Економија
„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби од 11 отсто, со 99 нови вработувања и со инвестиции во износ од 219 милиони денари во периодот јануари – март
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2022 година продажбите достигнуваат 2.696.313.187 денари, што е за 12 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3.623.625.996 денари, што е за 11 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 9 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Од вкупните консолидирани продажби 33 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 67 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 9 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 146 %), Полска (раст од 114 %), Романија (раст од 102 %), Бугарија (раст од 69 %), САД (раст од 51 %), Албанија (раст од 24 %), Црна Гора (раст од 15 %), Косово (раст од 11 %), БиХ (раст од 8 %), Србија (раст од 7 %) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 89 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 24 %, препаратите ОТЦ со 20 %, кардиолошките препарати со 15 %, невролошките препарати заземаат 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 11 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 %, козметиката со 6 %, а билкарството учествува со 2 %.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2022 година изнесуваат 218.577.091 денари, што е за 22% повеќе во споредба со истиот период во 2021 година.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 534.547.162 денари, бележи зголемување од околу 4 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 298.147.012 денари и е зголемена за 5 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 637.917.566 денари и бележи раст од 5 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 361.453.045 денари е зголемена за 4 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари-март 2022 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 99 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 30.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.619 вработени, од кои 2.015 се во базата во Скопје, а 604 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2022 година се движеше од 16.385,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 18.257,95 денари за една акција, што претставува раст од 31,2 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 31.03.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.179 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 25,7 милијарди денари.
Бизнис-план за 2022 година
Бизнис-планот за 2022 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2021 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година.
Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзема неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.