Економија
Утре започнува исплатата на пензиите, зголемени се за 5,3%

Исплатата на зголемените пензии започнува утре. Пензионерите ќе добијат процентуално покачување од 5,3%. Најмногу ќе добијат корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари плус. Пензионерите, пак, со најниски пензии ќе добијат само 700 денари.
Од Министерството за труд и социјала велат:
„Согласно методологијата и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември ќе биде зголемена за 5.3%. Ова е второ усогласување за оваа година, во месец март беше зголемена за 8.4% и заедно со 5.3% во септември, изнесува вкупно 13.7%“.
Во земјава живеат околу 330 илјади пензионери. Најголемиот дел од нив, над 97 илјади месецот го туркаат со пензии до 13 илјади денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Утврден е предлогот на закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории, се испраќа до Собранието

Владата го разгледа и утврди текстот на Предлогот на закон за финанска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза, предложен од Министерството за труд и социјална политика, а за што беше донесена владина одлука.
Овој важен Предлог на закон, којшто значи државна финансиска поддршка на повеќе ранливи категории на граѓани за справување со продолжените ефекти од енергетската и ценовната криза, Владата го испраќа до Собранието на Република Северна Македонија со предлог да биде разгледан и усвоен по скратена постапка.
Со законското решение што се предлага се уредуваат корисниците на финансиската поддршка и висината, начинот за обезбедување и исплатата на финансиската поддршка на социјално ранливите категории на граѓани.
Корисници на финансиската поддршка којашто се обезбедува согласно Предлогот на закон, се лица од социјално ранилива категорија на граѓани, односно:
– корисници на посебен додаток;
– корисници на правото на надоместок заради попреченост;
– самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош;
– корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари;
– ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и
– студенти кои живеат надвор од местото на студирање.
Финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош – е предвидено да изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, е предвидено да започне исто така од месец декември 2023 година и да изнесува:
– 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка;
– 2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка и
-1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.
Финансиската поддршка за ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари е предвидено да изнесува 1.200 денари за ученици во основно образование, односно 1.800 денари за ученици во средно образование за период од шест месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Финансиската поддршка за студенти кои живеат надвор од местото на студирање е предвидена во висина на месечниот билет за меѓуградски сообраќај од местото на живеење на студентот до местото на студирањето, во износ не помал од 600 денари и не поголем од 1.200 денари месечно, за период од седум месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Исплатата на финансиската поддршка за: корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари е предвидено да се изврши без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, за остварено право во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка. Датумот на исплата на финансиската поддршка е предвидено да се објави на веб-страницата на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, најдоцна до 5-ти во месецот за тековниот месец.
За стекнување на правото за финансиска поддршка на ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари, Министерството за образование и наука објавува повик на својата веб-страница, којшто е предвидено да трае 7 дена од денот на објавувањето, а заедно со повикот да бидат објавени и соодветните документи за пријава. Пријавата се поднесува во училиштето во кое ученикот е запишан. За учениците кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање финансиска поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука секој месец да објавува повик, најдоцна до 5-от ден во месецот, а којшто повик трае 7 дена од денот на објавувањето.
За стекнување на правото за финансиска поддршка на студенти кои живеат надвор од местото на студирање предвидено е Министерството за образование и наука да објави повик на својата веб-страница, во времетраење од 7 дена од денот на објавувањето. За добивање на финансиската поддршка, студентот се пријавува на апликацијата e-uslugi.mon.gov.mk и внесува и приложува податоци и докази што се посочени како потребни. Министерството за образование и наука, по извршената проверка на податоците и доказите, во рок од 5 работни дена од денот на пријавувањето на студентот за добивање на финансиската поддршка, ќе утврди статус на прифатено или одбиено барање за финансиска поддршка во самата апликација.
За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиската поддршка на претходните повици, предвидено е Министерството за образование и наука да објавува повик секој месец, во времетраење од 7 дена од денот на објавувањето, а најдоцна до 5-от ден во месецот. Во Предлогот на закон е предвидена обврска на државните универзитети, секој месец, најдоцна до 10-ти во месецот, до Министерството за образование и наука да доставуваат список на редовни студенти за претходниот месец, со цел проверка на податоците.
Целта на Предлогот на закон за финанска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза е обезбедување финансиска поддршка за социјално ранливите категории на граѓани.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и неговите заменици за 7 месеци ќе земат над 4,5 милиони денари, а за студентите само 1000 денари

