Економија
Трипуновски: Со кампања ја подигаме свеста за купување домашни земјоделски производи

Цветан Трипуновски, претседател на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ имаше обраќање на денешната трибина на тема „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“, која се одржа во општина Струмица. Трипуновски зборуваше околу кампањата која би била насловена Македонско најдобро, а целта е да се подигне свеста за важноста од купувањето на домашни земјоделски производи и преработки со што се поддржуваат земјоделците и економијата во земјава. Тој додаде дека во рамки на кампањата ќе биде воведена и платформа која ќе овозможи лесен пристап до информации за производителите и продавачите на земјоделски производи, како и подобра евиденција на земјоделското производство во Македонија.
„Во изминатите месеци работевме еден проект кој сакаме да поттикнеме купување на домашни македонски земјоделски производи. Исто така и преработки. Кампањата би се викала Македонско најдобро, во текот на наредните 10тина дена ќе има и официјална презентација на истата кaмпaња со сите цели и аспекти кои што истата треба да се спроведат и да се постигнат“, рече Трипуновски.
Трипуновски истакна дека купувањето македонски земјоделски производи значи поддршка за домашните земјоделци, преработувачи и целата економија.
„Она што е суштината, сржта на оваа кампања е да ја подигнеме свеста кај македонскиот потрошувач дека со купувањето на македонските земјоделски производи и преработки од истите при самото купување помагаме пред се на оној кој што го произведува тој производ. Тоа е оној почитуван земјоделец којшто упорно работи надвор на полињата за да произведе и да имаме доволна количина на храна. При самото купување на било кој земјоделски производ, ја помагаме и домашната економија, ги помагаме сите преработувачи кои што учествуваат во секторот бидејќи истите имаат вработени кои што делат плата и едноставно нивните семејства ги издржуваат“, вели Трипуновски.
Тој посочи дека кампањата е добро прифатена од јавноста, а новина е воведувањето на платформа што ќе овозможи поврзување на производители, преработувачи и потрошувачи, со цел полесен пристап до домашни земјоделски производи и подобра евиденција на производството.
„Првиот впечаток од јавноста дека кампањата е убаво прифатена, исто така една од новините во оваа кампања ќе биде една платформа која што ќе биде изработена. Во платформата ќе имаме регистрација на сите земјоделски производители по тип на производство. Исто така ќе бидат регистрирани сите потрошувачи односно сите маркети, сите производители и преработувачи на земјоделски производи. Секој еден граѓанин со еден клик ќе може да си избере тип на производ кој што го сака да го купи, каде тој се продава од неговото место на живеење и на тој начин ќе имаме една база на податоци која што ќе значи целокупна евиденција на целокупното земјоделско производство во нашата држава,“ кажа Трипуновски.
Трипуновски додаде дека кампањата има за цел преку медиумска промоција да ја поттикне свеста кај потрошувачите за значењето на купувањето домашни земјоделски производи, со што, според него, директно се поддржуваат земјоделците, селото и македонската економија.
„Оваа кампања ќе биде пропратена со низа на медиумски елементи што ќе значи промоција на домашното производство, единствено целта е да ја подигнеме свеста кај потрошувачот, бидејќи со секое купување на било кој земјоделски производ ја помагаме нашата економија, нашето село и нашиот земјоделец којшто вредно работи“, заклучи Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.