Економија
ФИТР: Поддршка за над 150 ученици од целата држава за иновативни зелени проекти

Вкупно деветнаесет основни и средни училишта од целата држава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.
Проектите се наградени во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, кој го спроведува Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование.
Прворангираното основно училиште оваа година е ООУ „Григор Прличев“ од Охрид со проектот „Влијанието на користењето на алтернативни извори на енергија врз зачувувањето на здрава еколошка средина”, додека кај средните училишта прворангираното е ОЕМУЦ ,,Св.Наум Охридски” од Охрид со проектот “Електрично пловно возило”.
„Со четвртиот предизвик за млади истражувачи, уште еднаш потврдивме дека во државата имаме навистина голем број талентирани ученици на кои единствено им недостасува шанса да ги реализираат своите иновативни идеи. Во овие проекти ќе бидат вклучени околу 150 ученици и 38 ментори а над 70% од наградените училишта се за прв пат поддржани од ФИТР. Особено ме гордее што таков пример се и училиштата од Охрид кои аплицираа за прв пат и воедно се и прворангирани во двете категории. За прв пат се наградени училишта од Зрновци, Гевгелија, Валандово, Ресен и Шуто Оризари. Она што охрабрува е дека младите покажаа висока еколошка свест, желба за истражување и тимска работа како и потреба да стекнат нови вештини. Токму затоа, Фондот продолжува да креира предизвици и програми со кои ќе правиме позитивни промени за идните генерации од кои ќе создаваме успешни идни претприемачи” изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Вкупниот буџет обезбеден за јавниот повик изнесува три милиони денари, додека средствата предвидени за поединечен предлог проект изнесуваат максимум 200.000 денари. Наставниците кои ги предводат наградените тимови, за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во вкупен износ од 30.000 денари, која ќе можат да ја искористат за набавка на персонален компјутер, таблет, печатач или друг тип на дигитална опрема применлива во наставниот процес.
„Младите луѓе по природа се истражувачи. Наша обврска како Министерство за образование и наука, во креирањето политики и поддржувањето проекти е да го негуваме и поттикнуваме истражувачкиот потенцијал на учениците, што понатаму, низ школувањето ќе може да се надоградува. Затоа обезбедуваме повеќе средства, го менуваме пристапот и создаваме можности нашите основци, средношколци и студенти да ја покажат својата креативност, критичко мислење и вештини кои создаваат додадена вредност. Ме прави многу среќна кога ги гледам насмеаните лица на наградените млади истражувачи на овој, четврт по ред, предизвик што го организиравме заедно со Фондот за иновации и технолошки развој. Им посакувам и во сите натамошни предизвици да бидат победници и заедно со своите врсници да бидат генерации кои нашата убава држава ќе ја направат горда што ги има.“, изјави министерката за наука у образование Мила Царовска.
При селекција на проектите, предност имаa проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично, и се поднесени од училишта од рурални средини.
Комисијата за избор и одлучување беше составена од претставнци од секторот средно образование при МОН, Бирото за развој на образование, Здружението за поттикнување и подготовка на младите за успех во глобалната економија Џуниор Ачивмент Македонија, УНИЦЕФ и ФИТР.
На Предизвикот кој траеше од 17 март до 20 април, 2021 година, пристигнаа 79 предлог-проекти. Листата на наградени училишта е достапна на https://fitr.mk/javen-povik-za-finansirane-na-istrazuvacki-proekti-vo-osnovnite-i-srednite-ucilishta-predizvik-za-mladi-istrazuvaci-4-zeleni-proekti/
Во рамките на четирите јавни повици „Предизвик за млади истражувачи“ до сега се поддржани 109 училишни проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Анѓушев: Да се градат електрани од разни обновливи извори, а решение за вишоците струја се „Чебрен“, батерии и водород

Заинтересираните за изградба на електрани од обновливи извори треба да инвестираат во разни извори, а не само во фотоволтаици, порача претседателот на Македонската енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев, на дебатата за енергетика што се одржа за време на годишната конференцијата во организација на Владата на Република Северна Македонија.
„Треба да се водиме според стратегијата за енергетика до 2040 година. Во неа стои дека во инвестирањето во обновливи извори треба да се оди плански и стратешки. Односно, да се инвестира и во електрани на сонце, но и во електрани на ветер, на биогас, вода итн. Причината е што обновливите извори, а пред сè тука се мисли на ветерот и на сонцето, произведуваат електрична енергија во ист временски период кај сите електрани и со тоа настанува наплив на енергија во системот. Затоа мора да има диверзификација, за да нема целосно производствено поклопување“, нагласи Анѓушев.
Според Анѓушев, проблемот со наглото зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори е прашањето како и кога таа енергија да се искористи, односно или веднаш да влезе на мрежа или да се складира за одложено користење. Државата мора да има спремен одговор, кој од сега треба да се подготвува.
„Добар одговор е ‘Чебрен’, кој е планиран да се изгради како реверзибилна хидроелектрана со повторно искористување на водата за балансирање на системот; потоа да се уреди можноста за користење батериски системи за складирање на електричната енергија и како најиновативен пристап – вишокот електрична енергија да се претвора во водород и како таков да се складира“, истакна Анѓушев.
Економија
Битиќи: Развојната банка ја трансформиравме во најдобриот партнер за поддршка на економскиот развој

