Економија
Трансформација, иновации и одржливост во фокусот на конференцијата „Бизнис лидер“
Вчера, на 17 септември, во хотелот Александар Палас, успешно се одржа првата конференција „Бизнис лидер“. Настанот, насловен „Обликување на иднината: Лидерство во ерата на трансформација“, ги обедини највлијателните и најуспешните бизнис лидери, претприемачи и претставници од јавниот и институционалниот сектор, со цел да се дефинираат стратешки насоки кои ќе го поттикнат растот и развојот на македонскиот бизнис сектор.
Конференцијата започна со воведен говор на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој нагласи дека бизнис заедницата е двигател на економијата, а улогата на државата е да обезбеди поволна деловна клима. Тој додаде дека економијата подготвена за иднината зависи од дигиталните политики и иновациите, како и од усогласувањето на економскиот потенцијал на земјата со паметни инвестиции.
Потоа, Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Бизнис Мрежа, ја презентираше „Макроекономската анализа на македонското стопанство за 2024 година“. Анализата откри ексклузивни податоци и трендови за економијата на Македонија. Според неа, вкупниот број на трговски друштва изнесува 73.384. Најголем број компании има во секторите: трговија на мало (19.1%), трговија на големо (9.1%), и товарен патен транспорт (4.3%). Највисоки профитни маржи остваруваат индустриите поврзани со недвижен имот (26.9%), компјутерска инфраструктура (26.7%) и друго рударство (25.5%). Најголем раст на приходите во периодот 2022-2024 е забележан во јавната управа (214%) и вадењето на сурова нафта и природен гас (72%). Во однос на странските инвестиции, компаниите со странски сопственици во 2024 година оствариле приходи од 8.8 милијарди евра и добивка од 0.5 милијарди евра. Во Македонија се регистрирани 3.522 компании со странски сопственици од вкупно 81 земја. Најмногу од овие компании се од Турција (25.1%), Србија (10.0%) и Бугарија (8.4%).
По анализата, Анета Коробкина, меѓународен коуч за трансформација, истакна дека современото лидерство се заснова на самосвесност и емоционална интелигенција, посочувајќи дека емоционалната интелигенција е фактор што прави 90% од разликата меѓу добар и одличен лидер.
Потоа следеше инспиративен разговор на тема „Зелена трансформација и конкурентност“, модериран од генералната директорка на Макстил, Марија Дуковска Павловска. Таа истакна дека деловните методи и организациската култура се клучни за управување со промените и имплементација на доброто корпоративно управување. Панелистот Горан Антевски, генерален директор на Раде Кончар – ТЕП, наведе дека ESG стандардите ги поттикнале да размислуваат за одржливост, а отпадот доколку се менаџира правилно може да биде извор на придобивка наместо проблем.
Конференцијата продолжи со динамична панел-дискусија на тема: „Финансиски партнери или само кредитори? Новата улога на банките во екосистемот на МСП“, модерирана од Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Бизнис Мрежа. Извршниот директор и член на Управен одбор на Халкбанк АД Скопје, Д-р Беркан Имери, нагласи дека банкарството се движи кон тоа да биде советник и партнер на компаниите, со услуги кои досега беа достапни само во високо развиените банкарски системи. Директорот на Сектор за корпоративни клиенти на Шпаркасе Банка АД Скопје, Благоја Устијаноски посочи дека најголемиот предизвик за МСП не е секогаш каматата, туку нивната подготвеност и транспарентност. Тој истакна дека дигиталниот пристап, преку онлајн апликации и вештачка интелигенција, ќе ја олесни комуникацијата и ќе ја зголеми брзината на одлуките. Славен Ќуриќ, извршен директор за трансформации и финансии на Мега-метал Словенија, додаде дека банката не треба да биде само кредитор, туку и партнер кој ќе им помогне на компаниите да ја подобрат финансиската дисциплина и управувањето со ризиците, земајќи ги предвид и нематеријалните фактори како што се иновациите, тимот и пазарниот потенцијал.
Генералниот директор на Млекара АД Битола, Ѓорѓи Петрушев, во својата главна презентација „Одржливост и лидерство во млечната индустрија“ нагласи дека одржливоста не е само маркетиншки израз, туку системска вредност која мора да биде прифатена од бизнис лидерите. По оваа презентација, Петрушев продолжи со инспиративен разговор, модериран од Владимир Ристевски, извршен директор на Евентика, каде истакна дека лидерството е обврска, а не само титула, која ја носи тежината на довербата што другите ја имаат во тебе. Според него, вистинските лидери треба да ја гледаат кризата како можност за трансформација. За да се изгради култура на еднакви можности, потребно е да се верува дека тоа носи поголеми вредности и подобри резултати, а разновидниот менаџмент значи поефикасно носење одлуки. Петрушев посочи и на важноста да се избере вредноста пред профитот, бидејќи репутацијата е најголемиот капитал на компанијата.
