Економија
Азески именува олеснувачи на преговорите меѓу Србија и Косово за надминување на бариерите во бизнисот
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, ги именува своите советници од кабинетот, д-р Елена Милевска-Штрбевска и Јадранка Аризанковска, за модератори и олеснувачи на преговарачкиот процес за надминување на административните бариери во економската соработка меѓу Србија и Косово, што ќе се одвиваат меѓу тимови од стопанските комори на двете земји, соопштија од Комората.
Првиот состанок ќе се одржи в четврток, 30.3.2023 година во Скопје, и ќе се одвива во утврдена динамика, со цел што побргу разрешување на сите спорни прашања поврзани со административните бариери, кои ја кочат економската соработка меѓу овие две земји.
„Веќе 12 години се одвива дијалогот Белград – Приштни, со посредство на Европската Унија, во кој на политички план сè уште не се постигнати значителни резултати.
Од прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година помеѓу двете земји постојат разни предизвици во однос на економската размена имајќи предвид дека официјален Белград не ги признава документите што ги издаваат косовските институции, како, на пример, сертификатите за потекло на производите од Косово.
Усогласувањето на спорните прашања во трговската соработка меѓу Србија и Косово е исклучително важно економско, но и политичко прашање, од причина што тоа може да доведе до нормализација на односите помеѓу овие две земји како нов исчекор во децениските тензични односи. Постојат и веќе потпишани договори, кои треба да обезбедат основа и инструменти за значајно подобрување на конкурентноста, економската кохезија и поврзаноста на целиот регион на Западен Балкан. Од тие причини и Стопанската комора на Северна Македонија како активен учесник во процесите на унапредување на регионалната соработка посветено се вклучи и во овој процес, чии придобивки би значеле и поттикнување на креативниот, економскиот и научниот потенцијал на регионот во целина.
За да се елиминираат сите недостатоци што се јавуваат во трговската размена, сега е вистинско време да се повлечат мудри потези во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговската соработка, што ќе обезбеди економски просперитет на двете земји, но и на Западен Балкан во целина. Затоа, за почеток, потребно е отстранување на сите административни бариери и создавање услови за подобрување на економската соработка доколку сакаме странските партнери и меѓународните институции да гледаат на регионот како просперитетен иден политички и економски партнер.
Обемот на соработката во рамките на регионот се намалува, земјите се слабо интегрирани во светската трговија, а наспроти тоа, светскиот извоз во изминатиот период забележува значителен пораст. За илустрација, земјите од Западен Балкан со извоз на добра и услуги од речиси 40 % од БДП далеку заостануваат во однос на другите земји, како, на пример, Словачка, Естонија, Латвија и Словенија, чиј извоз достигнува и до 80 % од БДП.
Влегуваме во неизвесност, која е катастрофална за бизнисот. Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција бидејќи ваквата неизвесност е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој“, се вели во соопштението на Стопанската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.