 1,2 милијарда евра, а сега за време на војната во Украина нови пакети антикризни мерки во вредност од 400 милиони евра, дополнително не дозволивме ценовен шок за граѓаните во однос на електричната енергија со оглед на тоа што електричната енергија за сите граѓани беше субвенционирана со 80 проценти од страна на државата, државата треба да им се најде на граѓаните тогаш кога им е најтешко“, рече Ковачевски.
Истакна дека се презедоа мерки и во однос на ограничувањето на цените и во однос на ригорозните и неселективните контроли во малопродажбата и големопродажбата.
„Имаше уште една многу значајна работа, а тоа е зголемувањето на пензиите, порано пензионерите беа користени пред избори за еднократно зголемување на нивните пензии. Она што го ветив кога станав премиер е дека пензионерите нема да бидат ставени во позиција пред избори да им се зголемуваат пензиите, туку ќе воведеме методологија, која ќе даде вистинско зголемување тогаш кога податоците од Државниот завод за статистика за зголемување на просечната плата и за зголемување на инфлацијата и затоа оваа година, која не е и нема да биде изборна година, имаме историски најголеми зголемувања на пензиите. Тоа се работи што во време на најголема криза, со домаќинско работење, овозможија првин да обезбедиме зголемена минимална плата, зголемена просечна плата, зголемени социјални додатоци и зголемени додатоци за електрична енергија и зголемени субвенции за инвестиции“, рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека и во услови на криза продолжуваат странските инвестиции, а младинската невработеност, која беше 48 %, сега е сведена на 28 % затоа што сите активности што се направени и во однос на гаранции и во однос на вработување и обуки на младите се во таа насока и тоа сега го гледаме.