Економија
Цената на дизелот се зголемува за два денари од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,37 отсто во однос на одлуката од 13 јуни.
Од Регулаторна информираат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 2,407 отсто, додека зголемување има кај дизелот за 1,078, кај екстра лесното масло за 0,346 отсто и кај мазутот има намалување е за 0,102 проценти.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Од 18 јуни од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 111,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 113,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 109,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 105,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 56,317 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,488 проценти.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 18.6.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Во Велика Британија највисока инфлација во последните 40 години

Националната канцеларија за статистика на Обединетото Кралство со извештај ја прикажува инфлацијата во Британија која е зголемена на 9,1 проценти на годишно ниво во мај 2022, што е највисоко ниво во изминатите 40 години.
Податоците покажуваат дека инфлацијата во голем степен е поради повисоките најнови цени на електричната енергија во земјата и зголемените трошоци за гориво во услови на растечка енергетска криза во Европа, резултат на санкциите воведени против Русија.
Индексот на потрошувачките цени во април има раст за девет проценти во однос на истиот месец минатата година, се наведува во извештајот.
Според најновите оценки на британската централна банка, есенва инфлацијата во земјата ќе порасне до 11 проценти.
Во март, лондонскиот Центар за економски и деловни истражувања објави извештај, каде се предупредува дека Обединетото Кралство се соочува со најголем пад на животниот стандард од педесеттите години на минатиот век.
Економија
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на средба со претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел: Зелените финансии станаа потреба

Тековната криза е потсетник за потребата од постојано проактивно делување на полето на структурните реформи, како предуслов за поголема отпорност на економиите. Во овој контекст се и активностите за зајакнување на зеленото финансирање, односно поддршката на инвестициите во обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации.
За исполнување на своите основни цели, како одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, сѐ повеќе централни банки во светот преземаат активности за поддршка на зелените финансии. Нашата централна банка ги постави зелените финансии како стратегиска цел и работи на повеќе активности и монетарни мерки за нивно поттикнување.
За ова беше разговарано на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и Бјорн Габриел, претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, кој беше назначен кон крајот на мај.
Гувернерката посочи дека Народната банка, од минатата година, спроведува активности за подетално прибирање податоци за зеленото финансирање, како Анкетата за ризиците од климатските промени, којашто беше спроведена кај сите банки и штедилници во земјава. Анкетата покажа дека во банкарскиот сектор има висока свесност за ризиците коишто ги носат климатските промени, како и висок интерес за воведување „зелени“ производи.
Во овој контекст значајна улога имаат кредитите линии на меѓународните финансиски институции, како што е ЕИБ. Следејќи ја европската практика, Народната банка планира подготовка на насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, за начинот на вклучување на ризиците од зелената транзиција во стратегиите и деловните политики на банките, како и за транспарентно известување. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови коишто ќе го вклучат и ризикот од климатските промени.
Габриел ја истакна тековната поддршка на ЕИБ за секторот на малите и средни претпријатија во земјава, проектите од областа на животната средина за чиста вода и поголемите инфраструктурни проекти во транспортот и енергетиката. ЕИБ е подготвена да ја зголеми поддршката за Република Северна Македонија во заложбите за декарбонизација и инклузивна економија, како и заложбите на Народната банка во делот на зелените финансии и во одржувањето на стабилноста на финансискиот систем при нови предизвици поврзани со климатските промени.
Економија
Развојната банка со нова кредитна линија за енергетска ефикасност преку банки учеснички

Развојната банка почна со реализација на кредитната линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички наменета за обезбедување средства за инвестиции за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на микро, мали и средни трговски друштва, ТП и занаетчии, информираат од оваа институција.
Износот на средствата за реализација на оваа кредитна линија е 10 милиони евра.
Намената на кредитната линија е за поддршка на проекти за: енергетската ефикасност ЕЕ – максимална вредност на проектот е 30.750.000 денари, со рок на отплата до 8 години, со вклучен грејс-период до 12 месеци, и за обновливи извори на енергија (ОИЕ) – максимална вредност на проектот е 49.200.000 денари, со рок на отплата до 12 години со вклучен грејс-период до 24 месеци.
И во двата случаја банката ќе кредитира до 60 % од износот на проектот, а преостанатите минимум 40 % ќе се кредитираат од други извори како кредит од банката учесник или сопствени средства на инвеститорот (градежи, опрема, обртни средства, готовина и сл.)
Каматна стапка за крајните корисници е 1,6 % годишно.
Заинтересираните компании може да поднесат барање за користење средства од кредитната линија до 9 (девет) банки учеснички, и тоа: Шпаркасе банка АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, Стопанска банка АД Скопје, Уни банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, Силк роад банка АД Скопје, ТТК банка АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје и Прокредит банка АД Скопје.