Во период на криза успеавме умешно Развојната банка да ја направиме најдобрата алатка во финансискиот систем, кој воведе нови механизми, инструменти за поддршка и развој на нашата економија, констатира заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и главниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, кои на владината конференција „Година на нови можности“ дискутираа за инвестициите и за економскиот развој во година на криза, при што се укажа дека во последните три години преку Развојната банка се пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
Битиќи укажа на важноста на креирањето на националната развојна стратегија како прв инклузивен процес со вклучување на сите засегнати страни бидејќи создава јасна визија на нашето општество за наредните 20 години каде треба да се одвиваме, визија во која Развојната банка ќе одигра многу важна улога во поддршка на развојот.
Тој истакна дека Владата креира механизми и инструменти за сето тоа да се поддржи бидејќи успеа умешно во период на криза Развојната банка да ја направи најдобрата алатка возможна во финансискиот систем за развојот на нашата земја.
„Не само што ја докапитализиравме Развојната банка, тие успешно и умешно креираа механизми заедно со Владата, во кои пилотираа и беа пионери во финансискиот пазар во нашата земја. Во секоја развиена земја токму Развојната банка ја има таа улога и се гордеам дека и во период на криза тоа го направивме и сметам дека имаме партнер што го немавме пред 5 години“, рече Битиќи.
Извршниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, во делот на вкупно пласирани средства во домашните компании за изминатите три години и ефектите од нив, изјави дека за три години пласиравме речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
„Само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра. Пласманите на кредитите се во разни дејности, а најголем процент, околу 40 %, се за поддршка на микро, мали и средни компании во производствената дејност.
Кредитните линии беа насочени кон поддржување на ликвидноста на компаниите, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, зачувување и отворање нови работни места, со што во изминатите три години се зачуваа околу 40.800 и се отворија речиси 1.500 нови работни места“, укажа Наумов.
Во текот на 2022 година за поддршка на компаниите во услови на енергетска, економска и ценовна криза Развојната банка ги воведе следните кредитни линии:
1. Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и од економската криза преку директно кредитирање од РБСМ (бескаматна) во износ од 5,5 милиони евра;
2. Кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергентите преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (бескаматна);
3. Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (камата до крајните корисници до 1,6 %);
4. Олеснување на условите на кредитирање на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 7 милиони евра (камата 1 %);
5. Субвенционирање камата по кредити дадени од деловните банки на компании, кои ја реинвестирале добивката во износ од 2 милиона евра;
6. Кредитна линија за обртни средства за компаниите погодени од енергетската и ценовната криза со директно кредитирање преку РБСМ во износ од 5 милиони евра со камата 2 % (со можност на обезбедување дополнителни средства во износ од 3,2 милиони евра).
Како што информира Наумов, во 2022 година РБСМ им даваше поддршка на компаниите и преку гарантната шема, која им овозможува на компаниите обезбедување дел од колатералот за одобрени кредити.
Користењето на овој продукт е во постојан раст и со состојба 31.12.2022 година износот на гарантирани кредити изнесува 9,8 милиони евра за 110 компании, потоа царинските гаранции за царински долг при увоз за облагородување, за поддршка на извозот.
„Развојната банка на домашните компании, покрај кредитите, им нуди уште два производа, осигурување извозни и домашни побарувања и факторинг (откуп на побарувања од странски и домашни купувачи). Интересот за овие два производа континуирано расте, особено во услови на криза кога ризиците од наплата се поголеми и потребата од тековна ликвидност е поголема. Компаниите може да си ги осигурат своите побарувања од комерцијални и политички ризици преку производот кредитно осигурување.
Во моментот имаме 80 осигуреници од разни индустриски гранки, со над 500 купувачи во 33 земји. Обемот на кредитно осигурување во 2022 година е на ниво од 100 милиони евра“, истакна Наумов.
Економија
ЕСМ: Произведени 19.626 MWh електрична енергија, домаќинствата и дополнителните снабдувања се целосно задоволени

АД ЕСМ на 31.1.2023 година произведе 19.626 MWh електрична енергија, со што целосно со сопствена произведена енергија ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални држави субјекти.
Во термоелектраните произведени се 15.351 MWh, а во хидроелектраните и во ветерниот парк во Богданци произведени се 4.275 MWh.