По оваа презентација, се одржаа уште три динамични панел-дискусии. На панел-дискусијата за „Лидерство во време на криза“, модерирана од Ирена Јакимова, меѓународен тренер и коуч за лидерство, Д-р Лазар Јовевски, професор на Правниот факултет, нагласи дека вистинскиот лидер гради визија и менталитет кој успешно го издигнува тимот над кризата преку усогласување на лидерството со постојаните промени. Генералниот директор на Порше Македонија, Златко Муцунски, истакна дека во времиња на неизвесност, лидерството не се мери само со резултати, туку и со отпорност и емпатија, а кризите се можност за раст. Контролинг менаџерката и членка на стратешкиот менаџмент на Зегин групација, Јана Ѓорчева Корубин истакна дека контролингот како систем на отчетност е од суштинско значење за вистинските лидери.
На третата панел-дискусија за „Финтек револуција и иднината на финансиите“, модерирана од генералната директорка на ЕОС Матрикс, Катерина Бошевска, беа истакнати клучните аспекти на дигиталната трансформација во финансискиот сектор. Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, нагласи дека интеграцијата на дигиталните пари, е-фактурата и податоците во реално време во даночните процеси придонесува за поедноставна, поточна и поефикасна наплата. Таа додаде дека финтек алатките не само што ја подобруваат ефикасноста, туку градат доверба и отвораат простор за иновации и раст. Благоја Хамамџиев, основач и управител на Моделикс, посочи дека финтек индустријата го решава проблемот на крајниот корисник преку брзи, евтини и
квалитетни услуги. Тој ја истакна можноста за реплицирање на успешни приказни како онлајн бакната Револут од Литванија доколку се олабави законската регулатива. Главната извршна директорка на Иуте Македонија, Биљана Мишиќ, нагласи дека во дигиталната ера, човечкиот фактор останува клучен. Според неа, иднината е во „phygital“ моделот, кој комбинира автоматизација со човечка поддршка, со цел да се изгради долгорочен однос со клиентите заснован на транспарентност и доверба.
На последната панел-дискусија за „Градење на организациска култура прилагодлива на промени“, модерирана од генералната менаџерка на Консалтинг Интер Груп Пенка Мукаетова, панелистите понудија клучни увиди. Димитар Ристовски, корпоративен секретар на Алкалоид, потенцираше дека силата на една компанија лежи во трајните вредности како искреност и чесност. Ивана Стојаноска, сениор менаџер за комерцијално работење на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, ја нагласи важноста на флексибилноста и адаптацијата, додека извршната директорка на Сава Осигурување Мелита Гугуловска истакна дека компаниите мора да имаат цврсти темели и да бидат флексибилни за адаптација.
На крајот од конференцијата, Борислав Тноковски во својот завршен говор истакна дека трансформацијата е неминовност, а во срцето на секоја успешна трансформација стои храбар, одговорен и визионерски лидер. Тој изрази надеж дека разговорите ги инспирирале присутните да продолжат да ја обликуваат иднината на своите компании и на општеството.
Организаторот на настанот, Владимир Ристевски, извршен директор на Евентика, изрази огромно задоволство од успехот на конференцијата. Тој истакна дека настанот „Бизнис лидер“ е создаден со цел да се постави повисок стандард во светот на настаните и да се создаде платформа каде елитата на бизнис-заедницата се среќава, разменува идеи и се инспирира. Според Ристевски, визијата на компанијата е фокусирана на иновации, дигитално и зелено, со акцент на доброто корпоративно управување како стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Скопје го предводи порастот на хипотеки – над 1.500 впишани за три месеци
Во периодот април – јуни годинава се запишани 2.876 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 551.537.664 евра и 8.319.220.917 денари, покажува Извештајот за работата на Агенцијата за катастар на недвижност за вториот квартал годинава.
Од април до јуни годинава во Центарот за катастар на недвижности Скопје се впишани 1 522 хипотеки во вредност од 289.526.966 евра и 4.999.018.379 денари, а во 29-те одделенија на катастарот низ државава 1 354 со вредност од 262.010.698 евра и 3.320.202.538.
Хипотеките во вториот квартал се за 280 повеќе во однос на тие во првиот квартал 2025-та кога биле впишани 2.596 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари.
Статистиката на АКН покажува зголемување на бројот на хипотеки во изминатите неколку години. Минатата година, во периодот јануари – декември се запишани 8.748 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.719.022.360 евра и 15.161.817.874 денари, а во 2023 година 7.844 со вредност од 1.572.943.764 евра, 11.585.447.070 денари, 77.983.115 швајцарски франкови и 108.772 американски долари. Во 2022 година, пак, се регистрирани 7.658 товари врз недвижностите во вредност од 1.549.977.309 евра, 9.452.669.859 денари и 20.000 американски долари, а во 2021 8.386 и со вкупна вредност од 1.997.252.023 евра и 15.824.963.591 денар.
Во базата на Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал годинава се внесени 6.135 купопродажби на недвижности (збир од вкупниот број на продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од Република Северна Македонија), за 580 повеќе во однос на претходниот квартал, кога биле регистрирани 5.388.
Според последните податоци на Народната банка, во септември годинава, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 проценти и 1,6 проценти, соодветно, при годишен раст од 10,2 проценти и 16,1 процент соодветно.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.

