Економија
Јавниот и државниот долг се зголемени за над 8 проценти во период од три месеци
Јавниот и државниот долг во второто тромесечје се зголемени за над 8 проценти.
Jавниот долг, кој ги вклучува државниот, гарантираниот и негарантираниот долг заклучно второто тримесечје од 2020 изнесува 59,5% од БДП, што споредено со претходното тримесечје претставува зголемување за 8,8 процентни поени.
Државниот долг заклучно второто тримесечје е 50,7% од БДП, што споредено со претходното тримесечје повеќе за 8,9 процентни поени.
Од Министерството за финансии велат дека покачувањето на долговите во вториот квартал се должат пред се на повлекувањата на средствата преку еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд, со цел обезбедување на ликвидност во време на КОВИД-19 кризата, обезбедување на средства за реализација на антикризните мерки и непречено извршување на буџетот и покрај кризата, односно покривање на зголемениот дефицит поради падот на приходите како резултат на КОВИД кризата.
На промените на јавниот и на државниот долг влијаело повлекување на средства од склучени кредитни аранжмани со странски кредитори за вториот квартал од 2020 година во износ од 928,7 милиони евра, од кои 909,4 милиони евра за кредити на општа влада – 700 милиони евра за издадената Еврообврзница и 176,5 милиони евра од кредит од ММФ за Проектот за финансиска поддршка од инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба, како и 19,3 милиони евра за заеми на јавните претпријатија. Исто така, има и повлекување по основ на држвни хартии од вредност во износ од 127,7 милиони евра.
„Во овој период освен повлекувања, имаше и отплати кои влијаеа на висината на јавниот и на државниот долг, како отплатата на рата за обврзница за денационализација која доспеа на 01.06.2020 година во износ од 7,98 милиони евра и отплата на обврски по основ на главнина од претходно земени заеми надворешен долг за вториот квартал од 2020 година изнесува 60,4 милиони евра, од кои отплата на главнина на општа влада во износ од 38,01 милиони евра и отплата на долг на јавни претпријатија во износ од 22,39 милиони евра“, велат од Министерството.
Проекциите за до крајот на годината се дека јавниот долг ќе се задржи на 59,6% од БДП, додека државниот ќе се намали на 49,6% од БДП.
До крајот на годината, поголеми повлекувања кои се очекуваат се првата транша од Заемот за макрофинансиска помош од Европската комисија во износ од 80 милиони евра, додека поголема отплата до крајот на годината е отплатата на Еврообврзницата земена во 2015 година во износ од 178,330,000 евра која доспева на 01 декемри 2020, понатаму главнина за заемот од Дојче банка во износ од 13,5 милиони евта која доспева на 10 декември и краткорочниот заем од домашни комерцијални банки во износ од 132,5 милиони евра кој доспева исто така во декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.