Економија
Чешка и Полска постигнаа договор за спорниот рудник за јаглен во граничниот појас

Чешка и Полска денеска потпишаа договор за решавање на спорот поврзан со еколошката штета предизвикана од продолжувањето на работата на рудникот за јаглен „Туров“ на полската страна од границата со Чешка, соопшти чешкиот премиер Петр Фијала.
Според одредбите на договорот, Полска ќе ѝ плати на Чешка 45 милиони евра (50,8 милиони долари) како компензација за падот на водостојот во граничната зона и ќе ја заврши изградбата на заштитен подземен ѕид, соопшти Фијала, а пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Чешка, пак, ќе ја повлече тужбата што ја поднесе против работата на тој рудник до Европскиот суд на правдата, додаде тој.
Рудникот „Туров“, кој произведува лигнит и кафеав јаглен, е главен снабдувач на електрана која е важна за снабдување на Полска со електрична енергија.
Чешка покрена судски спор против Полска, наведувајќи дека рудникот им нанесува голема штета на населените места и животната средина во пограничниот регион.
Полска одлучи да ја продолжи лиценцата за работа на рудникот до 2026 година и покрај тоа што беше казнета со 500.000 евра дневно од Европската комисија поради игнорирање на претходната судска одлука за прекин на производството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ист гејт мол му посакува добредојде на H&M, големо отворање на 18 август 2022

Шведскиот моден бренд H&M ги отвора вратите на својата прва продавница во Македонија, во Ист гејт мол, во Скопје, на 18 август во 10 часот наутро.
Посетителите на Ист гејт мол ќе имаат можност да доживеат едно сосема ново потрошувачко искуство во продавницата дизајнирана согласно најновиот концепт на H&M. На површина од над 2.300м2 шведскиот моден бренд ќе и се претстави на македонската потрошувачка публика со најновите колекции за деца и тинејџери, мажи и жени.
,,Возбудени сме што конечно можеме да му посакаме добредојде на H&M во семејството на Ист гејт мол. Од денес Скопје се наоѓа на мапата на светските метрополи каде H&M има свои продавници. Ќе биде прекрасен ден на отворање на првата и единствена продавница на H&M во Македонија. Отворањето ќе биде вистински убав настан за лансирање на брендот на нашиот пазар, по примерот на останатите светски метрополи. На денот на отворањето, брендот ќе подели многу подароци вклучувајќи и попусти до 50% на селектирана облека и обувки. Со отворањето на H&M, во комбинација со останатиот бренд микс, Ист гејт мол се позиционира како водечки трговски центар на пазарот, каде потрошувачите можат да уживаат во сосема поинакво потрошувачко искуство” – изјави извршниот директор на Скопје Ист гејт, Игор Давков.
Ист гејт мол е единствениот трговски центар на пазарот каде водечките модни брендови, како H&M, Индитекс и ЛПП се присутни со своите целосни портфолија, најнови концепти и најголеми формати на продавници. Овие модни брендови во комбинација со над 200 останати, го позиционираат Ист гејт мол како најголем трговски центар во нашата земја.
Ист гејт мол е трговски центар од последната генерација на трговски центри, истиот се простира на 160.000м2 бруто изградена површина и 57.000м2 површина за изнајмување.
(ПР)
Економија
Од септември мерки за штедење на струја, државните институции ќе мора да ги намалат сметките за 15 отсто

Државните институции од септември ќе мора да ги намалат сметките за електрична енергија за 15 отсто во однос на истиот период од претходната година, а за таа цел Министерството за економија донесе сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија за безбедна зима, соопшти министерот Крешник Бектеши.
– Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими, не само ние, туку и во регионот и во Европа. Со цел да имаме непречено снабдување со струја и пониски сметки. Препораките се поделени во повеќе категории. За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки, а за институциите се предвидени конкретни задолженија. Целта е да се постигне 15% помала потрошувачка во однос на истиот месец од претходната година. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за институциите – рече тој.
Државните објекти кои се во сопственост на централната власт се задолжени да го исклучат декоративното осветлување на фасадите. Не смее да се користи светло внатре во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти во сезона на ладење температурата да се мести не пониско од 27 степени, односно во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
– Кратко и интензивно проветрување, исклучување на осветлувањето, да се исклучат сите компјутери по завршување на работата. Да се печатат само неопходни документи, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, се препорачува менување на ПВЦ-прозорци каде што е можно. Ќе треба институциите да имаат ангажирано лица кои ќе се грижат дали ова ќе се спроведува. Раководителите секој месец ќе достасуваат извештаи до Владата за потрошувачката на енергија. Овие задолженија ќе стапат на сила од 1 септември 2022 сè до 31 март 2023 година – додаде тој.
Во делот на јавните патишта треба да се намали осветлувањето до минимален сигурносен обем на осветлување улици, плоштади и други објекти.
Орце Костов
Економија
НЛБ Банка Скопје по шести пат прогласена за Најдобра банка во Македонија

На годинешните 14-ти „Европски банкарски награди“ (Europe Banking Awards), што ги доделува реномираниот магазин EMEA Finance, НЛБ Банка Скопје ја доби наградата „Најдобра банка во Македонија за 2021 година“.
Ова е шеста година по ред во која НЛБ Банка, од страна на магазинот ЕМЕА Finance, е прогласена за најдобра банка во земјата. Главните критериуми според кои се доделува оваа престижна наградата се: остварените финансиски резултати на банката, нејзината посветеност кон клиентите, воведувањето на иновации во работењето, особено во делот на дигитализацијата, поддршката што ја обезбедува за постигнување на одржлив развој и транзиција кон „зелена економија“, како и реализацијата на општествено одговорните проекти значајни за пошироката заедница.
„Среќни сме и особено горди што нашата Банка, шеста година по ред, ја добива наградата за најдобра банка. Тоа е големо признание и верификација на нашите континуирани напори за постигнување одлични резултати во сите сегменти од нашето работење и покрај отежнатите економски текови и пазарни услови присутни во текот на цела 2021 година. Следејќи ги потребите на нашите клиенти и современите трендови во банкарството и во текот на 2021-ва продолживме да вложуваме во развојот на нашите производи и севкупниот квалитет на услугите, ставајќи посебен акцент на дигитализацијата, како и на обезбедување кредитна поддршка на проекти кои придонесуваат за севкупниот економски развој на земјата и истовремено ја штитат животната средина. Со голем ентузијазам и посветеност продолживме да реализираме и бројни општествено одговорни проекти, за кои ја добивме и националната награда за најдобра општествено одговорна практика за 2021 година. Како и претходните, така и најновата награда за најдобра банка во земјата, ни дава дополнителен ‘ветер во грб’ и мотив да продолжиме да вложуваме во развојот на нашата Банка, посветени на грижата за нашите клиенти, на проширување на понудата со иновативни производи и секако многу важно, во придонесот во заедницата во која делуваме“, велат во НЛБ Банка.
ЕМЕА Finance e реномиран магазин кој во финансискиот свет е познат како „независен глас на финансиската заедница, нејзините клиенти и партнери“ во регионите на Централана и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Инаку, покрај НЛБ Банка Скопје, и во Словенија NLB e добитник на престижната награда „Најдобра банка за 2021 година“ од ЕМЕА Finance.
(ПР)