Димитар Ковачевски и неговите четворица заменици за 1 месеци ќе земат плата од над пола милион денари, или за 7 месеци заедно ќе земат над 4 и пол милион денари, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Покачувањето од 78 проценти, енормано ги зголеми платите на Димитар Ковачевски, Артан Груби, Славица Грковска, Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи за скоро 1000 евра, или за секој работен ден 50 евра.
И додека нивните плати растат, истите тие носат мерки за месечна помош за студентите од само 1000 денари.
За студентите месечно ќе дадат 1000 денари, или за 7 месеци тоа се 7000 денари.
Ова не е реална помош. Ова е само предизборен поткуп кој го прават со државни ресурси.
СДС сакаат со 1000 денари да го купат гласот на студентите.
Доколку СДС и Ковачевски сакаа да им помогнат на студентите тогаш прво ќе озбедеше квалитетно образование, а потоа ќе го изградеше и ветениот студентски град во Скопје, ветениот студентски дом во Штип уште во 2016та година.
Ковачевски мисли дека со овие 1000 денари ќе го купи достоинството на младите.
За премиерот Ковачевски и вицепремиерите во владата на СДС и ДУИ има европски плати, а за студентите трошки.
Овие мерки немаат никаков позитивен ефект врз животниот стандард на студентите.
Груби кој месечно добива плата од 2000 евра и понатаму се жали дека неговата плата била најниска.
Маричиќ кој на државна сметка се гоштева со бифтек, месечно зема плата од над 2000 евра.
Грковска и покрај тоа што е задолжена за добро владеење, никој не знае која е нејзината функцијата во владата, бидејќи корупцијата и криминалот се во пораст изминатите 7 години додека СДС е на власт, а зема плата од над 2100 евра.
Вицепремиерот за економски прашања Битиќи кој велеше дека само што не донеле закон за намалување на фунционерските плати, и понатаму месечно зема плата од над 2000 евра.
СДС и Ковачевски сакаат да ги купат студентите со по 1000 денари, додека тие ги уживаат сите привилегии и бенефиции од владеењето.
Време е СДС и Ковачсвки да си заминат.
Студентите не се на распродажба и никој нема и не смее да ги потценува.
Студентите мора да добијаат соодветни услови за студирање и за убав студентски живот.
Оваа влада на СДС и Ковачевски на следните избори ќе биде поразена од студентите“, пишува опозициската партија.
Економија
ДПМНЕ фатени како ги лажат пензионерите, со нив нема поголеми пензии за 5.000 денари, вели СДСМ

ДПМНЕ самите се фатија како сакаат да ги лажат пензионерите, велат од СДСМ
„Потпретседателката на ДПМНЕ, Гордана Димитриевска Кочовска, јавно на телевизија го повлече нивното ветување за зголемување на пензиите за 5.000 денари и додаде дека се однесувало на неколку наврати, па дури и на десет рати од по 500 денари.
Јасно беше уште кога го изнесоа ова лажно ветување, со ДПМНЕ нема поголеми пензии за 5.000 денари, сега само потврдија.
Пензионерите знаат дека покачувања на пензиите има со СДСМ и дека пензиите ќе продолжат да растат само со СДСМ. Вистински и реално. СДСМ веќе ги има зголемено пензиите и тоа за над 5.000 денари.
Во споредба со времето на ДПМНЕ, СДСМ за 50% ја зголеми минимална пензија и за 50% ја зголеми просечна пензија.
Во бројки, во време на ДПМНЕ просечната пензија изнесувала 13.754 денари, или нешто над 200 евра. Во март оваа 2023 година, просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 6.000 денари, односно 100 евра.
Минималната пензија, којашто во 2016 година во време на ДПМНЕ беше 9.000 денари, денес е 13.200 денари. Односно, оттогаш до денес е покачена за над 4.000 денари.
За пензионерите со пониски пензии полесно да ги поминат зимските месеци, со повеќе пари во семејните буџети, антикризните мерки предивидуваат примателите на пензија до 14.000 денари да добијат финансиска поддршка од 15.000 денари за 5 месеци, по 3.000 денари месечно.
Пензионерите со пензии од 14.001 денари до 16.000 денари ќе добиваат финансиска поддршка од 2.000 денари месечно, за период од 5 месеци и примателите на пензија од 16.001 до 19.000 денари ќе добиваат финансиска поддршка од 1.500 денари месено во наредните 5 месеци. Ете тоа е вистинска грижа за пензионерите.
СДСМ обезбедува постојан, континуиран раст на пензиите за сите 336.000 пензионери и пензиите само со СДСМ можат да продолжат да растат, реално, издржано и значително“, пишуваат од партијата.