Економија
ТАВ го пречека првиот комерцијален лет од Софија на скопскиот аеродром

ТАВ Македонија, утринава во 5 часот и 48 минути, со воден мост во форма на виножито го пречека првиот лет од Софија на бугарската авиокомпанија GullivAir на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Со авион од типот ATR 72 – 600 , којшто може да превезе 70 патници, авиокомпанијата го имаше својот прв редовен лет на Меѓународниот Аеродром Скопје, означувајќи го почетокот на нивното официјално комерцијално работење на македонскиот пазар.
„Како ТАВ возбудени сме да го одбележиме и прославиме влезот на GullivAir на македонскиот пазар, со денешниот лет на новата авиолинија од Софија до Скопје. Македонскиот главен град ќе биде поврзан со бугарскиот главен град, со авиолинија, два пати неделно, секоја сабота и секој понеделник, од денес, 26-ти март. Авиокомпанијата ќе сообраќа до Меѓународниот Аеродром Скопје првпат, па така можеме да ја додадеме GullivAir како нова авиокомпанија, а летовите на релација Софија-Скопје-Софија како нова авиолинија во портфолиото на Меѓународниот Аеродром Скопје и во портфолиото на македонскиот воздухопловен пазар воопшто, по подолг период. Среќни сме што авиокомпанијата почна да лета до и од скопскиот аеродром и покрај тековната криза со ковид-пандемијата. Авиолинијата Софија-Скопје-Софија сега ги поврзува двата главни града за само 30 минути. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал, како и за туристички,така и за деловни патувања. Бугарските и македонските патници може да сметаат дека оваа авиолинија е корисна за посета на главните градови на двете земји и во исто време тие можат да го продолжат своето патување до други подалечни дестинации во други странски земји. Оваа авиоконекција ќе придонесе не само за развојот на македонското воздухопловство, туку и за економската соработка меѓу двете земји. Се радуваме и очекуваме долготрајна и силна соработка и многу среќни и задоволни патници“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија истакнаа дека оваа нова авиолинија ќе овозможи на патниците и од Македонија и од Бугарија да уживаат и да ги откријат убавините на двата града – живописните градски паркови на Софија или центарот на градот, или богатите културни знаменитости на Скопје и шармантните природни локалитети.
„Авиокомпанијата GullivAir е среќна да го најави воведувањето на нов редовен лет меѓу Софија и Скопје. Портфолиото на редовни летови на GullivAir сега се зголемува до 3 нови авиолинии (Бургас, Скопје, Тирана), додека во средината на летото очекуваме да ги претставиме нашите нови редовни прекуокеански летови до Њујорк и Њу Делхи. Ова ќе им овозможи на граѓаните на Северна Македонија и нивните гости да истражуваат нови дестинации кои се достапни само со лет од 30 минути до Софија и поврзување со Црното Море – или до аеродромот во Бургас. Летовите на релација Софија-Скопје ќе летаат два пати неделно, или понеделник и сабота, со авион со 70 седишта во економска класа. Летот ќе трае само 30 минути, со што се создава погодна врска меѓу двата главни града, на кои во последните 15 години им недостигаше директна воздушна линија. Придобивките од овие летови ќе бидат суштински за нашите луѓе и ќе придонесат за зајакнување на добрите односи меѓу нас. Веруваме и очекуваме плодна соработка со ТАВ Македонија и скопскиот аеродром. Посебна благодарност до Министрите за транспорт и на Северна Македонија и Република Бугарија.“, изјави Георги Колев, извршен директор на GullivAir.
Резервациите и продажбата на авиобилети се достапни на веб-страницата на GullivAir https://gullivair.com/ Летовите се закажани од денеска, 26.03.2022 година, секоја сабота и понеделник.
ТАВ Македонија ги заврши првите 2 месеца од 2022 година (јануари и февруари) со вкупно 215.227 патници, на двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што претставува 107% пораст споредено со истиот период во 2021 година, додека споредено со 2019 година, којашто се смета за референтна година за воздухопловството, има пад од 29%.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата го утврди ребалансот на буџетот: „Кратење на непродуктивните трошоци за заштита на стандардот на граѓаните“

Владата на денешната 47. седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2022 година.
„Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели, како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека со предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, ќе се овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарната политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
„Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза, кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, стои во соопштението.
За деталите од предложениот ребаланс, Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција, која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.
Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.
Економија
Влада: Реализиравме клучно ветување – просечната месечна нето-плата 31.080 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во март 2022 година, изнесува 31.080 денари, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Ова значи и реализација на клучно ветување за просечна месечна нето-плата од 30.000, што веќе евидентирано ја надминува поставената цел. Во однос на март 2021 година, истата е зголемена за 10,1 отсто или за 2.863 денари.
Согласно статистика, ваквото зголемување се должи, пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (19.5 %).
Податоците на Државниот завод за статистика го потврдија трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата. Доколку последниот податок го споредиме со март 2017 година кога просечната плата била 22.445 денари, разликата е 8.635 денари.
Владата и во услови на најголема светска криза, продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат.