Економија
Штетата од руската инвазија на Украина достигнува 60 милијарди долари, велат од Светска банка

Реновирањето на сите згради и инфраструктура оштетени во Украина за време на војната со Русија ќе чини околу 60 милијарди долари, соопшти Светската банка.
Претседателот Дејвид Малпас на конференција на Светската банка рече дека раната проценка на цената на штетата не ги вклучува растечките економски трошоци на војната за Украина.
Степенот на штетата останува нејасен во некои области, како што е силно бомбардираниот Мариупол, иако се шпекулира дека 90 отсто од градската инфраструктура е уништена, се вели во соопштението.
„Се разбира дека војната сè уште трае, така што тие трошоци растат“, рече Малпас.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека на Украина и требаат 7 милијарди долари месечно за да ги надомести економските загуби предизвикани од војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Хјундаи“ инвестира повеќе од 12 милијарди долари во САД

Јужнокорејскиот производител на автомобили Hyundai Motor Group објави дека ќе инвестира 12,6 милијарди долари во изградба на погони за електрични возила и батерии во САД. Компанијата ќе потроши 7,6 милијарди долари на фабрика во округот Брајан, Џорџија, која ќе вработи повеќе од 8.500 работници. Во соработка со SK Ona, компанијата ќе инвестира и пет милијарди долари во фабрика за батерии во округот Бартоу, која ќе вработи околу 3.500 работници.
Техничкиот државен универзитет „Џорџија“ и неговиот Технолошки институт потпишаа меморандум за разбирање со Hyundai Motor Group, во кој се наведени соработката за истражување и примена на нови технологии вклучувајќи ја економијата на водород и развојот на работната сила.
Hyundai истакна дека во наредните години ќе создаде економска вредност во Грузија, која ќе се мери во десетици милијарди долари и ќе помогне да се отворат околу 40.000 работни места.
Економија
Бочварски и Закоњшек во Дојран ја промовираа Европската недела на мобилноста

Зелената агенда е висок приоритет на Министерството за транспорт и врски, со што преземаме низа мерки и активности за нејзина промоција како политика на Владата за заштита на животната средина и намалување на аерозагадувањето, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на општина Дојран.
Тој заедно со директорот на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница, Матеј Закоњшек, и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, ја одбележаа Европската недела на мобилноста, каде што се вклучија во промоција на велосипедот како алтернативно средство за превоз сè со цел да се подигне свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.
„Доколку сакаме поздрава животна средина, подобра иднина за нас и нашите деца, мораме да ги смениме нашите секојдневни навики и затоа сметам дека реформата во транспортните системи е неопходна. Ова е еден од алтернативните видови на превоз преку кој, почнувајќи од најмладите и вклучувајќи ги сите граѓани, сакаме да ја подигнеме свеста за користење на алтернативните видови на превоз, кои не само што го намалуваат аерозагадувањето туку заштедуваат и енергија. Ова е особено изразито во користење на автомобилите. Министерството за транспорт и врски е особено посветено на реализација на агендата за зелен транспорт, каде што се обидуваме преку транспортниот сектор да наметнеме нови мерки во намалување на загадувањето на животната средина“, изјави министерот Бочварски.
„Активно сме посветени на тоа како можеме да се движиме во нашите градови, нашите населени места на поинаков начин, на зелен и одржлив начин, на поздрав начин. Ова не е само во Европската Унија, туку во цела Европа и навистина се радувам што денеска со министерот Бочварски и овие ученици сме во Дојран, каде што го промовираме токму велосипедизмот. Со ова даваме одличен пример како преку поздрав алтернативен превоз можеме да влијаеме на подобрување на квалитетот на животната средина“, изјави директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.
Оваа година општина Дојран е дел од глобалната недела на урбана мобилност, во која учествуваат 2.695 града од 43 земји во Европа и светот.
„Како локална самоуправа се стремиме кон заштитата на животната средина и за таа цел презедовме низа активности за заштита на Дојранското Езеро како врвен приоритет. Во наредниот период е санација на колекторскиот систем и изградба на пречистителна станица како децениски проблем кој заедно го решаваме со Владата и со поддршка на словенечката амбасада. Како активност што ја преземаме во глобалната недела на мобилноста, Општина Дојран набави и 20 електрични велосипеди како придонес за заштита на животната средина, кои ќе им ги понудиме на туристите и сите заинтересирани граѓани“, изјави градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.
Економија
НБРМ: Во август годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 6,4 отсто на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени 10,1 % како резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор, велат од НБРМ.
Според надлежните, годишниот пораст на кредитите од 6,4 % е резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.
Паричната маса (монетарниот агрегат М31,2) во август 2023 година се намали 0,2 % на месечна основа главно поради падот на депозитните пари и готовите пари во оптек, а во помал дел и од долгорочните депозити до две години, во услови на раст на краткорочните депозити. Анализирано на годишна основа, паричната маса бележи раст од 7,4 %, што во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари, како и на краткорочните депозити при позитивно влијание и на другите компоненти.
„Во август вкупните депозити остварија месечно зголемување од 0,2 % и во целост се објаснува со растот на депозитите на корпоративниот сектор при пад на депозитите на домаќинствата. Годишниот раст изнесува 10,1 %, како резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор“.
Вкупните кредити во август се повисоки 0,3 % во споредба на месечно ниво во целост поради зголеменото кредитирање на секторот домаќинства. Годишниот раст од 6,4 % е резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства, информираат од НБРМ.